Вечен живот на Земјата — надеж што ни ја дава Бог
Вечен живот на Земјата — надеж што ни ја дава Бог
„Созданието е подложено на ништожност... но притоа е дадена и надеж“ (РИМ. 8:20)
1, 2. а) Зошто за нас е важна надежта за вечен живот на Земјата? б) Зошто на мнозина не им се верува дека луѓето ќе живеат вечно на Земјата?
ВЕРОЈАТНО се сеќаваш на големата радост што си ја почувствувал кога си дознал дека, во блиска иднина, луѓето веќе нема да стареат и да умираат, туку ќе живеат засекогаш на Земјата (Јован 17:3; Отк. 21:3, 4). Без сомнение, ти веќе радосно ја споделуваш оваа библиска надеж со другите. Впрочем, надежта за вечен живот е многу важен дел од добрата вест што ја проповедаме. Таа влијае врз нашиот целокупен став кон животот.
2 Но, повеќето религии во христијанскиот свет воопшто не ѝ обрнуваат внимание на надежта за вечен живот на Земјата. Иако Библијата учи дека душата умира, повеќето цркви ги поучуваат луѓето дека човекот има бесмртна душа и дека таа наводно продолжува да постои по смртта и да живее во духовниот свет (Езек. 18:20). Затоа на мнозина не им се верува дека луѓето ќе живеат вечно на Земјата. Според тоа, би можеле да прашаме: Дали Библијата навистина ни дава основа за таква надеж? Ако да, тогаш кога Бог првпат им ја открил на луѓето?
„Подложено на ништожност... но притоа е дадена и надеж“
3. Како Бог, уште откако го создал првиот човек, покажал која е неговата намера во врска со луѓето?
3 Уште во почетокот, Јехова им открил на луѓето која е неговата намера со нив. Тој јасно покажал дека Адам ќе живее вечно ако му е послушен (1. Мој. 2:9, 17; 3:22). Без сомнение, првите потомци на Адам дознале како човекот го изгубил совршенството, и тоа било поткрепено со видливи докази. Влезот во градината Еден бил спречен, а луѓето старееле и умирале (1. Мој. 3:23, 24). Со текот на времето, животниот век на човекот сѐ повеќе се скратувал. Адам живеел 930 години. Сем, кој го преживеал Потопот, живеел само 600 години, а неговиот син Арфаксад живеел 438 години. Тара, татко му на Авраам, живеел 205 години. Самиот Авраам живеел 175 години, неговиот син Исак 180 години, а Јаков живеел 147 години (1. Мој. 5:5; 11:10-13, 32; 25:7; 35:28; 47:28). Многумина сигурно сфатиле што значи ова постепено скратување на животниот век — дека надежта за вечен живот била изгубена! Имале ли причина да веруваат дека еден ден луѓето сепак ќе живеат вечно?
4. Која цврста основа ја имале верните луѓе во минатото да веруваат дека Бог повторно ќе ги излее благословите што ги изгубил Адам?
4 Божјата реч вели: „[Човечкото создание] е подложено на ништожност... но притоа е дадена и надеж“ (Рим. 8:20). За каква надеж станува збор? Уште првото пророштво во Библијата укажало на едно „потомство“ кое ќе ѝ „ја смачка главата“ на змијата. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-5, 15.) Токму ова ветување за Потомство им дало на верните Божји слуги цврста основа да се надеваат дека Бог не се откажал од својата намера во врска со човекот. Тоа ветување им дало причина на луѓе како што биле Авел и Ное да веруваат дека, еден ден, Бог повторно ќе ги излее врз човештвото благословите што ги изгубил Адам. Меѓу другото, тие веројатно сфатиле дека, кога потомството ќе биде ‚рането во петицата‘, ќе биде пролеана крв (1. Мој. 4:4; 8:20; Евр. 11:4).
5. Што покажува дека Авраам верувал во воскресение?
5 Размисли за Авраам. Кога бил искушуван, тој ‚бил спремен да го принесе својот единороден син‘ (Евр. 11:17). Зошто? (Прочитај Евреите 11:19.) Затоа што верувал во воскресение! Авраам имал причина да верува во воскресение. Всушност, иако Авраам и Сара биле многу стари и нивната способност за размножување, така да се каже, била мртва, Јехова повторно им ја вратил и им овозможил да имаат син (1. Мој. 18:10-14; 21:1-3; Рим. 4:19-21). Освен тоа, Бог му дал и ветување на Авраам, кога рекол: „Преку Исак ќе дојде она што ќе се нарече твое семе!“ (1. Мој. 21:12). Значи, Авраам навистина имал добри причини да верува дека Бог ќе го воскресне Исак.
6, 7. а) Каков сојуз склучил Јехова со Авраам? б) Во која смисла ветувањето што му го дал Јехова на Авраам им дава надеж на луѓето?
6 Затоа што Авраам имал извонредна вера, Јехова склучил со него сојуз во врска со неговото семе, односно „потомство“. (Прочитај 1. Мојсеева 22:18.) Со текот на времето, било откриено дека главниот дел од ‚потомството‘ е Исус Христос (Гал. 3:16). Јехова му рекол на Авраам дека ќе го намножи неговото „потомство“ „како ѕвездите на небото и како зрнцата песок на морскиот брег“ — број што му бил непознат на Авраам (1. Мој. 22:17). Меѓутоа, подоцна овој број бил откриен. Ова „потомство“ го сочинуваат Исус Христос и 144.000 лица кои ќе владеат заедно со него во неговото Царство (Гал. 3:29; Отк. 7:4; 14:1). Преку месијанското Царство „ќе се благословат сите народи на земјата“.
7 Авраам сигурно не го разбирал потполното значење на сојузот што Јехова го склучил со него. И покрај тоа, ‚очекувал град со вистински темели‘, вели Библијата (Евр. 11:10). Тој град е Божјето Царство. За да ги доживее благословите што ќе ги донесе тоа Царство, Авраам мора да стане од мртвите. Со воскресението, тој ќе може да живее вечно на Земјата. Всушност, вечно ќе можат да живеат и сите оние што ќе го преживеат Армагедон или, пак, ќе бидат подигнати од мртвите (Отк. 7:9, 14; 20:12-14).
„Духот ме притиска“
8, 9. Зошто книгата на Јов не е само извештај за страдањата на еден човек?
8 Во периодот меѓу смртта на Јосиф, правнукот на Авраам, и времето на пророкот Мојсеј, живеел еден човек кој се викал Јов. Библиската книга Јов, која веројатно ја напишал Мојсеј, објаснува зошто Јехова дозволил Јов да страда и што се случило со него на крајот. Но, оваа книга не е само извештај за страдањата на еден човек. Напротив, таа зборува за работи кои ги засегаат сите разумни суштества. Книгата Јов ни помага да сфатиме дека Јехова ја спроведува својата власт на праведен начин. Но, од неа учиме и дека верноста на сите Божји слуги на Земјата, како и нивната надеж да живеат вечно, е поврзана со спорното прашање кое било покренато во Еден. Иако не го разбирал ова прашање, Јов не им дозволил на тројцата пријатели да го наведат да мисли дека не му останал верен на Бог (Јов 27:5). Ова треба да ни ја зајакне верата и да ни помогне да сфатиме дека ние можеме да му останеме верни на Јехова и да го поддржиме неговото право да владее.
9 Откако тројцата таканаречени тешители на Јов престанале да зборуваат, проговорил „Елиу, синот на Варахил од Вуз“. Што го навело да зборува? „Полн сум со зборови“, рекол тој. „Духот ме притиска во утробата“ (Јов 32:5, 6, 18). Иако она што го кажал Елиу под водство на духот се исполнило на Јов, откако поминале неговите неволји, тие зборови се важни и за други луѓе. Всушност, тие зборови содржат надеж за сите оние што му остануваат верни на Бог.
10. Што покажува дека понекогаш пораката што Јехова му ја дава на еден човек ги засега и луѓето воопшто?
10 Понекогаш пораката што Јехова му ја дава на еден човек ги засега и луѓето воопшто. На пример, ова се гледа од пророштвото на Даниел во врска со еден сон што го сонил вавилонскиот цар Навуходоносор, во кој видел дека било пресечено едно огромно дрво (Дан. 4:10-27). Иако се исполнил на овој цар, сонот укажувал на нешто со далеку поголемо значење. Овој сон на Навуходоносор покажал дека, по еден период од 2520 години — кој започнал во 607 год. пр.н.е. — Бог повторно ќе ја спроведе својата власт над Земјата преку царство во рацете на еден Давидов потомок. * Ова се исполнило во 1914 год., кога Јехова го поставил Исус за небесен Цар. А наскоро ова Царство ќе им ги оствари надежите на послушните луѓе!
„Избави го за да не отиде во јамата“
11. Што покажале зборовите на Елиу за Бог?
11 Кога му одговорил на Јов, Елиу спомнал „гласник... застапник, еден во илјада, [кој ќе] му разјасни на човекот што е исправно“. Што ако овој гласник „го моли Бог да му покаже наклоност“? Елиу рекол: „Тогаш [Бог] ќе му се смилува и ќе рече: ‚Избави го за да не отиде во јамата. Најдов откупнина за него! Неговото тело нека стане посвежо отколку во младоста, нека се врати во деновите на својата младешка сила!‘“ (Јов 33:23-26). Од овие зборови се гледа Божјата спремност да прифати „откупнина“ за луѓето што се каат (Јов 33:24).
12. Каква надеж содржат зборовите на Елиу за луѓето?
12 Елиу веројатно не го разбирал во потполност значењето на откупнината исто како што и пророците не го разбирале целосно сето она што го запишале (Дан. 12:8; 1. Пет. 1:10-12). Сепак, овие негови зборови укажуваат на надежта дека еден ден Бог ќе прифати откупнина и дека ќе го ослободи човекот од лошите последици на стареењето и смртта. Всушност, зборовите на Елиу укажуваат на прекрасната надеж за вечен живот. Од книгата на Јов исто така се гледа дека ќе има воскресение (Јов 14:14, 15).
13. Зошто зборовите на Елиу се многу важни за христијаните?
13 Зборовите на Елиу до ден-денес се многу важни за милионите христијани кои се надеваат дека ќе го преживеат уништувањето на сегашниов поредок. Постарите кои ќе преживеат ќе се вратат во деновите на својата младешка сила (Отк. 7:9, 10, 14-17). Освен тоа, верните лица денес многу се радуваат на надежта дека еден ден ќе ги видат и воскреснатите како што изгледале во деновите на својата младост. Се разбира, за помазаните да добијат бесмртен живот на небото, а ‚другите овци‘ на Исус да добијат вечен живот на Земјата, и двете групи мора да покажуваат вера во Христовата откупна жртва (Јован 10:16; Рим. 6:23).
Смртта ќе биде уништена по целата Земја
14. Што покажува дека било потребно нешто повеќе од Мојсеевиот закон за Израелците да имаат надеж за вечен живот?
14 Потомството на Авраам станало независна нација кога Израелците склучиле сојуз со Бог. Кога им го дал овој Закон, Јехова рекол: „Држете ги моите одредби и моите закони, зашто оној што ги држи, ќе има живот преку нив“ (3. Мој. 18:5). Но, бидејќи не можеле во потполност да се држат за совршените мерила изнесени во Законот, Израелците биле осудени од него и имале потреба да бидат ослободени од таа осуда (Гал. 3:13).
15. Под водство на духот, за кој иден благослов пишувал Давид?
15 По Мојсеј, Јехова вдахновил и други писатели на Библијата да ја спомнат надежта за вечен живот (Пс. 21:4; 37:29). На пример, во заклучокот на еден псалм, кој зборува за единството што владее меѓу вистинските Божји слуги на Сион, цар Давид рекол: „Јехова заповеда таму да има благослов, живот довека“ (Пс. 133:3).
16. Што ветил Јехова преку Исаија во врска со иднината на „целата земја“?
16 Јехова го вдахновил и Исаија да прорече дека ќе има вечен живот на Земјата. (Прочитај Исаија 25:7, 8.) Како „прекривка“ или „покривало“, гревот и смртта го задушуваат и силно го притискаат човештвото. Но, Јехова го уверува својот народ дека гревот и смртта ќе бидат уништени или отстранети „по целата земја“.
17. Со која улога, пророчки навестена во Законот и во книгата Исаија, Месијата го отвора патот кон вечен живот?
17 Размисли и за она што Мојсеевиот закон го пропишувал во врска со јарецот за Азазел. Еднаш годишно, на Денот на очистувањето, првосвештеникот ‚ги положувал обете раце врз главата на живиот јарец и ја признавал над него сета вина на синовите на Израел, му ги ставал нивните гревови врз главата на јарецот и потоа го испраќал во пуст предел за да ја однесе на себе целата нивна вина‘ (3. Мој. 16:7-10, 21, 22). Исаија го прорекол доаѓањето на Месијата, кој ќе има слична улога и ќе ги понесе ‚болестите‘, ‚болките‘ и „гревот на мнозина“, и со тоа ќе го отвори патот кон вечен живот. (Прочитај Исаија 53:4-6, 12.)
18, 19. Која надеж е истакната во Исаија 26:19 и Даниел 12:13?
18 Преку Исаија, Јехова му рекол на својот народ Израел: „Твоите мртви ќе оживеат. Ќе стане мртвото тело на мојот народ. Разбудете се и извикувајте, вие што живеете во правта! Зашто, вашата роса е изобилна како росата на слезот, и земјата ќе ги врати на свет немоќните мртовци“ (Иса. 26:19). Значи, во Хебрејските списи јасно е изложена надежта за воскресение и за живот на Земјата. На пример, кога Даниел имал речиси 100 години, Јехова го уверил: „Ќе почиваш, но на крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Дан. 12:13).
19 Затоа што имала надеж во воскресение, Марта можела да му го каже на Исус следново во врска со својот починат брат: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:24). Дали учењата на Исус и списите кои под водство на светиот дух ги напишале неговите ученици ја промениле оваа надеж? Дали Јехова сѐ уште им дава на луѓето надеж за вечен живот на Земјата? Одговорот на овие прашања ќе го разгледаме во следната статија.
[Фуснота]
Можеш ли да објасниш?
• Каква надеж му е дадена на човечкото создание ‚кое е подложено на ништожност‘?
• Што покажува дека Авраам верувал во воскресение?
• Каква надеж им даваат на луѓето зборовите што Елиу му ги кажал на Јов?
• Како е истакната надежта за воскресение и за вечен живот на Земјата во Хебрејските списи?
[Прашања]
[Слика на страница 5]
Зборовите што Елиу му ги кажал на Јов даваат надеж дека човекот ќе биде избавен од последиците на стареењето и смртта
[Слика на страница 6]
Јехова го уверил Даниел дека ‚на крајот од деновите ќе стане за да го добие своето наследство‘