„Колку го сакам твојот закон!“
„Колку го сакам твојот закон!“
ПСАЛМ 119 е песна преку која авторот ги искажал своите чувства кон Божјата вдахновена порака, или реч. Псалмистот пее: „Ја ставив твојата реч во своето срце“. „Ќе покажам дека ги сакам твоите одредби“. „Душата моја премале од копнеж по твоите закони во секое време“. „Ги сакам твоите опомени“. „Копнеам по твоите наредби“. „Ќе уживам во твоите заповеди, кои ги сакам“. „Ќе размислувам за твоите уредби“. „Колку го сакам твојот закон! Цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:11, 16, 20, 24, 40, 47, 48, 97).
Колку голема благодарност чувствувал псалмистот кон Божјата откриена реч! Дали и ти го чувствуваш истото за пораката на Божјата реч, Библијата? Дали би сакал да развиеш таква љубов кон неа? Ако е така, прво треба да стекнеш навика редовно да ја читаш Библијата, и тоа ако е можно секојдневно. Исус Христос рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Матеј 4:4). Второ, треба длабоко да размислуваш за она што го читаш. Повеќе ќе ја цениш Библијата ако размислуваш за вистината за Бог, за неговите особини, за неговата волја и за неговата намера (Псалм 143:5). А најважно од сѐ, применувај ги нејзините добри совети во секојдневниот живот (Лука 11:28; Јован 13:17).
Каква корист ќе имаш ако развиеш таква љубов кон она што го вели Библијата? „Среќни се оние што ги држат [Божјите] опомени“, вели Псалм 119:2. Упатствата што се наоѓаат во Библијата ќе ти помогнат успешно да се справиш со проблемите во животот (Псалм 1:1-3). Ќе стекнеш мудрост, увид и разбирање, кои ќе ти помогнат да ги ‚отстрануваш своите нозе од секој зол пат‘ (Псалм 119:98-101). Тоа што ќе ја знаеш вистината за Бог и за неговата намера за Земјата ќе ти даде поголема смисла во животот и посветла надеж за иднината (Исаија 45:18; Јован 17:3; Откровение 21:3, 4).
Јеховините сведоци многу сакаат да им помогнат на другите подобро да се запознаат со Библијата и да развијат љубов кон нејзината порака. Срдечно те покануваме да ја прифатиш следнава понуда.