Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Стравот од Бог — „учи на мудрост“

Стравот од Бог — „учи на мудрост“

Стравот од Бог — „учи на мудрост“

ВИСТИНСКАТА мудрост приредила една голема гозба. Таа „ги испрати своите слугинки да објават од градските височини: ‚Кој е глупав, нека наврати ваму!‘ А на неразумните им говори: ‚Дојдете, јадете од мојот леб и пијте вино, што го измешав; оставете ја лудоста, за да живеете, и одете по патот на разумот‘“ (Пословици 9:1-6).

Гоштавањето на трпезата на мудроста никогаш не води до нешто штетно или лошо. Ако ја слушаме Божјата мудрост што е содржана во вдахновените пословици и ако ги прифатиме нејзините поуки, ќе произлезе само добро. Мудростите запишани во Пословици 15:16-33 не се исклучок од тоа. * Следењето на советот од овие кратки изреки може да ни помогне да бидеме задоволни со помалку, да напредуваме и да му се радуваме на животот. Исто така, тоа може да ни помогне да донесуваме добри одлуки и да останеме на патот на животот.

Кога е подобро да имаш помалку

„Подобро е малку со страв од Господа, отколку големо богатство и немир со него“, вели цар Соломон од древниот Израел (Пословици 15:16). Не е паметно човек да го игнорира Творецот и главна цел во животот да му биде да стекне материјални поседи. Таквиот живот е исполнет со заморни цели и со многу грижи. Штета ќе биде ако некој во староста сфати дека целиот живот му бил празен и без цел! Секако дека не е мудро да се насобираат многу поседи со „немир“. Многу е подобро човек да ја научи тајната на тоа да биде задоволен со она што го има и да живее така! Вистински ќе бидеме задоволни ако имаме страв од Јехова — ако сме блиски со него — а не ако имаме материјални поседи (1. Тимотеј 6:6-8).

Нагласувајќи дека повеќе вреди добриот однос со другите отколку материјалното богатство, Соломон вели: „Подобар е оброк со зеленчук каде е љубовта, отколку згоен вол каде е омразата“ (Пословици 15:17). Да, подобро е во еден дом да има срдечна атмосфера отколку изобилство од најразлични јадења. Можеби семејствата со самохран родител немаат големи примања. Во некои земји луѓето можат да го набават само најосновното за јадење. Меѓутоа, на сите во семејството им е убаво кога владеат љубов и наклоност.

Дури и во семејствата каде што обично владее срдечна атмосфера, може да се појават тешки ситуации. Еден член од семејството може да рече или да направи нешто што ќе го навреди другиот. Како треба да реагира оној што е навреден? Во Пословици 15:18 стои: „Гневливиот човек заметнува препирка, а стрпливиот ја стивнува расправата“. Благиот одговор, а не гневниот, шири мир и спокојство. Советот што го содржи оваа пословица подеднакво важи и на други полиња од животот, вклучувајќи ги и собраниските активности и службата на проповедање.

Кога една ‚патека е разгазена‘

Следната пословица ја посочува разликата помеѓу некој што не ја послушал мудроста и оние што ја послушале. „Патот на мрзливиот е како глогово трниште“, вели мудриот цар, „а патеката на праведникот е разгазена“ (Пословици 15:19).

Глоговото трниште е трнлива препрека. Мрзливиот измислува секакви препреки и ги користи како изговор за да се оправда што не започнува никаков потфат. Од друга страна, пак, праведните не се јадосуваат поради препреките што им стојат на патот. Тие трудољубиво работат и внимателно си ја извршуваат задачата. Така избегнуваат многу трнливи проблеми што би ги имале ако биле немарни. Нивнот пат е ‚разгазен‘, односно се пробива напред. Тие постојано работат и се радуваат кога работата оди напред.

На пример, да кажеме нешто за стекнувањето точно спознание за Божјата реч и напредувањето кон зрелост. Потребно е да се вложува труд. Некој може лесно да рече дека тоа што нема високо образование, невешто чита или слабо помни е изговор да не ја проучува темелно Библијата. Колку само е подобро да не се гледа на тие работи како на препрека за да се стекне знаење! Дури и со ограничени способности, можеме да вложуваме труд да се подобриме во читањето и разбирањето на она што го читаме, можеби на тој начин што ќе користиме и речник кога е потребно. Позитивниот став ни помага да стекнеме знаење и духовно да напредуваме.

Кога ‚таткото се весели‘

„Мудриот син го весели таткото, вели царот на Израел, „а безумниот ја презира својата мајка“ (Пословици 15:20). Зарем родителите не се радуваат кога нивните деца постапуваат мудро? Точно, потребно е родителите да ги воспитуваат и да ги учат децата за да се постигнат такви добри резултати (Пословици 22:6). Но, мудриот син е многу голема радост за своите родители! Меѓутоа, глупавиот им причинува бескрајна болка.

Користејќи го зборот ‚веселење‘ во еден друг контекст, мудриот цар вели: „Лудоста е веселба за неразумниот, а разумниот човек оди право“ (Пословици 15:21). Неразумните луѓе се расположуваат кога се смеат за глупости и кога се веселат за нешто што не носи вистинско задоволство или среќа. Меѓутоа, разумниот човек гледа колку е безумно повеќе да ги сака уживањата отколку Бог (2. Тимотеј 3:1, 4). Применувањето на библиските начела му помага да остане чесен и да се држи за правиот пат.

Кога ‚успеваат намерите‘

Следењето на библиските начела ни користи и на други полиња од животот. Во Пословици 15:22 (NW) стои: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“.

Доверливиот разговор значи да се комуницира со некого насамо и отворено. Хебрејскиот збор преведен со „доверлив разговор“ е преведен со ‚блиско друштво‘ во Псалм 111:1 (NW). Тоа укажува на блискост и доверливост во комуникацијата. За разлика од површниот разговор, доверливиот разговор е размена на искрени мисли и чувства. Кога сопрузите и сопругите, како и родителите и децата, отворено комуницираат еден со друг на ваков начин, меѓу нив има мир и единство. Но, кога нема доверлив разговор, во семејството доаѓа до фрустрации и проблеми.

Кога донесуваме важни одлуки, ќе биде паметно да го послушаме советот: „Успехот лежи во мноштвото советници“. На пример, кога одлучуваме како ќе се лекуваме, зар не е мудро да побараме мислење од повеќе лекари, особено ако се вклучени некои сериозни спорни прашања?

Да се чуе совет од повеќе луѓе е особено важно кога станува збор за духовните работи. „Успехот лежи“ во тоа старешините да се консултираат еден со друг и да ја користат мудроста што ја има секој од нив. Освен тоа, новите старешини не треба да се колебаат да бараат совет од постарите и поискусни старешини, особено ако се работи за некој потежок проблем.

Кога човек „се радува на одговорот“

Какво добро може да произлезе од зборовите кажани со разборитост? „Човекот се радува на одговорот на својата уста, вели царот на Израел, „и зборот во право време колку е добар!“ (Пословици 15:23). Зар не се радуваме кога од нашиот одговор или совет ќе произлезат добри резултати? Меѓутоа, за да дадеме делотворен совет, мораме да исполниме два услова.

Прво, советот треба цврсто да се темели на Божјата реч, Библијата (Псалм 119:105; 2. Тимотеј 3:16, 17). Второ, мора да се каже во вистинско време. Дури и вистинитите зборови кажани во погрешен момент можат да нанесат штета. На пример, да му дадеме совет некому пред да го сослушаме не е ниту мудро ниту ќе му помогне. Многу е важно да ‚бидеме брзи на слушање, бавни на зборување‘ (Јаков 1:19).

„Патот на животот оди нагоре“

Во Пословици 15:24 стои: „За разумниот човек патот на животот оди нагоре, за да се отстрани од пеколот [гробот, NW], што е долу“. Оној што е разборит се наоѓа на патот што води подалеку од гробот. Тој се трга настрана од штетни работи како што се промискуитетот, дрогата и пијанството — и така избегнува да умре предвреме. Неговиот пат води во живот.

За разлика од тоа, обрни внимание на патот на оние што не се разборити: „Господ го разурнува домот на гордите, а ја поставува меѓата на вдовицата. Омразени му се на Господа лошите мисли, а чистите зборови му се мили. Користољубивиот го разурнува сојот дом, а кој го мрази поткупот, ќе живее“ (Пословици 15:25-27).

За да ни покаже како да избегнеме една вообичаена замка, царот на Израел го вели следново: „Праведниковото срце смислува одговор, а устата на нечесниот зборува злоба“ (Пословици 15:28). Колку е скапоцен советот што го добиваме од оваа пословица! Безумните и глупави одговори што само излетуваат од устата ретко водат до нешто добро. Кога размислуваме за различните фактори што се поврзани со некоја работа, вклучувајќи ги и околностите и чувствата на другите, сигурно нема да кажеме нешто за што подоцна ќе зажалиме.

Тогаш, зошто е добро да се плашиме од Бог и да ја прифатиме поуката од него? Мудрецот дава одговор: „Далеку е Господ од нечесните, а ја слуша молитвата на праведните“ (Пословици 15:29). Вистинскиот Бог не е близу до злобните. „Кој го отклонува своето уво, за да не го слуша Законот,“ стои во Библијата, „и неговата молитва е омразена“ (Пословици 28:9). Оние што се плашат од Бог и се трудат да го прават она што е исправно во неговите очи, можат слободно да му се молат, потполно уверени дека ќе ги чуе.

Што „го развеселува срцето“

Користејќи една споредба што нѐ поттикнува на размислување, Соломон вели: „Бистриот поглед го развеселува срцето, и радосната вест ги гои коските“ (Пословици 15:30). Коските се ‚згоени‘ кога се полни со коскена срцевина. Тоа му дава сила на целото тело и го радува срцето. А радоста на срцето се одразува во сјајот на очите. Таков е ефектот од добриот извештај!

Зарем извештаите за светскиот пораст на бројот на оние што го обожаваат Јехова не е извор на вистинско охрабрување за нас? Кога ќе чуеме за успехот што се постигнува во делото на проповедање за Царството и правење ученици, охрабрени сме уште повеќе да учествуваме во службата (Матеј 24:14; 28:19, 20). Кога ги слушаме искуствата на оние што го прифаќаат Јехова како свој Бог и почнуваат да му служат, нашите срца се исполнуваат со радост. Бидејќи „добрата вест од далечна земја“ има толку силно влијание, многу е важно да бидеме точни и совесни кога даваме извештај за нашата активност во службата! (Пословици 25:25).

„Пред честа оди понизноста“

За да нагласи колку вреди да се прифатат поуката и укорот во секаков облик, мудриот цар вели: „Увото што го послушува спасоносното изобличување живее меѓу мудреците. Кој отфрла поука ја презира сопствената душа, а кој прима поправка, се здобива со разум“ (Пословици 15:31, 32). Поправката, односно укорот, допира до срцето на човекот и го менува, вразумувајќи го. Не е чудо што „прачката на поуката“ ја отстранува ‚глупоста што се прилепува до срцето на детето‘! (Пословици 22:15). Оној што ги слуша поуката и укорот исто така се опаметува, односно ги прави работите со добри мотиви. Од друга страна, пак, да се отфрлат поуката и укорот е исто како да се отфрли животот.

Значи, добро е да се послуша и понизно да се прифати поуката што ја дава мудроста. Тогаш не само што ќе бидеме задоволни, ќе напредуваме, ќе се радуваме и ќе бидеме исполнети, туку ќе имаме чест и живот. Во Пословици 15:33 (NW) стои: „Стравот од Јехова учи на мудрост, и пред честа оди понизноста“.

[Фуснота]

^ пас. 3 За дискусија за стиховите од Пословици 15:1-15, види го изданието на Стражарска кула од 1 јули 2006 година, страници 13-16.

[Слика на страница 17]

Подобро е во еден дом да има срдечна атмосфера отколку изобилство богата храна

[Слика на страница 18]

Дури и ако имаме ограничувања, позитивниот став ни помага да стекнеме спознание

[Слика на страница 19]

Доверливиот разговор значи размена на искрени мисли и чувства

[Слика на страница 20]

Знаеш ли во која смисла „радосната вест ги гои коските“?