Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали ги изградуваш другите на христијанските состаноци?

Дали ги изградуваш другите на христијанските состаноци?

Дали ги изградуваш другите на христијанските состаноци?

„Кога се собирате... сѐ нека биде за изградување“ (1. КОР. 14:26)

1. Според 1. Коринќаните 14. поглавје, која е една важна цел на христијанските состаноци?

,ОВОЈ состанок многу ме охрабри!‘ Сигурно и ти си кажал нешто слично откако си присуствувал на некој состанок во Салата на Царството. Христијанските состаноци се вистински извор на охрабрување, и тоа не нѐ изненадува. Впрочем, исто како во времето на првите христијани, една важна цел на нашите состаноци денес е сите присутни да бидат духовно зајакнати. Забележи како апостол Павле ја издвојува таа цел во своето прво писмо до Коринќаните. Низ целото 14. поглавје, тој повеќепати повторува дека сето она што се изнесува на собраниските состаноци треба да биде за „изградување на собранието“. (Прочитај 1. Коринќаните 14:3, 12, 26.) *

2. а) Зошто се чувствуваме охрабрени на состаноците? б) Кое прашање ќе го разгледаме?

2 Свесни сме дека на нашите состаноци се охрабруваме, пред сѐ, поради влијанието на Божјиот дух. Затоа, секој собраниски состанок започнува со срдечна молитва до нашиот небесен Татко, Јехова, во која го молиме да го благослови нашето собирање преку својот свет дух. Сепак, знаеме дека сите во собранието можат да помогнат да извлечеме што е можно поголема корист од состанокот. Тогаш, што би можел да направи секој од нас за седмичните состаноци што се одржуваат во нашата Сала на Царството секогаш духовно да нѐ охрабрат и да нѐ зајакнат?

3. Колку се важни христијанските состаноци?

3 За да го дознаеме одговорот, ќе разгледаме неколку работи што треба да ги имаат на ум браќата кои ги водат состаноците. Ќе видиме и како собранието во целина може да придонесе да бидат охрабрени сите присутни. Овие информации се многу важни за нас затоа што нашите состаноци се свети собири. Всушност, кога присуствуваме и учествуваме на нив, ние го славиме Јехова (Пс. 26:12; 111:1; Иса. 66:22, 23).

Состанок наменет за проучување на Библијата

4, 5. Која е целта на Проучувањето на Стражарска кула?

4 Сите ние сакаме да извлечеме потполна корист од нашето седмично Проучување на Стражарска кула. За да ја разбереме добро главната цел на овој состанок, да разгледаме накратко некои од промените што беа направени во списанието Стражарска кула и во статиите за проучување.

5 На насловната страница од првиот број на Стражарска кула за проучување (15 јануари 2008) беше вметнат еден значаен детаљ. Дали го забележа? Погледни ја внимателно насловната страница на списанието што го држиш. На сликата, веднаш под кулата, има отворена Библија. Ова ново обележје нагласува зошто воопшто се одржува состанок за Проучување на Стражарска кула. Со помош на ова списание, всушност, ја проучуваме Библијата. Значи, во текот на нашето седмично Проучување на Стражарска кула, добиваме ‚толкување‘ на Божјата Реч и ни се ‚помага да ја сфатиме смислата‘ на она што стои во неа, исто како во старо време кога живеел Неемија (Неем. 8:8; Иса. 54:13).

6. а) Каква промена беше направена во Проучувањето на Стражарска кула? б) Што треба да се има на ум во врска со стиховите кои треба да се прочитаат на глас?

6 Бидејќи на овој состанок, пред сѐ, се разгледува Библијата, беше направена уште една промена. Пред некои од наведените стихови во статиите за проучување сега стои зборот „прочитај“. Сите сме поттикнати да следиме во својата Библија кога се читаат овие стихови на состанокот (Дела 17:11). Зошто? Кога ги гледаме Божјите совети во нашата Библија, тие оставаат посилен впечаток врз нас (Евр. 4:12). Затоа, пред ваквите стихови да се прочитаат на глас, оној што го води состанокот треба да почека присутните да ги најдат стиховите за да можат да следат кога ќе бидат прочитани.

Повеќе време за да ја изразиме својата вера

7. Каква можност имаме во текот на Проучувањето на Стражарска кула?

7 Има промена и во должината на статиите за проучување. Во последниве години, тие се пократки. На тој начин, во текот на состанокот се троши помалку време за читање на пасусите и останува повеќе време за присутните да коментираат. Сега повеќемина во собранието имаат можност да ја изразат својата вера со тоа што ќе одговорат на прашањето, ќе објаснат некој стих, ќе раскажат кратко искуство што покажува колку е мудро да се постапува според библиските начела и сл. Треба да се одвои време и за да се објаснат сликите. (Прочитај Псалм 22:22; 35:18; 40:9.)

8, 9. Каква улога има оној што го води Проучувањето на Стражарска кула?

8 Меѓутоа, ќе можеме да слушнеме повеќе коментари само ако сите учесници коментираат кратко и ако братот што го води проучувањето и самиот не зборува премногу. Тогаш, што може да му помогне на водителот да ги урамнотежи своите коментари со коментарите на собранието за состанокот да биде изградувачки за сите?

9 Да земеме за пример една споредба. Кога братот добро го води Проучувањето на Стражарска кула, состанокот може да се спореди со еден убав букет цвеќе. Исто како што еден голем букет се состои од многу цвеќиња така и на овој состанок се даваат многу коментари. И, исто како што цвеќињата во еден букет имаат различна големина и боја така и коментарите во текот на состанокот се со различна должина и содржина. Тогаш, со што може да се спореди улогата на водителот? Коментарите што одвреме-навреме ги дава тој се како неколкуте зелени гранчиња што внимателно се ставаат во букетот. Тие не ги покриваат цвеќињата. Напротив, му даваат форма и складност на целиот букет. На сличен начин, оној што го води состанокот не смее да заборави дека не треба со своите коментари да ги засени изразите на фалба што ги дава собранието, туку само повремено да го дополни она што го кажуваат другите. Значи, кога вешто ќе се состават многуте различни коментари од собранието и неколкуте умесни забелешки од водителот, се добива прекрасен букет од зборови што ги радува сите присутни.

‚Секогаш да му принесуваме на Бог жртва на фалба‘

10. Како гледале првите христијани на собраниските состаноци?

10 Описот на христијанските состаноци што го дал Павле во 1. Коринќаните 14:26-33 ни помага да разбереме како се одржувале состаноците во првиот век. Во врска со овие стихови, еден изучувач на Библијата пишува: „Едно значајно обележје на состаноците на христијаните во првиот век сигурно било тоа што речиси секој доаѓал со мислата дека има и чест и одговорност да даде свој придонес. Никој не доаѓал на состанок само да слуша — не доаѓал само да прими, туку и да даде“. Првите христијани навистина се радувале што на собраниските состаноци имале можност да ја објавуваат својата вера (Рим. 10:10).

11. а) Што придонесува состаноците да бидат изградувачки, и зошто? б) Кои предлози би можеле да ги примениме за да ги подобриме своите коментари на состаноците? (Види ја фуснотата.)

11 Кога ја изразуваме својата вера на состаноците, многу придонесуваме за „изградување на собранието“. Сигурно ќе се сложиш дека, сеедно колку години одиш на состаноци, секогаш со задоволство ги слушаш коментарите на нашите браќа и сестри. Трогнати сме од одговорот што од срце ќе го даде некој постар, верен сохристијанин, охрабрени сме од длабоката мисла што ќе ја каже некој грижлив старешина, и не можеме да не се насмевнеме кога некое детенце спонтано ќе каже нешто од кое се гледа неговата искрена љубов кон Јехова. Значи, со нашите коментари, сите ние помагаме христијанските состаноци да бидат изградувачки. *

12. а) Што учиме од примерот на Мојсеј и на Еремија? б) Како е поврзана молитвата со коментирањето?

12 Но, на оние што по природа се срамежливи или плашливи може да им биде многу тешко да коментираат. Ако и ти си еден од нив, утешно е да знаеш дека мнозина се чувствуваат како тебе. Всушност, дури и некои верни слуги на Бог, како Мојсеј и Еремија, не се чувствувале кадарни да зборуваат пред многу луѓе (2. Мој. 4:10; Ерем. 1:6). Но, како што им помогнал на тие слуги во минатото јавно да го фалат, Јехова ќе ти помогне и тебе да му принесуваш жртва на фалба. (Прочитај Евреите 13:15.) Што би можел да сториш за да ти ја даде потребната помош и да немаш толку страв од коментирање? Прво, подготви се добро за состанокот. Потоа, пред да појдеш во Салата на Царството, обрати му се на Јехова во молитва и конкретно замоли го да ти даде храброст да коментираш (Фил. 4:6). Бидејќи таквото барање е „во склад со неговата волја“, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе одговори на твојата молитва (1. Јов. 5:14; Изр. 15:29).

Состаноци наменети да ‚изградуваат, охрабруваат и утешуваат‘

13. а) Како треба да влијаат состаноците врз присутните? б) Кое прашање е многу важно за старешините?

13 Павле вели дека важна цел на собраниските состаноци е да ги ‚изградуваат, охрабруваат и утешуваат‘ присутните * (1. Кор. 14:3). Како можат христијанските старешини денес навистина да ги охрабрат и да ги утешат браќата и сестрите кога имаат точка на состаноците? За да го дознаеме одговорот, да размислиме за еден состанок што Исус го водел со учениците кратко откако воскреснал.

14. а) Што се случило пред состанокот што го свикал Исус? б) Зошто мора да им олеснило на апостолите кога ‚Исус им пришол‘ и им зборувал?

14 Прво, да видиме што се случило пред овој состанок. Ноќта пред да биде погубен Исус, апостолите ‚го напуштиле и побегнале‘ и, како што било проречено, ‚се распрснале, секој во својата куќа‘ (Мар. 14:50; Јован 16:32). Потоа, по своето воскресение, Исус ги повикал своите обесхрабрени апостоли да дојдат на еден посебен состанок. * „Единаесетте ученици“ го прифатиле повикот и ‚отишле во Галилеја на гората каде што ги упатил Исус‘. Кога пристигнале на тоа место, ‚Исус им пришол‘ и им зборувал (Мат. 28:10, 16, 18). Замисли си колку мора да им олеснило на апостолите кога Исус прв им пришол! А што имал да им каже?

15. а) За што зборувал, а за што не зборувал Исус? б) Како влијаел тој состанок врз апостолите?

15 Исус им се обратил со следниве зборови: „Дадена ми е сета власт“. Потоа им дал една задача: „Затоа одете и правете ученици“. На крајот, со љубов ги уверил дека ќе им помага, велејќи: „Јас сум со вас во сите денови“ (Мат. 28:18-20). Но, дали забележа што не направил Исус? Не ги прекорил своите апостоли ниту, пак, го искористил тој состанок за да изрази сомневање во нивните мотиви или да им го засили чувството на вина спомнувајќи им дека во еден момент се поколебале во верата. Напротив, со тоа што им доверил една важна задача, Исус ги уверил дека и тој и неговиот Татко ги сакаат. Како влијаел ваквиот негов однос врз апостолите? Тие биле толку охрабрени и утешени што, набрзо по тој состанок, повторно почнале ‚да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест‘ (Дела 5:42).

16. Како христијанските старешини денес го следат примерот на Исус и ги водат состаноците на начин кој ги охрабрува присутните?

16 Следејќи го примерот на Исус, денешните старешини се трудат да ги користат состаноците за да ги уверат соверниците во постојаната љубов што Јехова ја чувствува кон својот народ (Рим. 8:38, 39). Затоа, кога поучуваат на состанокот, старешините се концентрираат на добрите страни на своите браќа, а не на нивните слабости. Тие не изразуваат сомневање во нивните мотиви. Напротив, она што го кажуваат открива дека на своите браќа гледаат како на лица кои го сакаат Јехова и кои сакаат да го прават она што е исправно (1. Сол. 4:1, 9-12). Се разбира, понекогаш старешините треба да му дадат совети на целото собрание, но ако само на неколкумина им е потребна исправка, тогаш најдобро е тие да бидат советувани насамо (Гал. 6:1; 2. Тим. 2:24-26). Секогаш кога е можно, старешините се трудат да го пофалат целото собрание (Иса. 32:2). Се трудат да зборуваат на таков начин што, на крајот од состанокот, сите присутни ќе се чувствуваат зајакнати и охрабрени (Мат. 11:28; Дела 15:32).

Сигурно прибежиште

17. а) Зошто е поважно од кога и да било порано состаноците да ни бидат сигурно прибежиште? б) Како можеш ти лично да придонесеш состаноците да бидат изградувачки? (Види ја рамката „Што да направиш за состаноците да бидат изградувачки за тебе и за другите“.)

17 Додека Сатановиот свет сѐ повеќе нѐ притиска, треба да даваме сѐ од себе за нашите христијански собири да бидат сигурно прибежиште и извор на утеха за сите (1. Сол. 5:11). Една сестра која заедно со својот маж минувале низ многу тешки моменти пред неколку години, вели: „Кога бевме во Салата на Царството, чувствувавме како Јехова да нѐ држи во прегратка. Таму, опкружени со нашите христијански браќа и сестри, навистина можевме да го фрлиме своето бреме на Јехова и да чувствуваме внатрешен мир“ (Пс. 55:22). Сакаме сите што доаѓаат на нашите состаноци да бидат охрабрени и утешени на ваков начин. Затоа, да продолжиме да го даваме својот дел за да ги изградуваме другите на христијанските состаноци.

[Фусноти]

^ пас. 1 Било проречено дека христијанските состаноци подоцна ќе изгубат некои од обележјата што ги имале во првиот век. На пример, ние повеќе не ‚зборуваме на други јазици‘ и не ‚пророкуваме‘ (1. Кор. 13:8; 14:5). И покрај тоа, советите што ги дал Павле ни помагаат подобро да разбереме како треба да се водат христијанските состаноци денес.

^ пас. 11 Во Стражарска кула од 1 септември 2003, на страници 19-22, можеш да најдеш предлози како да ги подобриш своите коментари на состаноците.

^ пас. 13 Во врска со разликата меѓу зборовите „охрабрува“ и „теши“, еден речник објаснува дека грчкиот збор преведен со „теши“ пренесува „повеќе нежност отколку [зборот ‚охрабрува‘]“ (Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words; спореди со Јован 11:19).

^ пас. 14 Ова можеби била средбата која подоцна ја спомнал Павле кога рекол дека Исус ‚им се појавил на повеќе од петстотини браќа‘ (1. Кор. 15:6).

Како би одговорил?

• Колку се важни христијанските состаноци?

• Зошто коментарите што се даваат на состаноците придонесуваат за „изградување на собранието“?

• Што може да научиме од еден состанок што Исус го водел со своите ученици?

[Прашања]

[Рамка/слики на страници 22 и 23]

ШТО ДА НАПРАВИШ ЗА СОСТАНОЦИТЕ ДА БИДАТ ИЗГРАДУВАЧКИ ЗА ТЕБЕ И ЗА ДРУГИТЕ

Подготви се дома. Кога однапред ќе го проучиш материјалот што ќе се разгледува во Салата на Царството, со поголем интерес ќе ја следиш програмата, и таа ќе остави посилен впечаток врз тебе.

Присуствувај редовно. Повеќе се охрабруваме кога има голем број присутни на состанокот. Затоа е важно и ти да бидеш таму.

Дојди навреме. Ако седиш на своето место пред да почне програмата, ќе можеш да учествуваш во уводната песна и во молитвата, со кои го фалиме Јехова.

Носи со себе сѐ што ти е потребно. Понеси си ја Библијата, како и публикациите што ќе се користат на состанокот за да можеш да следиш во нив и подобро да го разбереш она што ќе се разгледува.

Не дозволувај нешто да ти го одвлекува вниманието. На пример, читај ги СМС-пораките после, а не во текот на состанокот. Така ќе покажеш дека знаеш што е поважно.

Учествувај. Кога повеќемина коментираат, поголем дел од присутните ќе бидат охрабрени и изградени слушајќи ги различните изјави на вера.

Давај кратки коментари. На тој начин повеќе присутни ќе имаат можност да коментираат.

Извршувај ги своите задачи. Кога имаш учество во Теократската школа за служба или на Состанокот за нашата служба, биди добро подготвен, однапред вежбај и искрено потруди се да не ја откажуваш задачата.

Пофали ги оние што имале учество на состанокот. Кажи им на оние што учествувале во програмата или, пак, дале коментар, колку многу го цениш трудот што го вложиле во тоа.

Дружи се. Срдечното поздравување и охрабрувачките разговори пред и по состаноците ја зголемуваат радоста и се додатна причина зошто присутните извлекуваат корист од нив.