Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Избавени со „скапоцената крв“

Избавени со „скапоцената крв“

„Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“

Избавени со „скапоцената крв“

ЈЕХОВА покажал најголема љубов со тоа што го испратил својот единороден Син да го даде својот совршен човечки живот како откупнина. Со оглед на тоа што сме грешни луѓе, очајно ни е потребно такво избавување, бидејќи ниеден несовршен човек „не може никако да го откупи брата си, ниту да му даде на Бога откупнина . . . за да може да живее довека“ (Псалм 49:6-9). Колку сме му благодарни на Бог што ‚го дал својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот‘! (Јован 3:16).

Како можеме да бидеме избавени преку откупнината? Да разгледаме четири начини на кои можеме да бидеме ослободени благодарение на овој огромен чин на љубов од страна на Јехова Бог.

Ослободување преку откупнината

Прво, Исусовата жртва може да нѐ избави од наследениот грев. Сите сме родени во грев. Да, грешни сме уште пред воопшто да можеме да го прекршиме Јеховиниот закон. Зошто? Во Римјаните 5:12 стои: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта“. Бидејќи сме деца на грешниот Адам, ние сме ја наследиле грешноста од него. Меѓутоа, благодарение на тоа што е платена откупнина, можеме да бидеме ослободени од ропството на наследениот грев (Римјаните 5:16). Исус ‚вкусил смрт за секој човек‘, преземајќи ги на себе последиците од гревот за Адамовите потомци (Евреите 2:9; 2. Коринќаните 5:21; 1. Петрово 2:24).

Второ, откупнината може да нѐ ослободи од погубните последици на гревот. „Платата што ја дава гревот е смрт“ (Римјаните 6:23). Казната за гревот е смрт. Преку својата жртвена смрт, Божјиот Син овозможил послушните луѓе да добијат вечен живот. Навистина, „кој практикува вера во Синот, има вечен живот; кој не го слуша Синот, нема да види живот“ (Јован 3:36).

Забележи дека можеме да бидеме избавени од последиците на гревот само ако покажуваме вера во Божјиот Син. Ова значи дека треба да направиме промени во животот и да почнеме да живееме во склад со Божјата волја. Мораме да престанеме да постапуваме погрешно и да почнеме да го правиме она што му е угодно на Бог. Апостол Петар рекол дека треба да ‚се покаеме и да се обратиме за да ни се избришат гревовите‘ (Дела 3:19).

Трето, жртвата што ја дал Исус нѐ ослободува од нечистата совест. Сите што му ветуваат на Јехова дека ќе му служат и стануваат крстени ученици на неговиот Син наоѓаат утеха (Матеј 11:28-30). И покрај тоа што сме несовршени, многу сме радосни што му служиме на Бог со чиста совест (1. Тимотеј 3:9; 1. Петрово 3:21). Ако ги признаеме гревовите и повеќе не ги правиме, добиваме милост и не нѐ измачува нечиста совест (Пословици 28:13).

Помош и надеж

На крајот, бидејќи имаме вера во откупнината, не се плашиме како гледа Бог на нас. Апостол Јован напишал: „Ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос“ (1. Јованово 2:1). Во врска со улогата на помошник што ја има Исус, апостол Павле напишал: „Тој може потполно да ги спаси оние кои преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема за нив“ (Евреите 7:25). Сѐ додека во нас има макар и најмала трага од гревот, ќе имаме потреба од службата на Првосвештеникот Исус Христос кој ни помага да имаме добар однос со Бог. Како дејствувал Исус како наш првосвештеник?

Четириесет дена откако воскреснал, во 33 година од н.е., Исус се вознел на небото, каде што на Бог му ја принел вредноста на својата ‚скапоцена крв‘. Како резултат на тоа, во многу блиска иднина Исус ќе ги ослободи послушните луѓе од гревот и од смртта * (1. Петрово 1:18, 19). Според сето ова, зарем не се согласуваш дека Исус Христос заслужува да го сакаме и да го слушаме?

Освен тоа, и Јехова Бог заслужува да го сакаме и да му бидеме послушни. Тој со љубов овозможил да имаме „ослободување преку откупнина“ (1. Коринќаните 1:30). Благодарение на него сме живи сега и имаме надеж да живееме вечно во иднина. Затоа, навистина имаме причина ‚повеќе да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето‘ (Дела 5:29).

[Фуснота]

^ пас. 12 Види Календар на Јеховините сведоци за 2006, март/април.

[Рамка/слики на страница 9]

ДАЛИ ЗНАЕШЕ?

• Исус се вознел на небото од Маслинската гора (Дела 1:9, 12).

• Само верните апостоли на Исус го виделе неговото вознесување (Дела 1:2, 11-13).