Човечко достоинство — право што честопати се гази
Човечко достоинство — право што честопати се гази
„Секој детаљ од животот во логорот беше уште еден чекор подолу на скалилото на понижувањето и навредите“— (МАГДАЛЕНА КУСЕРОВ РОЈТЕР, КОЈА ПРЕЖИВЕАЛА ЕДЕН НАЦИСТИЧКИ КОНЦЕНТРАЦИОНЕН ЛОГОР).
КОЛКУ и да биле страшни, ѕверствата во нацистичките концентрациони логори за време на Втората светска војна не биле ниту прв, ниту последен напад врз човечкото достоинство. Било да го испитуваме минатото или сегашноста, заклучокот е јасен: долго време многумина чекореле по „скалилото на понижувањето и навредите“.
Меѓутоа, човечкото достоинство не го газеле само ѕверствата што ја извалкале човечката историја. Тоа честопати било газено на многу поподмолни начини. Размисли за детето со кое се подбиваат поради некоја негова телесна маана. Или за доселеникот што е исмеван поради некои „чудни“ обичаи. Можеш да помислиш и на лицето што е дискриминирано поради бојата на неговата кожа или поради националноста. За потсмевачите, овие работи можеби се само обична шега, но на оние што ја чувствуваат болката и понижувањето поради тоа што се омаловажени не им е ни малку до смеење (Пословици 26:18, 19).
Што е човечко достоинство?
Еден речник го опишува достоинството како ‚одлика или состојба кога некој се смета за достоен, почитуван или ценет‘. Според тоа, човечкото достоинство го вклучува и начинот на кој се гледаме себеси, и начинот на кој другите постапуваат со
нас. На тоа како гледаме на себеси можат да влијаат разни фактори, но начинот на кој другите нѐ гледаат и се однесуваат со нас може многу да придонесе да имаме самопочит во секојдневниот живот.Во секое општество има сиромашни, беспомошни и ранливи луѓе. Но, таквите околности сами по себе не мора да му го намалат достоинството на едно лице. Ставот и реакциите на другите е она што може да повреди нечие достоинство. За жал, најчесто се потценувани и навредувани луѓето што се наоѓаат во несреќни околности. Колку често ги слушаме зборовите како, на пример, „бескорисни“, „безвредни“ и „неспособни“ кога ги навредуваат постарите, сиромашните или оние што се умствено и физички хендикепирани!
Зошто луѓето се понижуваат едни со други? Дали некогаш ќе се оствари основното право на човечко достоинство? Следната статија ќе ни даде задоволувачки одговор од Божјата реч, Библијата.