Ги искусувам Јеховината оддадена љубезност и грижа
Животна приказна
Ги искусувам Јеховината оддадена љубезност и грижа
РАСКАЖАЛА ФЕЈ КИНГ
оите родители беа љубезни луѓе, но како и на многу други, воопшто не им се допаѓаше религијата. Мајка ми имаше обичај да каже: „Мора да има Бог, инаку кој ги направил цвеќињата и кој ги направил дрвјата?“ Но, тоа беше сѐ.
ТАТКО ми почина во 1939, кога имав 11 години и живеев со мајка ми во Стокпорт, јужно од Манчестер (Англија). Отсекогаш сум сакала да дознаам повеќе за мојот Творец и ја ценев Библијата, иако не знаев ништо за неа. Затоа решив да одам во Англиканската црква за да видам што има таа да понуди.
Верските служби не ми значеа многу, но кога се читаа евангелијата, Исусовите зборови некако ме уверија дека Библијата мора да биде вистинита. Кога ќе размислам, навистина изгледа чудно што самата не ја прочитав Библијата. Дури и подоцна, кога една семејна пријателка ми даде еден современ превод на „Новиот завет“, никогаш не најдов време да го прочитам.
Избувнувањето на корејската војна во 1950 навистина ме натера да размислувам. Дали војната ќе се рашири, како што се случи со Втората светска војна? Ако да, како би можела да бидам послушна на Исусовата заповед да ги сакам моите непријатели? Но сепак, зарем би можела да стојам настрана и да гледам како луѓето ја напаѓаат мојата земја без да сторам нешто за да ги сопрам? Кога би постапила
така, тоа сигурно би било избегнување на она што ми е должност. И покрај тоа што бев збунета, останав уверена дека одговорите на сите мои прашања се во Библијата, иако немав претстава како или каде да ги најдам.Ја барам вистината во Австралија
Во 1954 јас и мајка ми решивме да се преселиме во Австралија, каде што живееше сестра ми Џин. Неколку години подоцна Џин ми кажа дека ги замолила Јеховините сведоци да ме посетат зашто знаеше дека сум заинтересирана за Библијата и дека одам во црква. Сакаше да дознае што мислам за нив. „Не знам дали нивните објаснувања се точни или не“, ми се довери, „но тие барем имаат објаснувања, што е повеќе од она што го имаат црквите.“
Бил и Линда Шнајдер, двојката што ме посети, беа прекрасен пар. Имаа 60-тина години и беа Сведоци долги години. Работеа во радиостаницата со која раководеа Јеховините сведоци во Аделејд, и кога за време на Втората светска војна проповедничкото дело беше забрането во Австралија, тие се пријавиле како полновремени евангелизатори. Меѓутоа, колку и да ми помагаа Бил и Линда, јас сѐ уште истражував различни религии.
Еден колега од работа ме однесе на еден собир на евангелистот Били Греам, по кој неколкумина од нас се состанавме со еден свештеник кој поттикнуваше да поставуваме прашања. Јас го поставив она прашање што сѐ уште ме мачеше: „Како може некој да биде христијанин и да ги сака своите непријатели кога оди и ги убива во војна?“ Целата група веднаш почна да џагори — очигледно сите ги мачело тоа прашање! По некое време, свештеникот рече: „Не го знам одговорот на тоа прашање. Сѐ уште размислувам за тоа“.
Во меѓувреме, продолжив да ја проучувам Библијата со Бил и Линда и се крстив во септември 1958. Решив да го следам примерот на моите учители, па така во август следната година почнав да служам како пионер, полновремен евангелизатор. Осум месеци подоцна бев поканета да стапам во редовите на специјалните пионери. Колку бев среќна кога дознав дека и сестра ми, Џин, напредувала во проучувањето и се крстила!
Се пружа прилика
Служев во едно собрание во Сиднеј и водев голем број домашни библиски студии. Еден ден сретнав еден пензиониран свештеник од Англиканската црква и го прашав што вели црквата за крајот на светот. Иако ми кажа дека 50 години поучувал за црковната доктрина, неговиот одговор ме зачуди: „Ќе ми треба време да истражам околу тоа зашто не ја знам Библијата толку добро како што ја знаат Јеховините сведоци“.
Кратко по ова, се бараа доброволци што ќе служат во Пакистан. Се пријавив без да знам дека не праќаат немажени жени туку само неженети мажи или брачни парови. Очигледно мојата молба била испратена до нашето седиште во Бруклин, зашто набрзо добив писмо во кое ми беше кажано дека ако сакам да одам, има слободно место во Бомбај (сега Мумбаи, Индија). Тоа беше во 1962. Заминав и останав во Бомбај 18 месеци пред да се преселам во Алахабад.
Веднаш цврсто решив да научам хинди. Овој индиски јазик главно е доследен во пишувањето и изговорот, па затоа не е многу тежок за учење.
Меѓутоа, честопати се разочарував кога станарите ќе ме замолеа да зборувам англиски наместо да се мачам со нивниот јазик! Но, оваа нова земја донесе интересни и возбудливи предизвици, а уживав и во дружењето со другите Сведоци од Австралија.Порано размислував за брак, но кога се крстив бев премногу зафатена со службата за Јехова за да размислувам за тоа. Меѓутоа, сега повторно почнав да чувствувам потреба за сопатник во животот. Се разбира, не сакав да ја напуштам мојата доделба во странство, затоа му се молев на Јехова во врска со ова и потоа веќе не мислев на тоа.
Неочекуван благослов
Во тоа време, Едвин Скинер ја надгледуваше работата на подружницата во Индија. Тој во 1946 присуствувал на осмиот клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower заедно со многу други верни браќа, вклучувајќи ги и Харолд Кинг и Стенли Џонс, кои беа доделени во Кина. * Во 1958 Харолд и Стенли беа ставени во самица во затвор, поради нивната проповедничка активност во Шангај. Кога Харолд беше ослободен во 1963, Едвин му напиша писмо. Откако се врати во Хонгконг, по патувањата во Соединетите Држави и Британија, Харолд му одговори и спомна дека сака да се жени. Му кажа на Едвин дека додека бил во затвор се молел во врска со тоа и го праша Едвин дали познава некоја сестра која би му одговарала како сопруга.
Повеќето бракови во Индија се договорени и Едвин постојано го молеа да договара бракови, но тој секогаш избираше да не го прави тоа. Затоа ѝ го даде писмото од Харолд на Рут Меккеј, чијшто сопруг, Хомер, беше патувачки надгледник. На крај, Рут ми пиша за да ми каже дека еден мисионер кој долги години е во вистината бара сопруга и ме праша дали сум заинтересирана да се допишувам со него. Не ми кажа ниту кој е братот ниту нешто повеќе за него.
Никој не знаеше дека се молев за сопатник, освен Јехова се разбира, и мојата прва реакција беше да ја отфрлам таа идеја. Сепак, колку повеќе размислував толку повеќе сфаќав дека Јехова ретко одговара на нашите молитви на начин на кој можеби мислиме дека ќе одговори. Затоа ѝ напишав писмо на Рут и ѝ реков дека доколку не сум обврзана на некаков начин, може да го замоли братот повторно да пише. Второто писмо од Харолд Кинг беше до мене.
Откако беше ослободен од затворот во Кина, во различни весници и списанија
излегоа фотографии на Харолд и неговата приказна. Дотогаш беше веќе добро познат низ целиот свет, но она што ме воодушеви беше неговото досие на верна теократска служба. Се допишувавме пет месеци и потоа јас отидов во Хонгконг. Се венчавме на 5 октомври 1965.И двајцата сакавме да стапиме во брак и да останеме во полновремената служба, и како што ни минуваа годините, чувствувавме потреба за сопатник повеќе од што и да било друго. Го засакав Харолд и, кога гледав како љубезно и обѕирно постапува со луѓето и како се справува со проблемите што беа поврзани со нашата служба, го стекна моето длабоко почитување. Дваесет и седум години имавме многу среќен брак и добивме многу благослови од Јеховината рака.
Кинезите се вредни луѓе и многу ги сакам. Во Хонгконг се зборува кантонски, кинески дијалект што има многу повеќе тонови или модулации отколку мандаринскиот и затоа е доста тежок за учење. Јас и Харолд почнавме во мисионерскиот дом во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци, а потоа служевме на доделби во различни делови од Хонгконг. Да, бевме многу среќни, но во
1976 моето здравје донесе сериозен проблем.Се борам со здравствени проблеми
Крвавев неколку месеци и крвната слика драстично ми опадна. Ми беше потребна операција, но докторите во болницата ми рекоа дека нема да извршат операција без крв зашто веројатно ќе умрам од шокот. Еден ден кога докторите дискутираа за мојот случај, сестрите се обидоа да ме предомислат, велејќи дека немам право да си го одземам животот. За тој ден имаше закажано 12 операции од кои 10 беа абортуси, но забележав дека на тие бремени жени не им беше кажан ниту еден збор затоа што им го одземаат животот на своите бебиња.
На крај, Харолд напиша писмо со кое болницата се ослободуваше од секаква одговорност доколку умрам, и докторите се согласија да ја извршат потребната операција. Ме однесоа во операционата сала и ме подготвија за анестезија. Меѓутоа, во последен момент, анестезиологот одби да продолжи и болницата мораше да ме отпушти.
Потоа се посоветувавме со еден приватен гинеколог. Сфаќајќи колку е сериозна мојата состојба, тој понуди да ја изврши операцијата по ниска цена — под услов да не кажеме на никого колку ни наплатил. Успешно ја изврши операцијата — и тоа без воопшто да користи крв. Токму во тој период, и мене и на Харолд ни беа многу очигледни оддадената љубезност и грижата на Јехова.
Во 1992 Харолд се разболе од неизлечива болест. Се преселивме во канцеларијата на подружницата и таму љубезно се грижеа и за двајцата. Мојот драг сопруг го заврши својот земен пат во 1993, на 81 година.
Се враќам во Англија
Бев среќна што сум член на бетелската фамилија во Хонгконг, но ми беше сѐ потешко да се справам со горештината и со влагата. Тогаш добив едно изненадувачко писмо од седиштето во Бруклин, во кое бев прашана дали, со оглед на моето здравје, би размислила да се преселам во подружница со здравствени објекти. Така, во 2000 година, се вратив во Англија и му се приклучив на бетелското семејство во Лондон. Колку прекрасна подготовка се покажа тоа! Бев срдечно пречекана и многу уживам во различните доделби, кои вклучуваат да помагам околу грижата за библиотеката на бетелската фамилија и за 2.000 книги во неа.
Исто така, одам во кинеско собрание што се состанува во Лондон, но работите овде се променети. Денес не доаѓаат толку луѓе од Хонгконг, туку од Кина. Тие зборуваат мандарински а тоа претставува нов предизвик во проповедничкото дело. Од целата земја има извештаи за голем број интересни библиски студии што се водат со студенти од Кина кои се на постдипломски студии овде. Тие се трудољубиви и уживаат во библиската вистина што ја учат. Причинува радост да им се помогне.
Во тишината на мојот нов дом честопати размислувам за мојот среќен живот и продолжувам да ѝ се восхитувам на Јеховината оддадена љубезност. Таа влијае врз сите работи што се однесуваат на неговата намера, а неговата грижа за неговите слуги како поединци е толку очигледна. Ја имам секоја причина да му бидам благодарна за сета негова љубезна грижа кон мене (1. Петрово 5:6, 7).
[Фуснота]
^ пас. 19 Животните приказни на овие двајца мисионери излегоа во англиските изданија на Стражарска кула од 15 јули 1963, страници 437—442 и од 15 декември 1965, страници 756—767.
[Слика на страница 24]
Служам во Индија
[Слики на страница 25]
Харолд Кинг во 1963 и кога служел во Кина во 1950-те
[Слики на страница 26]
На денот на нашата венчавка во Хонгконг, 5 октомври 1965
[Слика на страница 26]
Со членови од Бетелот во Хонгконг, во средината е брачниот пар Лианг, а десно е брачниот пар Ганавеј