Да учиме од грешките на Израелците
Да учиме од грешките на Израелците
ИЗРАЕЛЦИТЕ знаеле што очекува Јехова од нив кога влегле во Ветената земја. Преку Мојсеј, Бог им заповедал: „Истерајте ги од пред себе сите жители на таа земја, уништете ги сите нивни камени статуи, уништете ги сите нивни леани ликови и опустете ги сите нивни свети височинки“ (4. Мој. 33:52).
Израелците не смееле да склучуваат сојузи со жителите на таа земја и не смееле да склопуваат бракови со нив (5. Мој. 7:2, 3). Всушност, Бог му го дал следново предупредување на својот избран народ: „Внимавај да не склучиш сојуз со жителите на земјата во која одиш, за тоа да не биде стапица меѓу вас“ (2. Мој. 34:12). Но, Израелците не го послушале Бог и паднале во стапица. Што довело до ова? И кои отрезнувачки поуки можеме да ги извлечеме од она што им се случило? (1. Кор. 10:11).
Од пријателство до идолопоклонство
Кога тргнале да ја освојуваат Ветената земја, Израелците во почетокот извојувале победи над нејзините жители. Но, синовите на Израел не ги послушале до крај Божјите заповеди. Не ги истерале непријателите (Суд. 1:1 — 2:10). Напротив, кога почнале да живеат меѓу ‚седумте народи‘ кои ја населувале таа земја, почнале редовно да контактираат со нив и, на крајот, се спријателиле (5. Мој. 7:1). Како влијаело тоа врз Израелците? Библијата вели: „Ги земаа за жени нивните ќерки, а своите ќерки им ги даваа на нивните синови, и почнаа да им служат на нивните богови. Синовите на Израел го правеа она што е зло во очите на Јехова и го заборавија Јехова, својот Бог, па им служеа на Вааловците и на обредните диреци“ (Суд. 3:5-7). Значи, тие прво станале пријатели со жителите на земјата, и на крајот некои почнале да склопуваат бракови со нив и да им служат на нивните идоли. Штом Израелците почнале да се мажат и да се женат со тие безбожници, веројатноста да ги истераат од земјата станувала сѐ помала. Обожавањето на вистинскиот Бог се загадило, а самите Израелци почнале да служат на лажни богови.
Во улога на пријатели, жителите на Ветената земја претставувале многу поголема духовна опасност за Израелците отколку кога им биле непријатели. Размисли за уште еден начин на кој можеби дошло до загадување на израелската религија.
Од земјоделство до служење на Ваал
Кога влегле во Ветената земја, синовите на Израел престанале да водат номадски живот и мнозина станале земјоделци. Тие почнале да ја обработуваат земјата на сличен начин како и Ханаанците пред нив. Но, по сѐ изгледа, Израелците не го презеле од Ханаанците само начинот на обработка на земјата. Откако се спријателиле со мештаните, тие постепено ги прифатиле и нивните верувања поврзани со земјоделството.
Ханаанците обожавале многу Ваали, односно богови кои, според нив, имале влијание врз плодноста на земјата. Освен што го обработувале земјиштето и го собирале родот, со текот на времето Израелците почнале и да им оддаваат чест на ханаанските богови, сметајќи дека тие се заслужни за изобилниот род. На крајот, многу Израелци се преправале дека му служат на Јехова, но всушност биле вистински отпадници.
Силно предупредување за нас
Најверојатно, кога првпат дошле во контакт со народите во Ветената земја, Израелците немале никаква намера да му служат на Ваал и да ги прават одвратните обичаи поврзани со него. Но, токму дотаму ги довело пријателството со тие луѓе. Зарем не треба и ние да очекуваме лошо да влијае врз нас дружењето со оние кои можеби се пријатни со нас, но не ги делат нашите христијански верувања, мерила и начела? Се разбира, неопходно е да имаме извесни контакти со лица што не се Сведоци, можеби на работа, на училиште, па дури и дома. Сепак, она што им се случило на Израелците служи како предупредување за нас — ако сакаме да се дружиме со тие луѓе, сигурно ќе западнеме во проблеми. Библијата ја кажува оваа непобитна вистина: „Лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33).
Денес се соочуваме со многу испити слични на испитите што ги имале Израелците. Во денешново општество, има многу работи и личности кои за луѓето се вистински идоли. Во тие идоли спаѓаат парите, славните личности од светот на спортот и забавата, политичарите, некои верски водачи, па дури и членовите на сопственото семејство. Која и да било од овие работи може да се најде во центарот и на нашиот живот. Ако имаме блиски пријатели меѓу оние што не го сакаат Јехова, може да доживееме духовна пропаст.
Недозволените полови односи, како главен дел од обожавањето на Ваал, биле искушение за многу Израелци. Некои од Божјиот народ и денес паѓаат во слични замки. На пример, доволно е некој од љубопитност или од невнимание само еднаш да притисне на компјутерското глувче кога е сам и никој не го гледа, и веќе да си ја извалка чистата совест. Колку би било жално еден христијанин да падне во замката на порнографијата на Интернет!
„Среќни се оние што ги држат неговите опомени“
Секој сам одлучува дали ќе го послуша Јехова или не кога ги избира своите пријатели (5. Мој. 30:19, 20). Затоа, треба да се прашаме: Со какви луѓе се дружам во слободно време? Какви мерила и каков морал имаат тие? Дали му служат на Јехова? Дали, кога сум во нивно друштво, имам уште посилна желба да бидам подобар христијанин?
Псалмистот пеел: „Среќни се оние што се непорочни на својот пат, оние што живеат според Јеховиниот закон. Среќни се оние што ги држат неговите опомени. Тие го бараат со сето срце“ (Пс. 119:1, 2). Навистина, „среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта“ (Пс. 128:1). Затоа, кога ги избираме своите пријатели, да не ги направиме истите грешки како Израелците, туку да го слушаме Јехова во сѐ (Изр. 13:20).
[Слика на страница 26]
Дружењето со оние што не го сакаат Јехова може да води до идолопоклонство