Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Родители, бидете им убав пример на своите деца

Родители, бидете им убав пример на своите деца

Родители, бидете им убав пример на своите деца

„ПСИХОЛОЗИТЕ можат да се откажат од својата едновековна потрага по најдобриот начин за подигање на добро воспитано дете — но не затоа што го открија туку затоа што таков начин не постои.“ Овие зборови стоеја во списанието Time, во статија во која беше даден критички осврт на една книга за воспитување на децата. Во книгата се тврди дека децата првенствено ги прифаќаат вредностите што ги имаат нивните врсници, а не нивните родители.

Нема сомнение дека притисокот од врсниците е многу силен (Пословици 13:20; 1. Коринќаните 15:33). Новинарот Вилијам Браун напишал: „Ако постои нешто што има улога на бог во животот на тинејџерот, тоа е желбата да биде како другите . . . Најстрашно нешто за еден тинејџер е да биде поинаков од другите“. Кога децата не се чувствуваат сакани и ценети од родителите или, пак, родителите не минуваат доволно време со нив — нешто што е вообичаено за забрзаното темпо со кое живееме денес — тие, всушност, му ја отвораат вратата на влијанието на врсниците кое ќе им ги упропасти децата.

Освен тоа, во овие ‚последни денови‘ семејството е на удар бидејќи, како што претскажала Библијата, луѓето се преокупирани со пари, со задоволства и со себеси. Тогаш, зар треба да нѐ изненади тоа што децата стануваат „непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, без природна наклоност“? (2. Тимотеј 3:1-3).

Изразот „природна наклоност“, кој е употребен во Библијата, се однесува на љубовта што постои меѓу членовите на семејството. Оваа љубов е природна врска што ги тера родителите да се грижат за своите деца а децата да се приврзат за своите родители. Но, кога родителите не покажуваат природна наклоност, децата ќе бараат емоционална поддршка на друго место — главно од своите врсници — и најверојатно и ќе ги прифатат нивните вредности и ставови. Но, обично може да се избегне да дојде до ова доколку родителите ги применуваат библиските начела во својот семеен живот (Пословици 3:5, 6).

Бог го основал семејството

Откако ги соединил Адам и Ева како маж и жена, Бог им ја дал следнава заповед: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата“. Така настанало семејството — составено од татко, мајка и деца (Битие 1:28; 5:3, 4; Ефешаните 3:14, 15). За да им помогне на луѓето да ги одгледуваат своите деца, Јехова во нив вградил некои основни родителски инстинкти. Но, за разлика од животните, на луѓето им е потребна и дополнителна помош во овој поглед, па затоа Јехова им обезбедил упатства во пишан облик. Во нив спаѓаат совети во врска со моралните и духовните работи, и совети за тоа како исправно да се дисциплинираат децата (Пословици 4:1-4).

Обраќајќи им се конкретно на татковците, Бог рекол: „Овие зборови што денес ти ги заповедам, нека ти се врежат во срцето. Напомнувај им ги на своите синови. Зборувај им за нив кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7; Пословици 1:8, 9). Забележи дека прво самите родители требало да го врежат Божјиот закон во своите срца. Зошто било важно ова? Бидејќи поуките што вистински ќе поттикнат некого да се смени не доаѓаат од устата туку извираат од срцето. Родителите ќе можат да го достигнат срцето на своето дете само ако поучуваат од срце. Таквите родители ќе им бидат убав пример на децата, кои брзо забележуваат кога нешто не се прави искрено (Римјаните 2:21).

На христијанските родители им е кажано да ги ‚воспитуваат [своите деца] во Господовиот ред и учење‘ уште од бебиња (Ефешаните 6:4СП; 2. Тимотеј 3:15). Уште од бебиња? Да! „Понекогаш ние родителите не сме свесни колку навистина се способни децата“, напишала една мајка. „Ги потценуваме нивните способности. Децата имаат потенцијал. Од нас родителите се бара да го искористиме.“ Да, децата уживаат да учат, а кога се поучувани од побожни родители, тие ќе научат и да сакаат. Таквите деца ќе се чувствуваат сигурни и безгрижни во границите што им се поставени. Затоа, добрите родители се трудат да бидат искрени другари, и се трудат добро да комуницираат со децата и да поучуваат стрпливо но цврсто, за така да им обезбедат на своите деца здрава атмосфера во која ќе можат да напредуваат. *

Заштити ги своите деца

Во едно писмо до родителите, еден загрижен директор на училиште во Германија напишал: „Би сакале да ве поттикнеме вас, драги родители, самите да имате поголем удел во воспитувањето на вашите деца и да не им го препуштате на телевизорот или на улицата она што, всушност, само вие може да го направите за развојот на нивната личност“.

Ако им се препушти детето на телевизијата или на улицата, тогаш му се дозволува на духот на светот да влијае врз неговото воспитување (Ефешаните 2:1, 2). Сосема спротивно од Божјиот дух, овој светски дух, како силен ветер, го носи семето на ‚земното, животинско, демонско‘ размислување и обилно го всадува во умот и во срцето на наивните или лекоумните (Јаков 3:15). На крајот ова размислување, како штетен плевел, го расипува срцето. Исус сликовито ги претставил последиците што ќе ги роди она што е посеано во срцето кога рекол: „Добар човек од добрата ризница на своето срце изнесува добро, а зол човек од својата зла ризница изнесува зло; бидејќи устата му зборува од изобилието на срцето“ (Лука 6:45). Затоа, Библијата нѐ советува: „А над сѐ чувај го своето срце, зашто животот извира од него“ (Пословици 4:23).

Се разбира, децата си се деца, и некои знаат да бидат тврдоглави, па дури и своеглави (Битие 8:21). Што можат да сторат родителите? „Глупоста се прилепува до срцето на детето, прачката на поуката ја отстранува од него“, вели Библијата (Пословици 22:15). Некои го сметаат ова за престрога и застарена воспитна мерка. Всушност, Библијата е против секакво насилство или грубост. Зборот ‚прачка‘, иако понекогаш се користи во дословна смисла, всушност го претставува авторитетот на родителот што тој го спроведува цврсто но со љубов и исправно, бидејќи е заинтересиран за трајното добро на своите деца (Евреите 12:7-11).

Одвојте си време за рекреација со децата

Општо е познато дека, за да можат децата правилно да се развиваат, потребни им се игра и разонода. Мудрите родители го користат времето да ја зајакнат врската со детето на тој начин што, секогаш кога е можно, учествуваат во некој облик на рекреација заедно со нив. Така родителите не само што им помагаат на децата да сфатат кој вид рекреација е исправен туку им покажуваат и колку им е убаво да бидат заедно со нив.

Еден татко, кој е Јеховин сведок, вели дека често играл топка со синот кога ќе се врател од работа. Една мајка кажува дека игрите како „не лути се човеку“ им биле најомилени на нејзините деца. Една возрасна ќерка помни дека ѝ било убаво кога сите заедно како семејство се возеле со велосипеди. Сите овие деца сега се возрасни, но нивната љубов кон родителите — и кон Јехова — е исто толку силна, па дури и посилна.

Навистина, родителите кои со зборови и на дело покажуваат дека ги сакаат своите деца и дека сакаат да бидат заедно со децата, имаат длабоко и трајно влијание врз нив. На пример, многу од дипломците од еден клас на мисионерската школа Гилеад изјавиле дека нивната желба да служат во полновремена служба се должи на примерот и на охрабрувањето што им ги дале родителите. Колку прекрасно наследство за децата и каков благослов за самите родители! Се разбира, околностите не им дозволуваат на сите деца да започнат со полновремена служба кога ќе пораснат, но сигурно дека сите ќе извлечат корист и ќе ги ценат побожните родители кои станале нивни најблиски пријатели и пример во нивните животи (Пословици 22:6; Ефешаните 6:2, 3).

Самохраните родители можат да успеат

Денес, многу деца растат во семејства со самохран родител. Иако ова дополнително го отежнува воспитувањето, овие родители можат успешно да го направат тоа. Самохраните родители можат да се охрабрат од библискиот пример на Евника, Еврејка која станала христијанка во првиот век. Бидејќи била во брак со човек кој не бил христијанин, Евника најверојатно не добивала никаква духовна помош од својот сопруг. И покрај тоа, одлично го воспитала Тимотеј. Таа и нејзината мајка Лоида добро влијаеле врз Тимотеј уште откако тој бил бебе, и ова влијание се покажало многу посилно од кое и да било негативно влијание што можеби доаѓало од неговите врсници (Дела 16:1, 2; 2. Тимотеј 1:5; 3:15).

Многу млади денес што израснале со родител кој не бил Сведок или, пак, со самохран родител, ги имаат истите убави особини што ги имал младиот Тимотеј. На пример, Рајан, кој сега има 22 години и е полновремен слуга, израснал во семејство со самохран родител и со уште еден постар брат и сестра. Татко им бил алкохоличар и ги оставил кога Рајан имал 4 години. Тој вели: „Мама беше решена сите да продолжиме да му служиме на Јехова и ги вложи сите свои сили да биде така.

На пример, таа водеше сметка да се дружиме само со врсници што имаа позитивно влијание врз нас. Никогаш не ни дозволуваше да се мешаме со оние што Библијата ги опишува како лошо друштво, без разлика дали стануваше збор за лица надвор или внатре во собранието. Исто така, всади во нас исправно гледиште за световното образование“. Иако мајка му на Рајан често била зафатена и уморна од работа, не дозволила тоа да ја спречи со љубов да им се посвети на своите деца. „Секогаш сакаше да биде крај нас и да разговараме“, вели Рајан. „Нѐ поучуваше стрпливо но цврсто, и правеше сѐ што можеше за редовно да ја проучуваме Библијата како семејство. Во однос на библиските мерила, не смееше да ни падне на памет да се нагодуваме.“

Кога размислува за тоа време, Рајан сфаќа дека во неговиот живот, како и во животот на брат му и сестра му, најсилно влијание извршила мајка му — како родител што вистински го сака Бог и ги сака своите деца. Затоа вие, христијански родители — сеедно дали сте во брак или не, со сопружник во вистината или не — не обесхрабрувајте се и не дозволувајте ништо да ви ја поколеба решеноста да ги поучувате своите деца. Понекогаш некои млади, како бунтовниот син, можеби ќе ја отфрлат вистината. Но, кога ќе видат колку, всушност, е површен и студен светот, можеби ќе се вратат. Да, „праведникот оди во својата непорочност, блазе им на неговите синови по него!“ (Пословици 20:7; 23:24, 25; Лука 15:11-24).

[Фуснота]

^ пас. 9 За подетална дискусија за секоја од спомнатите работи, види ја книгата Тајната на семејната среќа, страници 55-59, издадена од Јеховините сведоци.

[Рамка/слики на страница 11]

Родителите на Исус избрани од Бог

Кога го испратил својот Син, Исус, да биде роден како човек, Јехова внимателно ги избрал неговите родители. Интересно, тој избрал две скромни, побожни лица кои не го разгалиле Исус туку го поучиле за Божјата реч и го научиле да биде вреден и одговорен (Пословици 29:21; Плач Еремиин 3:27). Јосиф го поучил за дрводелскиот занает, а сигурно и тој и Марија очекувале Исус, како најстар, да им помага околу другите деца, кои броеле најмалку шест (Марко 6:3).

Можеш да си го замислиш семејството на Јосиф како секоја година за време на Пасхата заеднички се подготвува за да патува во Ерусалим — околу 200 километри во двата правца, без да користи било кое од современиве превозни средства. Без сомнение, од едно деветчлено, а можеби и поголемо семејство, сигурно се барало да биде добро организирано за едно такво долго патување (Лука 2:39, 41). И покрај сите тешкотии, Јосиф и Марија несомнено ги ценеле ваквите долги патувања, и најверојатно ги користеле за да ги поучат своите деца за настани што се случиле во минатото а се запишани во Библијата.

Додека живеел дома, Исус ‚им останал подложен‘ на своите родители, и цело време ‚напредувал во мудроста и во телесниот раст и во наклоноста кај Бог и кај луѓето‘ (Лука 2:51, 52). Да, Јосиф и Марија докажале дека ја заслужуваат довербата на Јехова. Колку убав пример за родителите денес! (Псалм 127:3).