Ти можеш вечно да живееш
Ти можеш вечно да живееш
ЗА ПОГОЛЕМИОТ дел од верниците на религиите во светот многу е важна надежта дека на еден или на друг начин ќе живеат вечно. Можеби деталите се разликуваат од една религија до друга, но во основа надежта е иста — да живеат среќно во идеални услови без да постои опасност дека ќе умрат. Зарем не го посакуваш тоа и ти? Како да се објасни раширеноста на таквите верувања? И дали некогаш ќе се исполни таа надеж за вечен живот?
Светото писмо покажува дека Творецот уште од самиот почеток — од времето кога ги создал првите маж и жена — длабоко ја всадил во човековата свест желбата за вечен живот. Во Библијата се вели дека Бог „вечноста им ја ставил на луѓето в срце“ (Проповедник 3:11).
Меѓутоа, за да им се исполни желбата да живеат вечно, првите маж и жена требало да го признаат Божјето право да одлучува што е исправно, а што погрешно. Да го стореле тоа, Јехова би сметал дека се достојни ‚да живеат вечно‘ во домот што го подготвил за нив — градината Еден (1. Мојсеева 2:8; 3:22).
Вечниот живот бил изгубен
Библискиот извештај покажува дека Бог насадил во градината ‚дрво на спознанието на доброто и злото‘. На Адам и Ева им забранил да јадат од неговиот плод зашто, во спротивно, би биле казнети со смрт (1. Мојсеева 2:9, 17). Ако не јаделе од него, Адам и Ева би му покажале на Бог дека го признаваат неговото право да владее. Од друга страна, пак, ако јаделе од дрвото, би покажале дека го отфрлаат Бог како владетел. Адам и Ева не ги послушале Јеховините упатства и се здружиле со Сатана — едно духовно суштество кое се побунило против власта на Бог. Како последица на тоа, Бог со право пресудил дека Адам и Ева не ги исполнуваат условите за да живеат вечно (1. Мојсеева 3:1-6).
Она што Бог им го понудил било: живот или смрт, постоење или непостоење. Поради нивната непослушност, тие ќе умреле и воопшто немало да постојат. Не било можно ниту Адам и Ева ниту, пак, некој нивни потомок да живее бескрајно со помош на некаква магична напивка или преку бесмртна душа. *
Сите потомци на Адам страдале поради неговата побуна. Последиците ги објаснил апостол Павле. Тој напишал: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
Вечниот живот повторно е можен
Апостол Павле ја опишал состојбата на потомците на Адам споредувајќи ја со состојбата на робовите во првиот век. Децата на Адам и Ева, поради гревот што го наследиле, морале да се родат како „робови на гревот“, осудени на смрт (Римјаните 5:12; 6:16, 17). И тоа навистина би било неизбежно, да не бил правниот лек што го обезбедил Јехова за да биде купена слободата за таквите робови. Павле објаснил: „Како што преку еден престап [на Адам] дојде осуда врз најразлични луѓе, така и преку еден чин на оправдување најразлични луѓе се прогласени за праведни и добиваат живот“. Тој „чин на оправдување“ водел до тоа Исус да го жртвува својот сопствен совршен човечки живот како „соодветна откупнина за сите“. Јехова ја признал правната моќ на откупнината да го ослободи човештвото од „осудата“ (Римјаните 5:16, 18, 19; 1. Тимотеј 2:5, 6).
Тоа е причината што научниците никогаш нема во генетскиот код на човекот да го најдат клучот за бесконечен живот. Тој клуч е на друго место. Според Библијата, основната причина што луѓето умираат е од морална и правна природа, а не од биолошка. Средството преку кое повторно може да се добие вечен живот — Исусовата откупна жртва — исто така е од правна природа. Откупнината е истовремено и начин на кој Бог ја покажал својата праведност и љубов. Според тоа, кој ќе има корист од откупнината и ќе добие вечен живот?
Бесмртноста како дар
Јехова Бог постои „од век до век“. Тој е бесмртен (Псалм 90:2). Првиот кому Јехова му подарил бесмртност е Исус Христос. Апостол Павле објаснува: „Христос, откако стана од мртвите, повеќе не умира, смртта повеќе нема власт над него“ (Римјаните 6:9). Навистина, споредувајќи го воскреснатиот Исус со земните владетели, Павле го опишува како единствениот меѓу нив, кој е бесмртен. Исус ќе „живее засекогаш“. Неговиот живот е неуништлив (Евреите 7:15-17, 23-25; 1. Тимотеј 6:15, 16).
Исус не е единствениот кој ќе добие таков дар. Христијаните што се помазани со Римјаните 6:5). Апостол Јован покажува дека оваа чест ја имаат 144.000 поединци (Откровение 14:1). И тие добиваат бесмртност. За нивното воскресение, Павле вели: „Телото и крвта не можат да го наследат Божјето царство... трубата ќе затруби, и мртвите ќе воскреснат нераспадливи, и ние ќе се преобразиме. Зашто, ова што е распадливо мора да се облече во нераспадливост, и ова што е смртно мора да се облече во бесмртност“. Смртта нема власт над оние што добиваат такво воскресение (1. Коринќаните 15:50-53; Откровение 20:6).
дух и избрани да владеат како цареви на небото ќе бидат воскреснати на истиот начин како што бил Исус (Ова откровение од Бог е навистина значајно. Дури ни ангелите не биле создадени како бесмртни, иако се духовни суштества. Ова се гледа од фактот дека духовните суштества кои му се придружиле на Сатана во побуната ќе бидат уништени (Матеј 25:41). Од друга страна, пак, Исусовите совладетели ќе добијат бесмртност како дар, што докажува дека Јехова има целосна доверба дека ќе останат верни.
Дали ова значи дека засекогаш ќе живеат само 144.000 лица, што е релативно мал број ако се спореди со милијардите луѓе што некогаш живееле? Не. Да видиме зошто.
Вечен живот на рајската Земја
Библиската книга Откровение ни опишува една убава слика на неброено мноштво луѓе на кои им е даден вечен живот на рајската Земја. Заедно со нив се оние што умреле, но воскреснале и добиле младешко здравје и сила (Откровение 7:9; 20:12, 13; 21:3, 4). Тие се доведени до една „река со вода на животот, бистра како кристал“, која „тече од престолот на Бог“. На нејзините брегови има ‚дрвја на животот... а лисјата на дрвјата се за лекување на народите‘. Јехова Бог љубезно повикува: „Секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:1, 2, 17).
Овие дрвја и водата не се еликсир на животот или извор на младоста, како оние што пред многу векови ги барале алхемичарите и истражувачите. Тие го претставуваат сето она што Бог го направил преку Исус Христос за луѓето повторно да станат совршени како што биле веднаш по создавањето.
Божјата намера да им даде вечен живот на послушните луѓе на Земјата не се променила. Таа намера ќе се исполни бидејќи Јехова е лојален. Псалм 37:29 вели: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. Ова ветување нѐ поттикнува и нас, заедно со луѓето што ќе добијат небесна бесмртност, да кажеме: „Големи и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен! Праведни и сигурни се твоите патишта, Царе на вечноста! Кој нема да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име? Зашто, само ти си лојален“ (Откровение 15:3, 4).
Дали и ти сакаш да го добиеш тој скапоцен дар — вечниот живот? Ако сакаш, тогаш мора да докажеш дека си му лојален и послушен на ‚Царот на вечноста‘. Треба да учиш за Јехова и за оној преку кого е можен таквиот живот, Исус Христос. На сите што се спремни да ги прифатат Божјите мерила за исправно и погрешно ќе им биде подарен „вечен живот“ (Јован 17:3).
[Фуснота]
^ пас. 7 Повеќе информации во врска со учењето за бесмртност на душата можеш да најдеш во брошурата Што ни се случува кога ќе умреме?, во која е детално разработена таа тема. Издадена е од Јеховините сведоци.
[Рамка/слика на страница 5]
Вечно сонуван сон
Епот за Гилгамеш, месопотамска сага за која се мисли дека е напишана во вториот милениум пред нашата ера, ја опишува потрагата на главниот лик по вечната младост. Древните Египќани ги мумифицирале мртвите мислејќи дека душите, за кои се верувало дека се бесмртни, ќе можат повторно да ги користат своите тела. Затоа некои египетски гробници се полни со сите работи што на мртвиот можеби ќе му затребале во таканаречениот задгробен живот.
Меѓу кинеските алхемичари, верувањето во физичка бесмртност се чини дека се појавило некаде во осмиот век пред нашата ера, а верувањето дека таков живот може да се добие преку магични напивки постои од четвртиот век пред нашата ера. Средновековните европски и арапски алхемичари барале и се обидувале самите да направат еликсири на животот. Некои од тие мешавини содржеле соли на арсен, на жива и на сулфур. Кој знае колкумина се отруле кога пробале од нив.
Исто така, едно време се ширеле легенди за таканаречениот Извор на младоста, за кој се велело дека ќе му ја обнови силата на секој што ќе се напие од него.
[Рамка/слики на страница 7]
Дали ќе биде досадно?
Некои тврдат дека би било досадно вечно да живееме, зашто вечниот живот би бил чисто разбивање на досадата со бесмислени разоноди. Таквите најверојатно си мислат дека ќе продолжиме да живееме на истиот начин и во истите услови што ги имаме денес, кои на многумина би им биле досадни и бесмислени. Но во Рајот што ќе го обнови, Бог им ветува на луѓето дека „ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:11). Таквиот живот ќе му овозможи на човекот да стекне спознание за Јеховините творби и да одвои време за да развие некои или сите привлечни вештини што постојат, да истражува и да се занимава со работи за кои сега само можеме да сонуваме.
Д-р Обри де Греј, генетичар на универзитетот во Кембриџ, кој врши испитувања со цел да се продолжи животот, забележува: „На луѓето што имаат добро образование и имаат време да го користат тоа образование никогаш не им е досадно уште денес и не можат да си замислат дека некогаш нема повеќе да им текне нешто ново што ќе сакаат да го направат“. Освен тоа, Божјата вдахновена реч вели дека „луѓето... не [ќе] можат да ги сфатат во потполност делата кои вистинскиот Бог ги направил“ (Проповедник 3:11).