Си определил ли време за проучување на Библијата?
Си определил ли време за проучување на Библијата?
МИНАТАТА година, Водечкото тело објави една промена во распоредот на собраниските состаноци, која овозможува семејствата да имаат повеќе време за проучување на Библијата и за дискусија за библиски поуки. Ако си семеен поглавар, труди се редовно да ја проучуваш Библијата со твојата сопруга и со децата. Имај за цел сите да извлечат корист од проучувањето. Брачните парови без деца можат да го користат ова време за да проучуваат заедно. Браќата и сестрите без семејни одговорности можат да ја проучуваат Библијата сами.
Многумина изразија ценење за новата промена со која семејствата имаат уште една слободна вечер што можат да му ја посветат на Јехова. На пример, еден старешина по име Кевин вели: „Благодарноста што ја чувствуваме како собрание не може да се опише со зборови. Како старешини, дискутиравме за начините на кои ја користиме слободната вечер за да го правиме токму она што го предвидело Водечкото тело — да проучуваме заедно со нашите семејства“.
Џоди, чиј сопруг е старешина, пишува: „Имаме три ќерки на возраст од 15, 11 и 2 години. Неодамна се префрливме во собрание на знаковен јазик. Потребно е многу време и напор за да се подготвиме за сите состаноци. Сега, откако беше воведена новата промена, имаме уште една вечер што можеме како семејство да му ја посветиме на Јехова!“
Џон и Џоен се во брак и служат како општи пионери. Тие пишуваат: „Честопати не се држевме за некој редовен термин за семејно проучување бидејќи моравме некако да го вметнеме меѓу другите собраниски активности. Оваа нова промена е дар од Јехова кој духовно нѐ поткрепува — под услов да го користиме времето како што треба“.
Тони, самец на возраст од околу 25 години, проучува во вторник навечер. За состаноци се подготвува други денови од седмицата. Но, тој вели: „Многу го сакам вторникот. Тоа ми е посебна вечер одвоена за Јехова.“ Тони објаснува: „Околу два часа проучувам теми што ми помагаат да станам уште поблизок со Јехова. Бидејќи имам повеќе време за проучување, можам подолго да се задржам на библиските стихови што ги читам“. Каков е резултатот? „Јеховините совети продираат подлабоко во моето срце отколку порано.“ Тој наведува и еден пример: „Во книгата Увид [на англиски] читав за пријателството помеѓу Давид и Јонатан. Од несебичноста на Јонатан можев многу да научам. Неговиот пример ми помогна подобро да сфатам што значи да се биде вистински пријател. Со нетрпение го очекувам секој вторник за да откријам уште многу вакви бисери!“
Нема сомнение дека сите Јеховини слуги ќе имаат голема корист ако дополнителната слободна вечер му ја посветат на Јехова и ако делотворно ја проучуваат Библијата како семејство.