Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најпосле едно обединето семејство!

Најпосле едно обединето семејство!

Животна приказна

Најпосле едно обединето семејство!

РАСКАЖАЛА СУМИКО ХИРАНО

Го пронајдов најдобриот начин на живот и сакав и мојот сопруг да го мисли истото. Но, поминаа четириесет и две години пред да се случи тоа.

ЈАС и мојот сопруг се венчавме во 1951 година, кога имав 21 година. По четири години имавме два сина и среќен живот во секој поглед.

Еден ден, во 1957 година, мојата постара сестра ми кажа дека кај неа доаѓа една мисионерка на Јеховините сведоци. Иако сестра ми беше будистка, почна да ја проучува Библијата со мисионерката и ми предложи и јас да го сторам истото. Се согласив. Инаку, јас одев во Протестантската црква и, си мислев дека ќе им докажам на Сведоците дека учењата им се погрешни.

Наскоро ми стана јасно колку малку ја познавав Библијата. Морав да ја прашам мисионерката: „Кој е тој Јехова?“ Никогаш немав чуено за него во мојата црква. Мисионерката, Дафне Кук (подоцна Петит), ми го покажа стихот во Исаија 42:8, кој јасно кажува дека Јехова е името на Семоќниот Бог. Дафне ми одговори на сите прашања користејќи ја Библијата.

Истите прашања му ги поставив и на мојот пастор. Тој ми рече: „Да се поставуваат прашања е грев. Верувај во она што ти е кажано, и толку“. Иако не мислев дека поставувањето прашања е погрешно, шест месеци, секоја недела наутро, одев в црква, а попладне на состаноците на Јеховините сведоци.

Ефектот врз мојот брак

Она што го учев од Библијата ме воодушеви, и она што го научив секогаш му го кажував на мојот сопруг, Казухико. По секое проучување на Библијата и по секој состанок, му раскажував што научив. Но, тоа внесе студенило меѓу нас. Тој не сакаше да станам Јеховин сведок. Сепак, мене ми причинуваше толкаво задоволство да учам од Библијата што и понатаму продолжив да ја проучувам и да се дружам со Сведоците.

Кога требаше да одам на состанок, пред да излезам, прво секогаш ќе му зготвев на Казухико некое од неговите омилени јадења, но тој почна да јаде во ресторан. Кога ќе се вратев од состанок, беше нерасположен и не ми зборуваше. По два-три дена ќе му потпоминеше лутината, но на ред ќе дојдеше следниот состанок.

Некаде во тоа време се разболев од туберкулоза, болест од која веќе имаа умрено неколку членови на неговото семејство. Казухико многу се исплаши и ми рече дека, кога ќе оздравам, можам да правам сѐ што сакам. Мојата единствена желба беше да не ми се лути што одам на состаноците секоја седмица. Се согласи со тоа.

Закрепнав по шест месеци, а за тоа време уште повеќе ја проучував Библијата. Барав противречности во учењата на Сведоците, и да најдев макар една, ќе престанев да ја проучувам Библијата со нив. Но, не успеав да најдам ниту една. Наместо тоа, ми станаа уште поочигледни грешките на Протестантската црква. Сфатив колку нѐ сака и колку е праведен Јехова и увидов колку е корисно да се живее спрема неговите закони.

Мојот сопруг си остана на зборот и, откако закрепнав, не се противеше што одев на состаноците. Продолжив духовно да созревам, и во мај 1958 година се крстив како Јеховин сведок. Многу сакав и другите од моето семејство да веруваат во вистинскиот Бог како мене.

Им помагав на децата духовно

На состаноците и кога проповедав со мене секогаш ги носев и синовите, а некои работи што се случија ми помогнаа да увидам дека тие напредуваа во разбирањето на Библијата. Еден ден син ми Масахико, кој имаше шест години, си играше надвор. Чув силен звук и пискање. Еден сосед влета во куќата и, викајќи на цел глас, рече дека син ми го удрил автомобил. Дали е мртов? Едвај успевајќи да останам смирена, истрчав надвор. Кога го видов искршеното велосипедче веќе целата се тресев, но потоа го видов него како доаѓа кон мене, сосема малку повреден. Приближувајќи ми се, рече: „Мамо, Јехова ми помогна, нели?“ Се расплакав кога ги чув овие убави зборови и кога видов дека е жив и здрав.

Другпат, во службата на проповедање, наидовме на еден постар човек кој почна да вика: „Што си го грабнала со тебе по куќите тоа дете? Сирото“. Пред да можам да му одговорам, осумгодишниот Томојоши рече: „Дедо, мама не ме тера да проповедам. Јас проповедам затоа што сакам да му служам на Јехова“. Човекот го вкочани погледот и замолчи.

Духовно, моите деца немаа татко. Целата одговорност да ги поучувам за библиските вистини лежеше врз мене, иако и самата требаше уште многу да учам. Ги градев својата љубов, вера и ревност и се трудев да им дадам добар пример. Секој ден му се заблагодарував на Јехова пред децата. Им раскажував искуства од службата на проповедање. Тоа ги храбреше. Кога подоцна ги запрашале зошто станале пионери, или полновремени слуги на Јеховините сведоци, тие одговориле: „Видовме дека нашата мајка беше многу среќна што е пионер, и сакавме и ние да сме среќни како неа“.

Многу се трудев да не зборувам со омаловажување за нивниот татко или за кого и да било од собранието. Јасно ми беше дека негативното зборување ќе се одрази штетно врз моите деца. Можеше да ја изгубат почитта не само кон оној против кого се зборува туку и кон оној што зборува.

Ги надминав пречките за да напредувам

Во 1963 година, поради работата на мојот сопруг, моравме да се преселиме на Тајван. Тој ми рече дека, ако им проповедам на Јапонците таму, ќе му направам проблеми. Ќе нѐ вратат во Јапонија, а тоа ќе се одрази лошо врз компанијата каде што работеше. Сакаше да нѐ дистанцира од Сведоците.

Во Тајван, каде што сите состаноци се одржуваа на кинески, Сведоците срдечно нѐ примија. Одлучив да научам кинески за да им сведочам на мештаните наместо на Јапонците. Со тоа воедно и ќе ги избегнев проблемите што ги спомна сопругот.

Пријателството со Сведоците на Тајван нѐ зајакна. Една брачна двојка мисионери, Харви и Кети Логан, неизмерно ни помогнаа. Брат Логан им стана духовен татко на моите деца. Им покажа дека служењето на Јехова не значи крут живот без радости. Уверена сум дека токму додека бевме таму, на Тајван, моите синови решија да му служат на Јехова.

Томојоши и Масахико одеа во едно американско училиште, каде што научија англиски и кинески јазик. Тоа образование ги оспособи за службата на вистинскиот Бог, Јехова, што им претстоеше. Многу сум му благодарна на Јехова затоа што она што можеше да биде еден тежок период во нашиот живот го претвори во време што ни донесе трајни благослови. По три и пол незаборавни години во Тајван, нашето семејство се врати во Јапонија.

Дотогаш децата веќе станаа тинејџери и почнаа да покажуваат независност. Поминав многу часови расудувајќи со нив врз основа на библиските начела, и Јехова им помогна низ тоа тешко време. Кога заврши средно училиште, Томојоши започна да служи како пионер. Веќе во првите неколку години им помогна на четворица да му се заветуваат на Јехова дека ќе му служат, и да се крстат. И Масахико тргна по стапките на својот брат и почна да служи како пионер веднаш штом заврши средно училиште. Тој им помогна на четворица младичи да станат Сведоци во првите четири години од својата служба.

Потоа Јехова ги благослови децата уште повеќе. Томојоши проучуваше со сопругот на една жена на која јас ѝ помогнав да дознае која е библиската вистина. Нивните две ќерки исто така станаа Сведоци. Подоцна, Томојоши се ожени со постарата ќерка, Нобуко, а Масахико со помалата, Масако. Томојоши и Нобуко сега служат во светската централа на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Масахико и Масако се мисионери во Парагвај.

Постепени промени кај мојот сопруг

Мојот сопруг, Казухико, сите тие години изгледаше незаинтересирано, но ние забележавме некои работи што покажуваа дека се менуваше. Кога некој ќе кажеше нешто против моите верувања, тој зборуваше во моја одбрана и, всушност, без да беше свесен, ги поддржуваше библиските вистини. Материјално им помагаше на Сведоците што имаа потреба. Во краткиот говор на свадбата на едниот од нашите синови, рече: „Да се поучуваат луѓето како исправно да живеат е најубавата работа што постои, а и најтешката. Моите синови и нивните сопруги ја одбраа токму оваа најтешка работа за своја кариера. Ве молам помагајте им“. Сето ова ме натера да верувам дека сигурно ќе ни се придружи во служењето на Јехова.

Се договарав со браќата и сестрите да ни доаѓаат на гости. Го канев Казухико на христијанските состаноци и собири, како и на Одбележувањето на Христовата смрт. Кога му дозволуваше работата, доаѓаше, иако без волја. Честопати имав претчувство дека ќе прифати да ја проучува Библијата, па ќе ги поканев христијанските старешини дома. Но, тој одбиваше да проучува. Се прашував во што е проблемот.

На ум ми дојдоа зборовите од апостол Петар: „На ист начин, вие сопруги бидете им подложни на своите сопрузи за, ако некои и не ѝ се послушни на речта, да бидат придобиени без збор преку однесувањето на своите сопруги, поради тоа што биле очевидци на вашето чесно однесување заедно со длабока почит“ (1. Петрово 3:1, 2). Ми стана јасно дека не го следев потполно овој совет. За поцелосно да се придржувам за него, требаше да ја подобрам својата духовност.

Во 1970 година започнав да служам како пионер со цел да станам подуховна личност. Минаа десет, а потоа и дваесет години. Сепак, кај Казухико ништо не се смени. Една жена со која ја проучував Библијата еднаш рече: „Мора да е тешко да им помагаш на другите, а да не можеш да му помогнеш на својот сопствен маж“. Тоа ме здоболе, но не се откажав.

При крајот на 1980-тите, животот на нашите родители почна да се ближи кон својот крај. Грижата за нив и во исто време за другите обврски ме исцрпуваше и ме ставаше под голем притисок. Иако со години се противеа на мојата вера во Јехова, давав сѐ од себе за да се чувствуваат сакани. Токму пред да умре, мојата 96 годишна мајка ми рече: „Сумико, ако воскреснам, ќе ја прифатам твојата религија“. Тогаш видов дека не сум се трудела напразно.

Казухико гледаше што сѐ правев за нашите родители. Од ценење за тоа, почна редовно да доаѓа заедно со мене на состаноците. Продолжи да доаѓа со години, но без да напредува духовно. Јас и понатаму се трудев да бидам добра сопруга. Ги канев на ручек неговите пријатели, па дури и неговите деловни партнери од странство. Му правев друштво во рекреацијата. Кога часовите за пионерската служба се намалија на 70, минував уште повеќе време со него.

Пензионирањето донесе промени

Во 1993 година Казухико отиде во пензија. Си мислев дека сега конечно ќе има време да ја проучува Библијата. Но, тој ми рече дека да прави нешто за Бог само затоа што има вишок време, за него е рамно на хулење. Наместо тоа, рече дека ќе почне да прави нешто за Бог тогаш кога од срце ќе посака, и дека јас не треба да му вршам притисок.

Еден ден ме праша дали сега конечно би го минала остатокот од животот само за него. Тоа ме повреди, зашто од денот кога се венчавме до тој момент јас правев сѐ што можев за него. Толку многу се трудев да му биде убаво, но тој чувствувал дека јас повеќе живеам за Јехова отколку за него. Откако малку размислив, му одговорив дека нема што повеќе да направам за него од она што го правам. Но, ако тој би сакал да ми се придружи во она што јас го правам, би можеле заедно да започнеме еден нов живот кој ќе трае не само уште некоја година, туку вечно. Минаа денови, но не добив никаков одговор. Еден ден конечно ме праша: „Па, ќе ја проучуваш ли Библијата со мене?“ Кога и да помислам на овие зборови, срцето ми заигрува од радост.

Отпрвин договорив со еден старешина од христијанското собрание да проучува со мојот сопруг, но Казухико ми рече: „Не сакам да проучувам со никој друг освен со тебе“. Така започнавме секој ден да ја проучуваме Библијата. Бидејќи јас служам во кинеско собрание, а тој убаво зборуваше кинески, проучувавме на кинески. Исто така, заедно ја прочитавме Библијата за помалку од една година.

Сето тоа време, еден старешина во кинеското собрание, заедно со својата сопруга, се грижеше за нас двајцата. Иако беа помлади од нашите деца, ни станаа вистински пријатели. Многу други Сведоци исто така му посветија многу внимание на мојот сопруг. Нѐ викаа на гости и си разговараа со Казухико како да им беше роден татко. Тоа му причинуваше големо задоволство.

Еден ден дома ни стигна покана за венчавка во собранието, адресирана до мојот сопруг. Тоа признание како глава на семејството многу го трогна, и одлучи да појдеме. Наскоро почна да станува сѐ попристаплив за Сведоците и започна да ја проучува Библијата со еден старешина во христијанското собрание. Тоа што ја проучуваше Библијата, што доаѓаше на состаноците и што го засака собранието му помогна духовно да напредува.

Најпосле едно обединето семејство

Во декември 2000 година, Казухико се крсти во симбол на својот завет да му служи на Јехова. Иако беа далеку, и нашите деца со снаите дојдоа да го видат ова „чудо на денешницата“. Требаше да минат 42 години, но барем најпосле сме едно обединето семејство.

Сега, секое утро двајцата заедно го разгледуваме дневниот стих и читаме дел од Библијата. Секој ден си разговараме за духовни работи и заедно учествуваме во духовни активности. Казухико е слуга помошник во собранието и неодамна го одржа и своето прво предавање на кинески јазик. Благодарна сум му на Јехова што направи да сме заедно. Едвај го чекам времето кога, заедно со сите мои блиски и сакани, ќе можеме вечно да го славиме неговото име и врховност.

[Карта на страница 13]

(Види во публикацијата)

КИНА

НАРОДНА ДЕМОКРАТСКА РЕПУБЛИКА КОРЕЈА

РЕПУБЛИКА КОРЕЈА

Јапонско Море

ЈАПОНИЈА

Токио

Источно Кинеско Море

ТАЈВАН

Тајпеј

[Слика на страница 12]

Со моето семејство во 1958, кога се крстив

[Слики на страница 13]

Кога се преселивме од Токио во Тајпеј, духовно нѐ зајакнаа пријатели како Харви и Кети Логан

[Слика на страница 15]

Денес моето семејство обединето му служи на вистинскиот Бог