Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие му служат на христијанското братство на меѓународно ниво

Тие му служат на христијанското братство на меѓународно ниво

Тие му служат на христијанското братство на меѓународно ниво

ДАЛИ си ги чул изразите „меѓународни слуги“ и „меѓународни доброволци“? Сведоците на Јехова што ги сочинуваат овие групи доброволно ги даваат своето време и вештини за да помогнат во изградбата на објекти во кои се печати и дистрибуира библиската порака за Царството. Овие доброволци исто така помагаат во изградбата на Собирни сали и Сали на Царството, кои служат како центри за библиска поука. Моментално, овие доброволци помагаат во градежни проекти во 34 различни земји, претежно во земји со ограничени средства. Кои конкретни предизвици и радости ги доживуваат овие министри додека му служат на христијанското братство на меѓународно ниво? Што мислат за ‚светата служба‘ што ја извршуваат? (Откровение 7:9, 15). За да откриеме, да запознаеме некои доброволци што служеле во Мексико.

Доброволци од странство за првпат пристигнаа во Мексико во мај 1992. Набрзо потоа, тие го преземаа водството во проширувањето на подружницата, која ги надгледува активностите на Јеховините сведоци во Мексико. Проширувањето се состои од 14 новоизградени згради, вклучувајќи и домови за доброволците што служат во канцеларијата на подружницата, печатница и зграда со канцеларии.

За да помогнат во овој градежен проект, повеќе од 730 доброволци од Велика Британија, Канада, Соединетите Држави и други земји служеа рамо до рамо со стотици доброволци од сите делови на Мексико. Освен тоа, повеќе од 28.000 Сведоци од околу 1.600 собранија што се во близина на канцеларијата на подружницата помагаа со градежните активности во текот на викендите. Сите служеа со спремен дух и бесплатно ги понудија своите вештини. Тие сметаат дека е предност да му служат на Јехова на ваков начин. За време на градежниот проект, ги задржаа на ум инспирираните зборови од Псалм 127:1: „Ако Господ не го гради домот, напразно се трудат ѕидарите“.

Предизвици со кои се соочуваат

Кои се предизвиците со кои се соочуваат меѓународните доброволци додека служат на некоја странска доделба? Еве некои од нивните забелешки. Кертис и Сали, брачна двојка од Соединетите Држави, помагале на градежни проекти во Германија, Замбија, Индија, Мексико, Парагвај, Романија, Русија и Сенегал. Кертис раскажува: „Првиот предизвик беше да ги оставиме нашата ќерка, која служи како пионер, и нашето собрание во Минесота. Јас и мојата сопруга бевме во тоа собрание 24 години и таму се чувствувавме како дома“.

Сали забележува: „Да се живее во непознати услови е предизвик, можеби многу поголем за жена отколку за маж, но научив дека е можно да се приспособиш. Научив дури и да ги трпам инсектите, и тоа многу од нив!“ Таа додава: „Во една земја десет доброволци делевме еден стан без кујна и со само две бањи. Таму научив да бидам пострплива“.

Да се научи нов јазик е уште еден предизвик што бара напор и понизност. Шерон, која заедно со својот сопруг служела на градежни проекти во различни земји, вели: „Предизвик е да не го знаеш јазикот на земјата во која служиш. Во почетокот е тешко да се зближиш со своите духовни браќа и сестри кога не можеш слободно да ги изразиш своите чувства. Тоа фрустрира. Но браќата што ги запознаваме на нашите странски доделби се многу стрпливи со нас и длабоко се заинтересирани за нашето добро. Не поминува многу време и веќе комуницираме некако“.

Потребна е храброст за да се учествува во службата

Иако ваквите самопожртвувани доброволци многу придонесуваат за напредокот на градежното дело, сфаќаат дека пред сѐ тие се проповедници на добрата вест за Царството. Затоа, потполно го поддржуваат проповедничкото дело што го извршуваат собранијата со кои се поврзани. Аке и Инг-Мари, брачна двојка што помагала на градежни проекти во Гвадалупе, Малави, Мексико и Нигерија, признава дека е потребна храброст да користиш друг јазик кога учествуваш во службата на теренот во некоја странска земја.

Инг-Мари раскажува: „Во почетокот нашето учество беше ограничено зашто секогаш ги придружувавме локалните Сведоци и, бидејќи ни беше срам, честопати ги остававме тие да зборуваат. Меѓутоа, едно утро одлучивме сами да одиме во служба на теренот. Тргнавме, а нозете ни се тресеа и срцето ни тупкаше. Сретнавме една млада жена што ја ислуша мојата подготвена презентација. Ѝ прочитав еден стих и ѝ дадов литература. Тогаш жената рече: ‚Кажи ми нешто. Имам една роднина што ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Како можам и јас да проучувам?‘ Останав без зборови. Тогаш се прибрав и ѝ понудив библиска студија“.

Инг-Мари додава: „Замислете ја мојата радост и мојата благодарност кон Јехова затоа што ја благослови нашата иницијатива и желба да ја споделуваме вистината“. Оваа жена добро напредувала и се крстила како Сведок на еден обласен конгрес во Мексико Сити. Аке и Инг-Мари ја сумираат својата служба вака: „Многу ги цениме нашите доделби на различни градежни проекти, но ништо не ги надминува радоста и задоволството кога ќе му помогнеш некому да ја прифати вистината“.

Самопожртвуван дух

Точно е дека доброволците што ги напуштаат семејствата и пријателите прават жртви за да им служат на своите браќа во странски земји, но исто така доживуваат и неспоредливи радости. Кои се тие радости?

Хауард, кој со својата сопруга Памела служел во Ангола, Гвајана, Еквадор, Ел Салвадор, Колумбија, Мексико и Порторико, објаснува: „Предност е да се запознаат браќа и сестри во различни земји и од прва рака да се доживее врската на љубов што постои во нашето меѓународно братство. Честопати читаме за тоа, но кога живееш и служиш со други од различна култура и заднина, го цениш нашето скапоцено братство уште повеќе“.

Гери, кој помагал на градежни проекти во Еквадор, Замбија, Колумбија, Костарика и Мексико исто така смета дека оваа програма му донела голема корист. Тој раскажува: „Обуката што низ годините ја добив од дружењето со зрелите браќа што служат во подружниците во земјите во кои бев доделен ми помогна да бидам подобро опремен за предизвиците на моите доделби. Тоа ми ја зајакна верата зашто ми даде прилика да го доживеам единството што е одлика на Јеховината светска организација — единство што ги надминува разликите во јазикот, расата и културата“.

Во меѓувреме, градежните активности во Мексико беа завршени и проширените објекти на подружницата беа посветени оваа година. Мотивирани од нивната љубов кон Јехова, меѓународните слуги и меѓународните доброволци многу придонесоа за ширењето на вистинското обожавање во Мексико и на други места. Јеховините сведоци од целиот свет многу го ценат нивниот спремен и самопожртвуван дух да им служат на своите христијански браќа на меѓународно ниво.

[Слика на страница 25]

Еквадор

[Слика на страница 25]

Колумбија

[Слика на страница 25]

Ангола

[Слика на страница 26]

Градината на подружницата

[Слика на страница 26]

Почнува работата на новите објекти во подружницата во Мексико

[Слика на страница 26]

Долу: Некои членови на Одделот за градба пред дел од новите објекти

[Слика на страница 27]

Градежните доброволци уживаат да го поддржуваат проповедничкото дело со локалните собранија