Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Сведоштво на сите нации“

„Сведоштво на сите нации“

„Сведоштво на сите нации“

„Ќе ми бидете сведоци . . . сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (ДЕЛА 1:8).

1. Кога и каде учениците првпат го чуле пророштвото запишано во Матеј 24:14?

 ИСУСОВИТЕ зборови што се запишани во Матеј 24:14 се толку познати, што многу од нас ги знаат напамет. Тие содржат едно навистина значајно пророштво! Замисли си што мора да си помислиле учениците кога го чуле првпат тоа пророштво! Било 33 година од н.е. Учениците биле со Исус околу три години, и сега дошле во Ерусалим заедно со него. Ги виделе неговите чуда и ги чуле неговите учења. Иако се радувале на скапоцените вистини што ги научиле од Исус, добро знаеле дека сите луѓе не ја чувствувале истата радост. Исус имал силни и влијателни непријатели.

2. Со кои опасности и проблеми требало да се соочат учениците?

2 На Маслинската гора, четворица ученици седеле со Исус и внимателно слушале додека зборувал за претстојните опасности и проблеми со кои ќе се соочат. Претходно, Исус им рекол дека ќе биде убиен (Матеј 16:21). Сега јасно им кажал дека и тие ќе наидат на жестоко противење. „Ќе ве предадат на неволја и ќе ве убиваат“, рекол тој. „И ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име.“ Тоа не било сѐ. Лажни пророци ќе заведат многу луѓе. Други ќе се спрепнат и ќе се предаваат еден со друг и ќе се мразат. А трети, всушност „повеќето“, ќе дозволат нивната љубов кон Бог и кон неговата Реч да олади (Матеј 24:9-12).

3. Зошто Исусовите зборови што се спомнати во Матеј 24:14 се навистина импресивни?

3 Откако ги спомнал тие обесхрабрувачки настани, Исус кажал нешто што сигурно ги зачудило учениците. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Да, делото што го започнал Исус во Израел — ‚да сведочи за вистината‘ — ќе продолжи и ќе се прошири во целиот свет (Јован 18:37). Какво импресивно пророштво! Да се прошири тоа дело меѓу „сите нации“ немало да биде лесно, а да се прави тоа и покрај ‚омразата на сите нации‘ би било вистинско чудо. Со извршувањето на оваа огромна задача ќе се прослави Јеховината врховна власт и моќ, како и неговата љубов, милост и стрпливост. Освен тоа, неговите слуги ќе имаат прилика да ја покажат својата вера и оддаденост.

4. На кого му било речено да го изврши делото на сведочење, и како ги утешил Исус?

4 Исус јасно им дал до знаење на своите ученици дека ги чека огромна работа. Пред да се вознесе на небото, Исус им се појавил и им рекол: „Ќе примите сила кога светиот дух ќе дојде на вас, и ќе ми бидете сведоци како во Ерусалим така и во цела Јудеја и Самарија, па сѐ до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Се разбира, наскоро ќе им се придружеле и други. Сепак, учениците не биле многу на број. Сигурно многу се утешиле кога дознале дека Божјиот моќен свет дух требало да ги зајакне за да ја извршат оваа задача што им ја дал Бог!

5. Што не знаеле учениците во врска со делото на сведочење?

5 Учениците знаеле дека треба да ја проповедаат добрата вест и ‚да прават ученици од луѓето од сите нации‘ (Матеј 28:19, 20). Но, не знаеле колку темелно сведоштво ќе биде дадено, и не знаеле кога ќе дојде крајот. Тоа не го знаеме ниту ние. За тие работи одлучува само Јехова (Матеј 24:36). Кога Јехова ќе биде задоволен со обемот на сведоштво што е дадено, ќе му стави крај на овој злобен свет. Дури тогаш христијаните ќе сфатат дека проповедничкото дело е извршено во обем што одговара на Јеховината намера. Тешко дека тие рани ученици можеле да си го замислат обемот на сведоштвото што ќе се даде во ова време на крајот.

Сведочење во првиот век

6. Што се случило на Пентекост 33 година од н.е. и кратко потоа?

6 Во првиот век, делото на проповедање на Царството и правење ученици се извршувало со зачудувачки резултати. На Пентекост 33 година од н.е., околу 120 ученици биле во една горна соба во Ерусалим. Врз нив бил излеан Божјиот свет дух, апостол Петар одржал еден мотивирачки говор во кој го објаснил значењето на ова чудо, и околу 3.000 души станале верници и се крстиле. Но, тоа било само почеток. И покрај одлучните напори на верските водачи да го запрат проповедањето на добрата вест, ‚Јехова секојдневно им ги придодавал на учениците оние кои се спасувале‘. Наскоро, ‚бројот на мажите достигнал околу пет илјади‘. Потоа, ‚постојано се придружувале верници во Господа, множества и од мажи и од жени‘ (Дела 2:1-4, 8, 14, 41, 47; 4:4; 5:14).

7. Зошто преобраќањето на Корнелиј било значаен настан?

7 Во 36 година од н.е. се случил уште еден значаен настан — преобраќањето и крштавањето на Корнелиј, кој бил не-Евреин. Кога Јехова го упатил апостол Петар да појде кај овој богобојазлив човек, покажал дека Исусовата заповед ‚да се прават ученици од луѓето од сите нации‘ не била ограничена само на Евреите во различни земји (Дела 10:44, 45). Каква била реакцијата на оние што предводеле? Кога апостолите и постарите мажи во Јудеја сфатиле дека добрата вест треба да им се пренесе и на луѓето од нациите — на не-Евреите — тие го славеле Бог (Дела 11:1, 18). Во меѓувреме, проповедничкото дело и понатаму давало плод меѓу Евреите. По неколку години, можеби околу 58 од н.е., освен верници не-Евреи имало и „многу илјади верници“ Евреи (Дела 21:20).

8. Како влијае добрата вест врз луѓето?

8 Иако бројниот пораст меѓу христијаните во првиот век е импресивен, не треба да заборавиме дека зад тие бројки, всушност, стојат луѓе. Библиската порака што ја чуле тие луѓе извршила силно влијание (Евреите 4:12). Кога ја прифатиле, таа драматично им го сменила животот. Ги исчистиле своите животи, ја облекле новата личност и се помириле со Бог (Ефешаните 4:22, 23). Истото се случува и денес. Сите оние што ја прифаќаат добрата вест имаат прекрасен изглед да живеат вечно (Јован 3:16).

Соработници на Бог

9. Која чест и одговорност сфатиле дека ја имаат првите христијани?

9 Првите христијани не сметале дека е нивна заслуга она што го постигнале. Сфатиле дека во нивното дело како проповедници им помага „силата на светиот дух“ (Римјаните 15:13, 19). Јехова бил заслужен за духовниот пораст. Во исто време, тие христијани знаеле дека имаат чест и одговорност да бидат „Божји соработници“ (1. Коринќаните 3:6-9). Затоа, во склад со Исусовиот совет, тие силно се напрегале во делото што им било дадено да го извршат (Лука 13:24).

10. Каков труд вложувале некои од првите христијани за да им сведочат на сите нации?

10 Како „апостол на нациите“, Павле поминал илјадници километри по копно и по море, основајќи многу собранија во римската провинција Азија и во Грција (Римјаните 11:13). Тој бил и во Рим, а можеби дури и во Шпанија. Во меѓувреме, апостол Петар, на кого му била доверена „добрата вест . . . за оние кои се обрежани“, отпатувал во друг правец за да служи во Вавилон, кој бил важен центар на јудаизмот во тоа време (Галатите 2:7-9; 1. Петрово 5:13). Меѓу многуте други што трудољубиво работеле на делото на Господарот имало и жени, како што биле Трифена и Трифоса. И за една друга жена, по име Персида, исто така е речено дека ‚вложила многу труд во Господ‘ (Римјаните 16:12).

11. Како го благословил Јехова трудот на учениците?

11 Јехова богато го благословил трудот на овие и на други ревносни проповедници. Помалку од 30 години откако Исус претскажал дека ќе им биде дадено сведоштво на сите нации, Павле напишал дека „таа добра вест“ му била проповедана на „сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:23). Дали крајот дошол тогаш? Во извесна смисла, да. Крајот дошол врз еврејскиот поредок во 70 година од н.е., кога римските војски го разурнале Ерусалим заедно со неговиот храм. Сепак, Јехова решил да се даде едно многу поголемо сведоштво пред да му стави крај на целиот Сатанов свет.

Сведочење денес

12. Како раните Истражувачи на Библијата ја разбрале заповедта да проповедаат?

12 По еден долг период во кој било раширено верско отпадништво, кон крајот на 19 век, чистото обожавање било обновено. Истражувачите на Библијата, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци, добро ја разбрале заповедта да прават ученици по целиот свет (Матеј 28:19, 20). Во 1914 година околу 5.100 лица активно учествувале во проповедничката активност, а добрата вест стигнала до 68 земји. Меѓутоа, тие рани Истражувачи на Библијата не го сфатиле целосното значење на Матеј 24:14. Кон крајот на 19 век, Библиските друштва ја превеле и ја отпечатиле Библијата, во која се наоѓа добрата вест, односно евангелието, на многу јазици, со што се раширила низ целиот свет. Затоа, неколку децении Истражувачите на Библијата мислеле дека веќе им е дадено сведоштво на нациите.

13, 14. Кое појасно разбирање на Божјата волја и намера било изнесено во англиското издание на Стражарска кула од 1928?

13 Малку по малку, Јехова му давал на својот народ појасно разбирање за неговата волја и намера (Пословици 4:18). Во англиското издание на Стражарска кула од 1 декември 1928 стои: „Можеме ли да речеме дека, затоа што Библијата е толку распространета, веќе е исполнето претскажаното проповедање на евангелието за Царството? Воопшто не! И покрај големата распространетост на Библијата, сѐ уште е потребно малата група Божји сведоци на Земјата да печати литература во која се објаснува Божјата [намера] и да оди кај луѓето на кои им биле оставени овие Библии. Инаку луѓето сѐ уште не би знаеле дека Месијанското царство е воспоставено во нашево време“.

14 Во тоа издание на Стражарска кула понатаму стоело: „Во 1920 година . . . Истражувачите на Библијата точно го разбраа пророштвото на нашиот Господар содржано во Матеј 24:14. Тогаш сфатија дека ‚ова евангелие‘ што требало да се проповеда во целиот свет за сведоштво на не-Евреите, односно на сите нации, не било евангелие за едно царство што допрва треба да дојде туку евангелие дека месијанскиот цар веќе почнал да владее над Земјата“.

15. Како се раширило делото на сведочење од 1920-тите наваму?

15 Таа „мала група сведоци“ од 1920-тите не останала мала. Во следните децении било констатирано дека постои и почнало да се собира едно „големо мноштво“ од „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:16). Денес има 6.613.829 објавители на добрата вест во 235 земји во светот. Колку прекрасно исполнување на тоа пророштво! Никогаш порано „оваа добра вест за царството“ не била проповедана во толкав обем. Никогаш порано немало толку многу верни слуги на Јехова на земјата.

16. Што беше постигнато во изминатата службена година? (Види ја табелата на страници 27-30.)

16 Ова големо мноштво Сведоци обединето и вредно работеше во 2005 службена година. Тие посветија преку една милијарда часови во објавувањето на добрата вест во 235 земји. Беа направени милиони повторни посети и се водеа милиони библиски студии. Ова дело го извршуваа Јеховините сведоци, кои бесплатно одвојуваат од своето време и средства за да им ја пренесат Божјата реч на другите (Матеј 10:8). Преку својот моќен свет дух, Јехова и понатаму ги зајакнува своите слуги да ја извршуваат неговата волја (Захарија 4:6).

Да работиме вредно за да дадеме сведоштво

17. Како се оѕвива Јеховиниот народ на Исусовите зборови да се проповеда добрата вест?

17 Иако поминале речиси 2.000 години откако Исус рекол дека ќе се проповеда добрата вест, ревноста на Божјиот народ за тоа дело не се намалила. Знаеме дека со тоа што истрајно го правиме она што е добро, ги одразуваме Јеховините особини љубов, милост и стрпливост. Исто како него, не сакаме никој да биде уништен туку сакаме луѓето да се покаат и да се помират со Јехова (2. Коринќаните 5:18-20; 2. Петрово 3:9). Бидејќи Божјиот дух ги поттикнува на ревност, Јеховините сведоци ревносно ја објавуваат добрата вест до краевите на Земјата (Римјаните 12:11). Како резултат на тоа, луѓето насекаде ја прифаќаат вистината и се подложуваат на Јеховиното водство полно со љубов. Да разгледаме неколку примери.

18, 19. Кои искуства можеш да ги раскажеш за некои лица што ја прифатиле добрата вест?

18 Чарлс бил земјоделец од западна Кенија. Во 1998 година продал над 8.000 килограми тутун и добил пофалница за најдобар одгледувач на тутун. Во тоа време почнал да ја проучува Библијата. Набрзо сфатил дека човек што се занимава со производство на тутун ја прекршува Исусовата заповед да го сака својот ближен (Матеј 22:39). Кога заклучил дека ‚најдобриот одгледувач на тутун‘ е всушност ‚најдобар убиец‘, Чарлс го попрскал со отров и така го уништил насадениот тутун. Духовно напредувал, му ветил на Јехова дека ќе му служи и се крстил. Сега е општ пионер и слуга помошник.

19 Нема сомневање дека Јехова ги растресува нациите преку глобалното сведочење, и луѓе од сите народи — богатството — доаѓаат кај него (Агеј 2:7). Педро, кој живее во Португалија, почнал да учи богословија кога имал 13 години. Си поставил цел да стане мисионер и да ги поучува луѓето за Библијата. Меѓутоа, по кратко време ја напуштил богословијата затоа што на часовите не ѝ се посветувало многу внимание на Библијата. По шест години тој бил на студии по психологија во Лисабон. Живеел со тетка му, која била Јеховин сведок, и таа го охрабрила да ја проучува Библијата. Тогаш Педро не бил сигурен дали постои Бог, и не можел да одлучи дали да ја проучува Библијата. Со својот професор по психологија разговарал за неодлучноста. Професорот му рекол дека психологијата учи дека луѓето што не можат да донесат одлуки си наштетуваат себеси. Тогаш Педро решил да ја проучува Библијата. Неодамна се крсти и сега тој самиот им помага на другите да ја проучуваат Библијата.

20. Зошто можеме да се радуваме што на нациите им се дава сведоштво во толкав обем?

20 Сѐ уште не знаеме до кој обем ќе им се дава сведоштво на луѓето од сите народи ниту, пак, знаеме кој ден и час ќе дојде крајот. Единствено што знаеме е дека тоа ќе биде наскоро. Се радуваме што проповедањето на добрата вест во толку голем обем е само еден од многуте показатели дека е близу времето кога Божјето царство ќе ги замени човечките влади (Даниел 2:44). Со секоја измината година, милиони лица добиваат прилика да ја прифатат добрата вест, а со тоа се прославува нашиот Бог, Јехова. Да бидеме решени да останеме верни и заедно со нашите браќа во целиот свет да бидеме зафатени во делото на сведочење на сите нации. Правејќи го тоа, ќе се спасиме и себеси и оние што нѐ слушаат (1. Тимотеј 4:16).

Се сеќаваш ли?

• Зошто пророштвото од Матеј 24:14 е многу значајно?

• Колкав труд вложувале првите христијани за да проповедаат, и со какви резултати?

• Како Истражувачите на Библијата разбрале дека е потребно да им сведочат на сите нации?

• Што ти остава впечаток кога ќе ја разгледаш активноста на Јеховиниот народ во изминатава службена година?

[Прашања]

[Табела на страници 27-30]

ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 2005 СЛУЖБЕНА ГОДИНА

(Види во публикацијата)

[Карта/слики на страница 25]

Павле поминал илјадници километри по копно и по море за да ја проповеда добрата вест

[Слика на страница 24]

Јехова го упатил Петар да им сведочи на Корнелиј и на неговата фамилија