Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Се менува сцената на овој свет“

„Се менува сцената на овој свет“

„Се менува сцената на овој свет“

„Го велам ова, браќа: Преостанатото време е скратено“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 7:29).

1, 2. Кои промени си ги видел во текот на твојот живот?

КОИ промени си ги видел во текот на твојот живот? Можеш ли да наведеш некои од нив? Да го земеме, на пример, напредокот што е постигнат во медицината. Благодарение на истражувањата на ова поле, просечниот животен век во некои земји се зголемил од помалку од 50 години во почетокот на 20-тиот век на преку 70 години денес! Исто така, помисли и на тоа каква корист сме имале од исправната употреба на радиото, телевизорот, мобилните телефони и факсовите. Не треба да се превиди ниту напредокот што е постигнат во образованието, во сообраќајот и на полето на човековите права. Сево ова го подобрило животот на милиони луѓе.

2 Се разбира, сите промени што настанале не биле на подобро. Невозможно е да се игнорираат разорните последици од сѐ поголемиот криминал, драстичниот пад на моралните вредности, сѐ почестата злоупотреба на дрога, сѐ повисокиот број разводи, вртоглавата инфлација и сѐ поголемата закана од тероризам. Како и да е, веројатно ќе се согласиш со она што многу одамна го напишал апостол Павле: „Се менува сцената на овој свет“ (1. Коринќаните 7:31).

3. Што мислел Павле кога напишал дека „се менува сцената на овој свет“?

3 Со оваа изјава, Павле го споредил светот со бина. Актерите на таа бина — славни личности од светот на политиката, религијата и културата — излегуваат на сцената, си ја одигруваат својата улога и потоа им ја препуштаат бината на другите. Така било со векови. Во минатото, една династија можеби владеела со децении — па дури и со столетија — и промените биле бавни. Но, не и денес, кога текот на историјата може да се промени за толку кратко време колку што е потребно куршумот на убиецот да ја погоди својата цел! Да, во овие бурни времиња, не знаеме што нѐ чека утре.

4. а) Кое урамнотежено гледиште треба да го имаат христијаните во врска со настаните во светот? б) Кои два уверливи вида докази ќе ги разгледаме сега?

4 Ако светот е бина а неговите водачи се актери, тогаш христијаните се публиката. * Меѓутоа, бидејќи „не се дел од светот“, тие не се внесуваат претерано ниту во претставата ниту во идентитетот на актерите (Јован 17:16). Наместо тоа, желно чекаат да видат знаци што покажуваат дека драмата ја достигнува својата кулминација — еден катастрофален крај — бидејќи знаат дека овој систем мора да заврши пред Јехова да го воспостави долгоочекуваниот нов свет на праведност. * Затоа, да испитаме два вида докази што покажуваат дека живееме во времето на крајот и дека новиот свет е близу. Тоа се: 1) библиската хронологија и 2) сѐ полошите услови во светот (Матеј 24:21; 2. Петрово 3:13).

Конечно разрешена една мистерија!

5. Што се „одредените времиња на нациите“, и зошто се од интерес за нас?

5 Хронологијата ја изучува врската помеѓу времето и настаните. Исус зборувал за едно време кога светските лидери ќе бидат главни актери на бината и Божјето Царство нема да им се меша во работите. Тој период Исус го нарекол „одредените времиња на нациите“ (Лука 21:24). На крајот на тие ,одредени времиња‘, Божјето небесно Царство ќе дојде на власт, на чело со Исус како негов законски Владетел. Во почетокот, Исус ќе владее ,среде своите непријатели‘ (Псалм 110:2). Потоа, според Даниел 2:44, тоа Царство „ќе ги разбие и ќе ги уништи“ сите човечки влади, а самото ќе остане засекогаш.

6. Кога започнале „одредените времиња“, колку траеле и кога завршиле?

6 Кога ќе завршат „одредените времиња на нациите“, и кога ќе почне да владее Божјето Царство? Одговорот, кој бил ,запечатен до времето на свршетокот‘, е поврзан со библиската хронологија (Даниел 12:9). Додека се приближувало тоа ,време‘, Јехова презел чекори да ѝ го открие одговорот на една група понизни луѓе што ја истражувале Библијата. Со помош на Божјиот дух, тие увиделе дека „одредените времиња на нациите“ започнале со уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. и дека тие ,времиња‘ траеле 2.520 години. Врз основа на тоа дошле до заклучок дека 1914 го означува крајот на „одредените времиња на нациите“. Исто така, сфатиле дека 1914 е почеток на крајот на овој систем на работи. Како личност што ја истражува Библијата, можеш ли на темел на Писмото да објасниш како е пресметана 1914 година? *

7. Кои стихови ни помагаат да пресметаме кога започнале, колку траеле и кога завршиле седумте времиња спомнати во книгата Даниел?

7 Еден клуч за решавање на загатката се крие во книгата Даниел. Бидејќи Јехова го употребил вавилонскиот цар Навуходоносор да го уништи Ерусалим кога започнале „одредените времиња“, во 607 пр.н.е., преку овој владетел тој открил дека нациите ќе продолжат да владеат вкупно седум симболични времиња без никаква интервенција од страна на Бог (Езекиел 21:26, 27; Даниел 4:16, 23—25). Колку долго траат тие седум времиња? Според Откровение 11:2, 3 и 12:6, 14, три и пол времиња траат 1.260 дена. Значи, седум времиња мора да траат двапати подолго, односно 2.520 дена. Дали тоа е сѐ? Не, бидејќи Јехова му дал на пророкот Езекиел, кој живеел во времето на Даниел, едно правило според кое може да се протолкува таа симболика: „Ти давам по ден за секоја година“ (Езекиел 4:6). Според тоа, седумте времиња требало да траат 2.520 години. Користејќи ја 607 пр.н.е. како појдовна точка, а 2.520 години како вкупно времетраење, доаѓаме до заклучокот дека одредените времиња требало да завршат во 1914.

„Времето на свршетокот“ потврдено

8. Кој доказ можеш да го посочиш дека светските услови се влошиле почнувајќи од 1914?

8 Светските настани од 1914 наваму потврдуваат дека ваквото разбирање врз основа на библиската хронологија е исправно. Самиот Исус рекол дека „завршетокот на системот на работи“ ќе биде означен со војни, глад и чуми (Матеј 24:3—8; Откровение 6:2—8). Факт е дека овие работи се случуваат од 1914. Апостол Павле ја дополнил оваа слика, велејќи дека ставовите на луѓето еден кон друг драстично ќе се променат. Неговиот опис на промените на кои сме сведоци сите ние е сосема точен (2. Тимотеј 3:1—5).

9. Што имаат да кажат набљудувачите во врска со условите во светот од 1914?

9 Дали „сцената на овој свет“ навистина толку многу се сменила од 1914? Во книгата The Generation of 1914 (Генерацијата од 1914), професор Роберт Вол забележува: „Оние што ја преживеаја војната останаа убедени дека во август 1914 завршил еден свет и започнал друг“. Потврдувајќи го ова, д-р Жорже А. Коста е Силва, директор за ментално здравје при Светската здравствена организација, напишал: „Живееме во време на многу брзи промени, кои на крајот предизвикуваат загриженост и стрес во досега невидени размери во историјата на човештвото“. Дали си го почувствувал ова и ти?

10. Како ни ја разјаснува Библијата причината за влошувањето на условите во светот, почнувајќи од 1914?

10 Кој е виновникот што стои зад влошувањето на условите во светот? Тој ни е разоткриен во Откровение 12:7—9: „Избувна војна на небото: Михаел [Исус Христос] и неговите ангели се бореа против змејот [Сатана Ѓаволот], и змејот се бореше заедно со своите ангели, но не надвладеа ниту, пак, за нив повеќе се најде место на небото. И беше исфрлен долу големиот змеј . . . кој ја заведува целата населена земја“. Значи, Сатана Ѓаволот е виновникот што ги прави проблемите, а неговото исфрлање од небото во 1914 значело „тешко на земјата и на морето, зашто Ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:10, 12).

Како ќе се одигра последниот чин

11. а) Кои методи ги користи Сатана за да ја заведе „целата населена земја“? б) На кој посебен обид на Сатана свртел внимание апостол Павле?

11 Свесен дека му се приближува крајот, од 1914 наваму Сатана ги засилува своите напори да ја заведе „целата населена земја“. Сатана, кој секогаш е вешт измамник, всушност работи зад кулиси, поставувајќи ги како главни актери на бината светските лидери и иноватори (2. Тимотеј 3:13; 1. Јованово 5:19). Една од неговите цели е да го наведе човештвото на погрешниот впечаток дека неговиот начин на владеење може да им донесе вистински мир. Општо земено, неговата пропаганда е успешна, бидејќи луѓето и понатаму се оптимисти и покрај сѐ побројните докази дека условите одат од лошо на полошо. Апостол Павле претскажал дека токму пред да биде уништен овој систем на работи, ќе се појави еден истакнат израз на сатанска пропаганда. Тој напишал: „Кога ќе зборуваат: „Мир и сигурност!“ тогаш врз нив веднаш ќе дојде ненадејно уништување како породилни болки на бремена жена“ (1. Солуњаните 5:3; Откровение 16:13 ).

12. Кои напори во поново време биле вложени за да се воспостави мир во нашево време?

12 Во последниве години, политичарите често ја користат фразата „мир и сигурност“ за да ги опишат најразличните планови на луѓето. Тие дури и ја прогласиле 1986 за Меѓународна година на мирот, иако таа година не заслужи да се нарече така. Дали тие напори на светските лидери го претставуваат целосното исполнување на 1. Солуњаните 5:3 или, пак, Павле укажувал на некој конкретен настан кој ќе биде со такви драматични размери што ќе го привлече вниманието на светот?

13. Кога Павле го претскажал извикот „Мир и сигурност!“, со што го споредил уништувањето што ќе следело, и што можеме да научиме од тоа?

13 Бидејќи библиските пророштва честопати се разбираат во потполност дури откако ќе се исполнат или додека нивното исполнување е во тек, ќе мора да почекаме за да видиме. Сепак, интересно е тоа што Павле го споредил ненадејното уништување што ќе следи по извикот „Мир и сигурност!“ со породилни болки на трудна жена. Во период од околу девет месеци, идната мајка станува сѐ посвесна дека во неа расте бебе. Можеби го слуша чукањето на срцето на бебето или чувствува како ѝ мрда во утробата. Тоа може дури и да ја клоцне. Знаците честопати стануваат сѐ понагласени сѐ додека еден ден таа не почувствува остра болка, која покажува дека дошол долго очекуваниот настан — раѓањето на бебето. Според тоа, сеедно како ќе се исполни проречениот извик „Мир и сигурност!“, тој ќе води до ненадеен, болен, но сепак радосен настан — уништување на злото и почеток на еден нов светски систем.

14. По кој општ редослед ќе се одиграат идните настани, и каков ќе биде крајниот исход?

14 Претстојното уништување ќе предизвика страхопочит кај верните христијани што ќе гледаат отстрана. Прво, царевите на земјата (политичкиот дел на Сатановата организација) ќе се свртат против оние што го поддржуваат Големиот Вавилон (религиозниот дел) и ќе ги уништат (Откровение 17:1, 15—18). Така, во еден зачудувачки пресврт на настаните, царството на Сатана самото ќе се подели, при што едниот дел ќе го нападне другиот, а Сатана ќе биде немоќен да го спречи тоа (Матеј 12:25, 26). Јехова ќе стави во срцата на царевите на земјата „да ја извршат неговата мисла“, имено, да ја исчистат земјата од неговите религиозни непријатели. Откако ќе биде уништена лажната религија, Исус Христос ќе ги предводи своите небесни војски за да му нанесат целосен пораз на она што останало од Сатановата организација — трговските и политичките елементи. На крајот, самиот Сатана ќе биде отстранет од сцената. Тогаш ќе се спушти завесата и ќе заврши драмата што траела долго време (Откровение 16:14—16; 19:11—21; 20:1—3).

15, 16. Како треба да влијае врз нашите животи потсетувањето дека „преостанатото време е скратено“?

15 Кога ќе се случат сите овие работи? Не ги знаеме денот и часот (Матеј 24:36). Меѓутоа, знаеме дека „преостанатото време е скратено“ (1. Коринќаните 7:29). Затоа, многу е битно мудро да го користиме времето што преостанува. На кој начин? Како што објаснува апостол Павле, мораме ,да си откупуваме поволно време‘ за поважните работи на сметка на она што е неважно, и да не дозволиме ниеден ден да ни помине напразно. Зошто? „Зашто деновите се зли.“ А ако ,согледуваме која е Јеховината волја‘ за нас, нема да го трошиме напразно она малку скапоцено време што ни преостанува (Ефешаните 5:15—17; 1. Петрово 4:1—4).

16 Како треба да влијае врз секој од нас тоа што знаеме дека целиот светски систем на работи го чека крај? Апостол Петар напишал во наша корист: „Поради тоа што сите овие работи така треба да се распаднат, какви личности тогаш треба да бидете во делата на свето однесување и на побожна оддаденост!“ (2. Петрово 3:11). Навистина, треба да бидеме токму такви личности! Во склад со мудриот совет на Петар, треба 1) будно да внимаваме на нашето однесување за да бидеме сигурни дека е свето, и 2) да се погрижиме нашите ревносни дела во Јеховината служба секогаш да ја одразуваат нашата длабока љубов кон него.

17. Од кои замки на Сатана мораат да се чуваат верните христијани?

17 Љубовта кон Бог ќе нѐ спречи да се приврземе за овој свет поради тоа што ни изгледа примамлив. Со оглед на она што го очекува сегашниов систем на работи, опасно е да нѐ заслепи сјајот и блесокот на световниот, хедонистички начин на живот. Иако живееме и работиме во светот, треба да го послушаме мудриот совет да не го користиме светот во потполност (1. Коринќаните 7:31). Всушност, мораме да даваме сѐ од себе за да не дозволиме да бидеме заведени од светската пропаганда. Овој свет нема да успее да најде решение за проблемите со кои се соочува. Тој нема да може да опстане засекогаш. Зошто можеме да бидеме толку сигурни во ова? Затоа што тоа ни го вели Божјата инспирирана реч: „Светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).

Најубавото допрва претстои!

18, 19. Кои промени со радост ги очекуваш во новиот свет, и зошто чекањето ќе се исплати?

18 Наскоро Јехова ќе ја спушти завесата над Сатана и над оние што го поддржуваат. Потоа, со Божји благослов, верните што ќе го преживеат крајот на овој систем ќе почнат да работат на промените на „сцената“ — промени што ќе останат засекогаш. Војните веќе никогаш нема да ја нагрдуваат сцената; Бог ќе ,ги прекрати војните до крајот на земјата‘ (Псалм 46:9). Наместо глад, ќе има „изобилство на жито во земјата“ (Псалм 72:16). Нема да има затвори, полициски станици, сексуално-преносливи болести, нарко-барони, судови за развод, стечајни постапки и тероризам (Псалм 37:29; Исаија 33:24; Откровение 21:3—5).

19 Спомен-гробовите ќе бидат испразнети и милијарди воскреснати — уште актери — ќе стапат на земната сцена. Колкава само ќе биде радоста кога една по друга генерација ќе се обединуваат и кога по долга разделба најмилите топло и нежно ќе се прегрнуваат! На крајот, сите живи ќе го обожаваат Јехова (Откровение 5:13). Кога ќе бидат направени сите потребни измени, завесата ќе се крене за да го открие рајот што ќе се протега низ целата земја. Како ќе се чувствуваш додека ја разгледуваш таа сцена? Несомнено ќе бидеш поттикнат да извикнеш: ,Долго време го чекав ова, но чекањето се исплати!‘

[Фусноти]

^ пас. 4 Во еден поинаков контекст, Павле зборувал за помазаните христијани дека се „театарски спектакл за светот, и за ангелите, и за луѓето“ (1. Коринќаните 4:9).

^ пас. 4 На пример, во врска со идентитетот на ,северниот цар‘, спомнат во Даниел 11:40, 44, 45, види ја книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, страници 280 и 281.

^ пас. 6 Самата Библија покажува дека Ерусалим паднал 70 години пред да се вратат изгнаните Евреи во 537 пр.н.е. (Еремија 25:11, 12; Даниел 9:1—3). За подетална дискусија за „одредените времиња на нациите“ види страници 88 до 90 во Расправљање на темељу Писма, издадена од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

• Како се исполниле во наше време зборовите на апостол Павле дека „се менува сцената на овој свет“?

• На кој начин библиската хронологија укажува на крајот на „одредените времиња на нациите“?

• На кој начин промената на условите во светот потврдува дека 1914 го означува почетокот на „времето на свршетокот“?

• Како треба да влијае врз нас тоа што „преостанатото време е скратено“?

[Прашања]

[Слика на страница 20]

Конечно — мистеријата е разрешена!