Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да знаеш што е исправно и да го правиш тоа

Да знаеш што е исправно и да го правиш тоа

Животна приказна

Да знаеш што е исправно и да го правиш тоа

РАСКАЖАЛ ХАДИН САНДЕРСОН

Во една прилика, Исус им рекол на своите апостоли: „Ако го знаете тоа, среќни сте ако го извршувате“ (Јован 13:17). И вистина, можеби знаеме што е исправно, но понекогаш е толку тешко да го извршуваме! Сепак, по повеќе од 80 години живот, од кои 40 ги поминав во мисионерска служба, уверен сум дека овие зборови на Исус се потполно точни. Секој што го правите она што ни го кажува Бог, ќе биде вистински среќен. Да ви објаснам како дојдов до овој заклучок.

ВО 1925 година, кога имав три години, моите родители присуствуваа на едно библиско предавање што се одржа во мојот роден град, Њукасл (Австралија). Говорот со наслов „Милиони кои сега живеат нема никогаш да умрат“, ја увери мајка ми дека ја пронашла вистината, и оттогаш почна редовно да присуствува на христијанските состаноци. Но, интересот на татко ми брзо спласна. Не му се допаѓаше новата вера на мајка ми и ѝ се закани дека ќе ја остави ако не се откаже. Мајка ми го сакаше татко ми, и сакаше семејството да остане заедно. Но, знаеше дека најважно од сѐ е да му остане верна на Бог, и беше цврсто решена да го прави она што е исправно во Божји очи (Матеј 10:34-39). Татко ми нѐ напушти, и потоа го гледав само одвреме-навреме.

Кога ќе се сетам на тие времиња, се восхитувам на лојалноста што мајка ми ја покажа кон Бог. Нејзината одлука ни донесе живот полн со духовни благослови — и мене а и на мојата постара сестра, Бјула. Од лојалноста на мајка ми научивме уште нешто — кога знаеме што е исправно, мора многу да се трудиме да го правиме.

Испити на верата

Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекуваа Јеховините сведоци, многу му помагаа на нашето семејство. Баба ми дојде да живее со нас, и подоцна ја прифати библиската вистина. Таа и мајка ми станаа неразделни партнерки во делото на проповедање, и со своето достоинствено држење и пријателски однос ја стекнаа почитта на повеќето луѓе.

Во меѓувреме, постарите христијански браќа ме зедоа под закрила и од нив научив многу скапоцени работи. Набрзо знаев како да користам картичка со сведоштво, и можев кратко да им сведочам на луѓето во нивните домови. Исто така, пуштав снимени библиски говори на пренослив грамофон и заедно со другите одев по главните улици носејќи плакати на кои се најавуваа јавните предавања. Ова ми беше тешко, зашто се борев со стравот од човек. Сепак, знаев дека е исправно и затоа го правев.

Откако завршив со школувањето почнав да работам во банка, и требаше да патувам до многуте филијали низ државата Нов Јужен Велс. Иако во тој дел на земјата имаше малку Сведоци, она што го имав научено претходно ми помогна да си ја одржам верата. Мајка ми ми праќаше охрабрувачки писма што ме зајакнуваа духовно.

Тие писма ми дојдоа како помош во право време. Започна Втората светска војна и требаше да одам на регрутација. Директорот на банката беше ревносен верник и воен заповедник. Кога му објаснив дека како христијанин имам неутрален став, тој ми постави ултиматум — или ќе ја напуштам религијата или банката! Работите достигнаа кулминација кога се јавив во локалниот центар за регрутација. Таму беше и директорот, кој живо заинтересиран гледаше во мене додека се приближував кон бирото за упис. Кога одбив да ги потпишам документите за регрутација, службениците страшно се налутија. Ситуацијата стана многу напната, но бев цврсто решен да го направам она што е исправно. Јехова ми помогна да останам смирен и цврст. Подоцна разбрав дека ме бараат некои силеџии, па брзо се спакував и го фатив првиот воз што заминуваше од градот!

Откако се вратив во Њукасл, морав да одам на суд, заедно со уште седум други браќа што исто така одбија да одат во војска. Судијата нѐ осуди на три месеци принудна работа во затвор. Иако затворот не беше баш пријатен, бев благословен затоа што го правев она што е исправно. Откако ја одлежавме казната, еден од браќата со кои бев во затвор, Хилтон Вилкинсон, ми понуди да работам во неговото фото-студио. Таму ја запознав мојата идна сопруга, Мелоди, која работеше како секретарка. Кратко откако бев пуштен од затвор, се крстив како Јеховин сведок.

Си поставуваме цел да служиме полновремено

Откако се венчавме, јас и Мелоди отворивме сопствено фото-студио во Њукасл. Но, наскоро имавме толку многу работа што тоа почна лошо да се одразува врз нашето здравје и духовноста. Отприлика во тоа време разговаравме за нашите духовни цели со Тед Џерес, кој тогаш служеше во подружница на Јеховините сведоци во Австралија, а сега е член на Водечкото тело. По тој разговор, одлучивме да го продадеме студиото и да си го поедноставиме животот. Во 1954 година купивме мала камп-приколка, се преселивме во градот Баларат во државата Викторија и почнавме да служиме како пионери, или полновремени проповедници.

Додека служевме во малото собрание во Баларат, Јехова ни го награди трудот. За 18 месеци, бројот на оние што доаѓаа на состаноците се искачи од 17 на 70. Потоа добивме покана да служиме во патувачка служба, или покраинско дело, во државата Јужна Австралија. Следните три години уживавме во посетите на собранијата во градот Аделејд и во регионот покрај реката Мари, богат со лозја и јужно овошје. Колку поинаков живот беше тоа! Бевме среќни што служиме заедно со нашите мили браќа и сестри. Каква убава награда за тоа што го правевме она што знаевме дека е исправно!

Мисионерска доделба

Во 1958 година ја известивме подружницата во Австралија дека имаме намера да присуствуваме на меѓународниот конгрес „Божја волја“ кој требаше да се одржи во Њујорк Сити нешто подоцна истата година. Тие ни испратија молби за мисионерската школа Гилеад во Соединетите Држави. Бидејќи и јас и Мелоди бевме во средината на триесеттите, мислевме дека сме престари за школата. Сепак, ги испративме молбите и бевме поканети да присуствуваме на 32-от клас. На половина од курсот ни кажаа каде ќе служиме како мисионери — во Индија! И покрај првиот страв од неизвесноста, сакавме да го направиме она што е исправно и со задоволство ја прифативме доделбата.

Нашиот брод пристигна во Бомбај (сега Мумбај) едно рано утро во 1959 година. Стотици работници спиеја исполегнати на пристаништето. Во воздухот се мешаа чудни миризби. Кога изгреа сонцето, ни стана јасно што нѐ чека. Никогаш во животот не бевме почувствувале толкава жештина! Нѐ пречека еден пар мисионери, Линтон и Џени Дауер, со кои едно време заедно служевме како пионери во Баларат. Тие нѐ однесоа во подружницата во Индија и во бетелскиот дом, кој всушност беше многу мал стан близу до центарот на градот. Во него живееја шестмина доброволни работници. Брат Едвин Скинер, кој служеше како мисионер во Индија уште од 1926 година, ни препорача да си купиме две големи патни торби пред да тргнеме онаму каде што бевме доделени. Ваквите торби, наполнети со сѐ и сешто, беа честа глетка во возовите во Индија и многу добро ни послужија за подоцнежните патувања.

По дводневното патување со воз, стигнавме на нашата доделба во Тиручирапали, град во јужната држава Мадрас (сега Тамил Наду). Таму им се придруживме на уште тројца други специјални пионери од Индија, кои проповедаа меѓу населението кое броеше 250.000 луѓе. Условите за живот беа примитивни. Еднаш останавме со помалку од 3 евра в џеб. Но, кога ги потрошивме и тие пари, Јехова не нѐ остави на цедило. Еден човек што ја проучуваше Библијата ни позајми пари за да изнајмиме место за живеење кое ќе биде погодно и за одржување состаноци. Во една друга прилика, кога немавме доволно за јадење, еден љубезен сосед ни донесе домашно направено јадење со кари. Беше вкусно, но толку лутеше што почнав да икам!

Како одеше проповедањето

Иако во Тиручирапали имаше луѓе што зборуваа англиски, повеќето зборуваа тамилски јазик. Вложивме доста труд да научиме едноставни презентации на тој јазик за да ги користиме додека проповедавме. Многу луѓе го ценеа тој труд.

Сведочењето од куќа до куќа беше вистинско задоволство. Индијците се гостољубив народ, и повеќето ќе нѐ поканеа да влеземе внатре и да се освежиме со нешто. Со оглед на тоа што температурата најчесто беше околу 40 Целзиусови степени, многу ја ценевме ваквата љубезност! Пред да зборуваме за Библијата, беше обичај да позборуваме за лични работи. Домаќините често ќе нѐ прашаа: „Од каде сте? Имате ли деца? Зошто немате?“ Кога ќе станеше збор за деца, често ќе ни посочеа некој добар лекар за да ни помогне! Сепак, ваквите разговори ни отвораа пат да кажеме зошто сме дојдени и да објасниме какво важно дело извршуваме со тоа што ги поучуваме луѓето за Библијата.

Повеќето од луѓето на коишто им сведочевме беа хиндуисти. Верувањата на таа религија многу се разликуваат од христијанството. Но, наместо да навлегуваме во дискусии за сложените учења на хиндуистичката филозофија, едноставно ја проповедавме добрата вест за Божјето Царство — и ова даде добри резултати. За шест месеци, околу дваесетина души почнаа да доаѓаат на состаноците во нашиот мисионерски дом. Еден од нив беше Налатамби, кој работеше како градежен инженер. Тој и неговиот син, Виџајалајан, подоцна им помогнаа на околу 50 луѓе да станат слуги на Јехова. Виџајалајан извесно време служеше и во подружницата во Индија.

Постојано во движење

Не бевме ни цели шест месеци во Индија кога бев замолен да служам како прв постојан обласен надгледник во земјата. Оваа доделба вклучуваше многу патувања низ цела Индија, организирање конгреси и работење со девет групи на различни јазици. Ќе требаше да се вложи огромен напор. Ја спакувавме облеката и опремата што ни беше потребна за следните шест месеци во три лимени сандаци и во старите добри торби што си ги купивме кога стигнавме, и тргнавме со воз од градот Мадрас (сега Ченаи). Со оглед на тоа што областа во која требаше да служиме се протегаше на територија со опсег од околу 6.500 километри, постојано бевме во движење. Еднаш, откако присуствувавме на конгрес во градот Бангалор, кој се наоѓа на југ, веднаш моравме да тргнеме на север кон Дарџилинг, град во подножјето на Хималаите, за да присуствуваме на друг конгрес таму. Патот до Дарџилинг вклучуваше дополнителни 2.700 километри, и требаше да смениме пет различни возови.

На тие први патувања имавме обичај да го прикажуваме филмот The New World Society in Action (Заедницата на новиот свет во акција). Од него луѓето можеа да видат колку е голема и што сѐ прави Јеховината земна организација. На ваквите проекции честопати присуствуваа и по неколку стотини луѓе. Еднаш ѝ го прикажувавме филмот на група луѓе собрани покрај еден пат. Додека филмот течеше, над нас почнаа да се насобираат облаци спремни да истурат дожд. Одлучив да не го прекинувам филмот туку само да го забрзам, зашто еднаш кога го прекинав мноштвото се побуни и настана метеж. За среќа, филмот заврши без проблеми, токму пред да паднат првите капки.

Низ годините што следеа, со Мелоди ја пропатувавме скоро цела Индија. Со оглед на тоа што секој регион си има своја карактеристична храна, облека, јазик и пејзажи, имавме чувство како да патуваме од една во друга земја. Колкава прекрасна разноликост има во Јеховиното творештво! Истиот впечаток ни го остави и животинскиот свет во Индија. Еднаш, кога кампувавме во непалската џунгла, имавме можност одблизу да видиме како изгледа еден голем тигар. Беше неверојатно убав. Тоа што го видовме уште повеќе ја зајакна нашата желба да бидеме во рајот, кога конечно луѓето и животните ќе живеат заедно без да се плашат едни од други.

Организациски подобрувања

Во тоа време, на браќата во Индија им требаше помош за да ги следат потесно упатствата во врска со тоа како треба да е организирано делото на Јеховините сведоци. Во некои собранија мажите седеа на едната, а жените на другата страна. Ретко се случуваше состанокот да започне навреме. Во едно место, објавителите се собираа на состанок на звукот на една камбана. Во други места, влегуваа еден по еден кога самите ќе одредеа дека е време состанокот да почне, и тоа гледајќи до каде се искачило сонцето. Конгресите и посетите од патувачките надгледници беа нередовни. Браќата сакаа да го прават она што е исправно, но требаше да им се покаже како.

Во 1959 година, Јеховината организација ја основа Школата за именувани браќа. Оваа школа што се одржуваше низ целиот свет им помогна на обласните надгледници, специјалните пионери, мисионерите и собраниските старешини поефикасно да се грижат за своите библиски одговорности. Кога школата за првпат се одржа во Индија, во декември 1961 година, служев како инструктор. Постепено сите собранијата во земјата ги почувствуваа резултатите од обуката, и ова водеше до голем напредок. Кога браќата сфатија што е исправно, Божјиот дух ги мотивираше и да го прават тоа.

Големите конгреси исто така ги охрабрија и ги обединија браќата. Нешто посебно беше меѓународниот конгрес „Вечната добра вест“, кој се одржа во Њу Делхи во 1963 година. На овој конгрес допатуваа Сведоци од сите краишта на Индија, оддалечени и со илјадници километри, а мнозина потрошија сѐ што имаа заштедено за да присуствуваат. Имаше дојдено 583 делегати од 27 други земји, па така локалните Сведоци за првпат имаа прилика да се запознаат и да се дружат со голем број браќа од странство.

Во 1961 година, со Мелоди бевме поканети да станеме членови на бетелското семејство во Бомбај, каде што подоцна служев и во Одборот на подружницата. Добив и други предности. Долги години служев како зонски надгледник низ делови од Азија и Средниот Исток. Бидејќи во многу од овие земји делото беше забрането, објавителите таму мораа да бидат „претпазливи како змии, а сепак невини како гулаби“ (Матеј 10:16).

Пораст на делото и други промени

Во 1959 година, кога за првпат пристигнавме во Индија, во земјата имаше 1.514 активни објавители. Денес, тој број порасна на повеќе од 24.000. За да се задоволат потребите што ги наметна ваквиот пораст, Бетелот мораше да се сели двапати во нови простории во или близу Бомбај. Потоа, во март 2002 година следеше уште една преселба на бетелското семејство — овој пат во нов комплекс што беше изграден близу Бангалор, во јужна Индија. Во овој современ комплекс моментално живеат 240 бетелски работници, а некои од нив преведуваат литература на 20 јазици.

Иако со Мелоди едвај чекавме да се преселиме во Бангалор, поради слабото здравје бевме принудени да се вратиме во Австралија во 1999 година. Сега служиме како членови на бетелското семејство во Сиднеј. Си заминавме од Индија, но во нашите срца сѐ уште гори љубов кон драгите пријатели и нашите духовни деца што останаа таму. Колку ни е мило кога добиваме писма од нив!

Кога ќе се присетиме на преку педесетте години минати во полновремена служба, и јас и Мелоди чувствуваме дека сме богато благословени. Некогаш работата ни беше да го сочуваме изгледот на луѓето на фотографија, но неспоредливо подобар избор е да се работи на тоа да се сочуваат луѓето живи во Божјето сеќавање. Колку убави искуства ни донесе одлуката да ја ставиме Божјата волја на прво место во животот! Да, човек е навистина среќен ако го прави она што Бог кажува дека е исправно го прави!

[Карти на страница 15]

(Види во публикацијата)

ИНДИЈА

Њу Делхи

Дарџилинг

Бомбај (Мумбај)

Бангалор

Мадрас (Ченаи)

Тиручирапали

[Слики на страница 13]

Хадин и Мелоди во 1942 година

[Слика на страница 16]

Бетелското семејство во Индија, 1975 година