Јехова го избавува страдалникот
Јехова го избавува страдалникот
„Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите“ (ПСАЛМ 34:19).
1, 2. Со каков проблем се соочила една верна христијанка, ѝ зошто постои можност и кај нас да се јават слични чувства?
ЕДНА млада жена по име Кеико a е Јеховин сведок подолго од 20 години. Извесно време служела како општ пионер, односно полновремен објавител на Царството. Многу ја ценела таа служба. Меѓутоа, неодамна Кеико почнале да ја измачуваат чувства на очај и ѝ доаѓала желба да се изолира. „Нон-стоп плачев“, вели таа. За да ги победи своите негативни мисли, Кеико почнала да одвојува повеќе време за да проучува. „Сепак, не можев да ја променам мојата состојба“, вели таа. „Дојдов до тој степен што посакував да умрам.“
2 Дали си се борел со слични чувства на очај? Ако си Јеховин сведок, ти имаш многу причини да се радуваш, затоа што оддаденоста на Бог „има ветување за сегашниот живот и за оној кој ќе дојде“ (1. Тимотеј 4:8). Денес, ти живееш во духовен рај! Меѓутоа, дали тоа значи дека си заштитен од сите страдања? Секако дека не! Библијата вели: „Праведникот има многу неволји“ (Псалм 34:19). Ова не е за изненадување, бидејќи „целиот свет лежи во власта на злобниот“, Сатана Ѓаволот (1. Јованово 5:19). Во поголема или во помала мера, секој од нас ги чувствува последиците од тоа (Ефешаните 6:12).
Последиците од страдањата
3. Наведи библиски примери на Божји слуги што многу страдале.
3 Поради долготрајното страдање можеме да станеме негативни (Пословици 15:15). Размисли за Јов, кој бил праведен човек. Кога се нашол во едно ужасно тешко искушение, Јов рекол: „Човек кого жена го родила е кусовечен и полн со неволји“ (Јов 14:1). Јов ја изгубил радоста. Некое време мислел дури и дека Јехова сосема го напуштил (Јов 29:1-5). Јов не бил единствениот Божји слуга што чувствувал толку голема болка. Библијата ни кажува дека и Ана била „јадосана во душата“ затоа што немала деца (1. Самоил 1:9-11). Нажалена поради еден семеен проблем, Ревека рекла: „Ми здодеа мојот живот“ (Битие 27:46). Кога размислувал за своите грешки, Давид рекол: „Постојано скитам натажен“ (Псалм 38:6). Овие неколку примери јасно покажуваат дека богобојазливи мажи и жени од претхристијанскиот период во извесни моменти многу страдале.
4. Зошто не сме изненадени што меѓу христијаните денес има „депримирани души“?
4 Што е со христијаните? Апостол Павле сметал дека е потребно да им каже на солуњаните ‚да им зборуваат утешно на депримираните души‘ (1. Солуњаните 5:14). Во една публикација стои дека грчкиот збор што е преведен со ‚депримирани души‘ може да се однесува на оние „што се привремено оптоварени од притисоците на животот“. Зборовите на Павле покажуваат дека некои помазаници во собранието во Солун биле многу потиштени. И денес, некои христијани се во депресија. Но, зошто се толку потиштени? Да спомнеме три вообичаени причини.
Нашата несовршеност може да нѐ мачи
5, 6. Каква утеха можеме да добиеме од Римјаните 7:22-25?
5 За разлика од расипаните луѓе што „изгубиле секакво морално чувство“, на вистинските христијани им причинува болка тоа што се несовршени (Ефешаните 4:19). Можеби се чувствуваат како Павле, кој напишал: „Јас навистина уживам во Божјиот закон според човекот кој сум однатре, но во своите членови гледам еден друг закон кој војува против законот на мојот ум и ме заробува под законот на гревот што е во моите членови“. Потоа, Павле извикнал: „Беден човек сум јас!“ (Римјаните 7:22-24).
6 Дали некогаш си се чувствувал како Павле? Не е погрешно да бидеш свесен за своите маани, бидејќи тоа те освестува колку сериозна работа е гревот и може да ја зацврсти твојата решеност да не правиш лошо. Но, не мора постојано да се измачуваш заради твоите пропусти. Павле кажал и нешто друго освен што ја изразил својата вознемиреност. Тој рекол: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господ!“ (Римјаните 7:25). Да, Павле имал доверба дека Исусовата пролеана крв може да го откупи од наследениот грев (Римјаните 5:18).
7. Што може да помогне некому да не се измачува поради своите грешни склоности?
7 Ако ти е тешко поради твојата грешност, нека те тешат зборовите што ги кажал апостол Јован, кој напишал: „Ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник. И тој е жртва помирница за нашите гревови, и не само за нашите туку и за гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Ако те измачува тоа што те влечат твоите грешни склоности, секогаш мисли на фактот дека Исус умрел за грешници, а не за совршени луѓе. Всушност, „сите згрешија и не ја достигнуваат Божјата слава“ (Римјаните 3:23).
8, 9. Зошто не треба да се обвинуваме себеси?
8 Меѓутоа, да речеме дека во минатото си направил некој тежок грев. Без сомнение си зборувал за тоа со Јехова во молитва, можеби и многу често. Си добил духовна помош од христијанските старешини (Јаков 5:14, 15). Вистински си се покајал и затоа си останал дел од собранието. Или можеби си ја напуштил Божјата организација извесно време, но подоцна си се покајал и повторно си чист во Божји очи. Како и да е, можеби гревот што си го направил во минатото постојано ти се враќа во мислите и те измачува. Ако е така, мисли на тоа дека Јехова „великодушно“ им простува на оние што искрено се каат (Исаија 55:7, NW). Освен тоа, тој не сака да се чувствуваш безнадежно осуден. Така би се постигнала целта на Сатана (2. Коринќаните 2:7, 10, 11). Ѓаволот ќе биде уништен затоа што го заслужува тоа, но тој би сакал и ти да имаш чувство дека го заслужуваш истиот суд (Откровение 20:10). Не дозволувај Сатана да успее во оваа сплетка да ја уништи твојата вера (Ефешаните 6:11). Наместо тоа, ‚заземи став против него‘ и на ова поле, исто како што правиш за други работи (1. Петрово 5:9).
9 Во Откровение 12:10, Сатана е наречен „обвинителот на нашите браќа“ — помазаните христијани. Тој „ги обвинува ден и ноќ“ пред Бог. Ако малку повеќе размислиш за тој стих, ќе видиш дека Сатана, лажниот обвинител, ќе се радува ако самиот се обвинуваш и се осудуваш себеси, иако Јехова не те обвинува и не те осудува (1. Јованово 3:19-22). Зошто постојано да се измачуваш заради твоите грешки до тој степен што ти доаѓа да се откажеш? Не дозволувај Сатана да го уништи твојот однос со Бог. Никогаш не дозволувај Ѓаволот да ти го тргне од вид фактот дека Јехова е „дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив“ (Излез 34:6).
Нашите ограничувања можат да нѐ обесхрабрат
10. На кои начини можат да нѐ обесхрабрат нашите ограничувања?
10 Некои христијани се обесхрабрени затоа што нивните ограничувања влијаат врз нивната служба за Бог. Дали и со тебе е така? Можеби некоја тешка болест, староста или други околности не ти дозволуваат да посветиш толку време во службата колку што си посветувал во минатото. Точно, христијаните се охрабрени да си откупуваат време за Божјата служба (Ефешаните 5:15, 16). Но, што ако твоите ограничувања навистина те спречуваат да правиш повеќе во службата и тоа многу те обесхрабрува?
11. Како може да ни користи советот на Павле запишан во Галатите 6:4?
11 Библијата нѐ поттикнува да не бидеме мрзливи туку да бидеме „имитатори на оние кои преку вера и стрпливост ги наследуваат ветувањата“ (Евреите 6:12). Тоа можеме да го правиме само ако длабоко размислиме за нивниот добар пример и ако се угледаме на нивната вера. Меѓутоа, нема да ни користи ако се споредуваме со другите само за да си најдеме маани и да си потврдиме дека не правиме ништо добро. Затоа, треба да го послушаме советот на Павле: „Секој нека докаже какво е неговото сопствено дело, и тогаш ќе има причина за ликување во поглед на самиот себе, а не во споредба со некој друг“ (Галатите 6:4).
12. Зошто можеме да се радуваме на службата што ја извршуваме за Јехова?
12 Христијаните имаат добра причина да се радуваат, дури и кога не можат многу да прават поради тешките здравствени проблеми што ги имаат. Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Можеби некои околности врз кои не можеш да влијаеш ти отежнуваат да бидеш активен како некогаш. Но, со Јеховина помош, ќе можеш поцелосно да учествуваш во некои гранки од христијанската служба, како што се сведочењето по телефон и пишувањето писма. Биди уверен дека Јехова Бог ќе те благослови што ја извршуваш службата со сета душа и за љубовта што ја покажуваш кон него и кон другите луѓе (Матеј 22:36-40).
‚Критичните времиња‘ можат да нѐ истоштат
13, 14. а) Како можат да нѐ измачуваат овие „критични времиња“? б) Кои докази постојат дека денес недостига природна наклоност?
13 Иако очекуваме живот во Божјиот праведен нов свет, моментално живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Нѐ теши сознанието дека вознемирувачките настани укажуваат дека нашето избавување е близу. Сепак, врз нас влијаат условите во кои живееме. На пример, што ако си невработен? Не е лесно да се најде работа, и како што одминуваат месеците, можеби се прашуваш дали Јехова ја гледа твојата неволја и дали ги слуша твоите молитви. Или можеби си станал жртва на предрасуди или на некоја друга неправда. Дури и кога само ќе пролисташ некој весник, можеби ќе се почувствуваш како праведниот Лот, кого ‚тешко го измачувала‘ („истоштувала“ Young’s Literal Translation of the Holy Bible) распуштеноста на луѓето околу него (2. Петрово 2:7).
14 Има и една карактеристика на последните денови што не можеме да ја превидиме. Во Библијата е проречено дека многу луѓе ќе бидат „без природна наклоност“ (2. Тимотеј 3:3). Во многу семејства очајнички недостига љубов меѓу домашните. Всушност, „доказите покажуваат дека е поголема веројатноста луѓето да бидат убиени, физички нападнати или емоционално или сексуално малтретирани од членовите на семејството отколку од некој друг човек“, стои во книгата Family Violence. „За некои возрасни и деца, местото каде што секој треба да биде сакан и да се чувствува безбеден е најопасното место што постои“. На оние што растеле во нездрава семејна атмосфера, подоцна во животот може да им надоаѓаат чувства на болка и очај. Што ако тоа ти се случува и тебе?
15. Во кој поглед Јеховината љубов е поголема од љубовта на кој и да е човек?
15 Псалмистот Давид пеел: „Ако татко ми и мајка ми ме остават, Господ ќе ме прими“ (Псалм 27:10). Колку нѐ теши тоа што знаеме дека Јеховината љубов е поголема од љубовта на кој и да е човечки родител! Колку и да е болно родителот да те отфрли, да те малтретира или да те напушти, тоа нема никакво влијание врз тоа колку те сака Јехова (Римјаните 8:38, 39). Мисли на тоа дека Бог ги привлекува кон себе оние што ги сака (Јован 3:16; 6:44). Како и да постапувале со тебе луѓето, твојот небесен Татко те сака!
Како да се надмине потиштеноста
16, 17. Кога некој е потиштен, што може да направи за да ја зачува својата духовна сила?
16 Можеш да преземеш практични чекори за да ја победиш потиштеноста. На пример, следи добра програма на христијански активности. Размислувај за Божјата реч, особено кога ти се чини дека обесхрабрувањето ќе те столчи. Псалмистот пеел: „Штом помислам: ‚Ногата ми се подлизнува‘, о Господи, Твојата добрина ме потпира. Кога ќе се соберат грижи во моето срце, Твоите утехи ми ја веселат душата“ (Псалм 94:18, 19). Редовното читање на Библијата ќе ти помогне да ги исполниш мислите со утешни зборови и охрабрувачки мисли.
17 Многу е важна и молитвата. Дури и ако не можеш потполно да ги изразиш со зборови своите најдлабоки чувства, Јехова знае што сакаш да кажеш (Римјаните 8:26, 27). Псалмистот нѐ уверува: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22).
18. Кои практични чекори може да ги преземе оној што е депримиран?
18 Некои запаѓаат во очај заради тоа што имаат клиничка депресија. b Ако е тоа случај и со тебе, обиди се првенствено да мислиш на Божјиот нов свет и на времето кога „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). А ако твоите негативни чувства не се само вообичаено лошо расположение што нѐ обзема понекогаш, би било мудро да побараш лекарска помош (Матеј 9:12). Исто така, важно е да се грижиш за своето физичко здравје. Корисно е здраво да се храниш и по малку да вежбаш. Одморај се доволно. Навечер не останувај доцна за да гледаш телевизија, и избегнувај рекреација што те исцрпува физички и емоционално. Што е најважно од сѐ, остани зафатен во Божјата служба! Иако сѐ уште не е време кога Јехова „ќе ја избрише секоја солза“, тој ќе ти помогне да издржиш (Откровение 21:4; 1. Коринќаните 10:13).
Да живееме „под моќната Божја рака“
19. Што им ветува Јехова на оние што страдаат?
19 Библијата нѐ уверува дека, иако праведникот има многу неволји, „Господ го избавува од сите“ (Псалм 34:19). Како го прави тоа? Кога апостол Павле упорно се молел да биде избавен од својот „трн во телото“, Јехова му рекол: „Мојата сила се усовршува во слабост“ (2. Коринќаните 12:7-9). Што му ветил Јехова на Павле, и што ти ветува и тебе? Не ветил дека веднаш ќе излекува, туку дека ќе даде сила да се издржи.
20. И покрај нашите тешкотии, во што нѐ уверува 1. Петрово 5:6, 7?
20 Апостол Петар напишал: „Понизете се под моќната Божја рака за да ве возвиши во вистинско време; додека сета своја тегобна грижа ја фрлате на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7). Бидејќи Јехова се грижи за тебе, тој нема да те напушти. Ќе те поткрепува и покрај тоа што имаш неволји. Имај на ум дека верните христијани се „под моќната Божја рака“. Додека му служиме на Јехова, тој ни дава сила да издржиме. Ако сме му верни, ништо не може да ни нанесе трајна духовна штета. Затоа, да му останеме лојални на Јехова за да имаме вечен живот во новиот свет што ни го ветил и за да го доживееме денот кога тој навистина трајно ќе го избави оној што страда!
[Фусноти]
a Името е променето.
b За разлика од обесхрабрувањето, клиничката депресија е дијагностицирано заболување при кое тагата е силна и долготрајна. За додатни информации види Стражарска кула од 15 октомври 1988, страници 25-29 (англ.), 15 ноември 1988, страници 21-24 (англ.), и 1 септември 1996, страници 30, 31.
Се сеќаваш ли?
• Зошто дури и Јеховините слуги страдаат?
• Кои се некои фактори што можат да бидат причина Божјите слуги да бидат потиштени?
• Како ни помага Јехова да се справиме со грижите?
• Во кој поглед сме „под моќната Божја рака“?
[Прашања]
[Слики на страница 25]
И покрај тешкотиите, Јеховиниот народ има причина да се радува
[Слика на страница 28]
Сведочењето по телефон е еден начин да му го дадеш на Јехова најдоброто од себе