Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

На сите ни треба пофалба

На сите ни треба пофалба

На сите ни треба пофалба

ТОА бил добар ден за малото девојченце. Иако во други прилики му требало карање, токму тој ден особено добро се однесувало. Меѓутоа, таа вечер, откако девојченцето веќе било в кревет, мајката го чула како плаче. Кога го прашала што го вознемирило, тоа со липање рекло: „Зарем не бев умна денес?“

Прашањето ја пресекло мајката како со нож. Секогаш била спремна да ја искара ќерка си. Но тој ден, и покрај тоа што забележала дека нејзиното мало девојче толку многу се трудело добро да се однесува, мајката пропуштила да каже макар и еден збор на ценење.

Малите девојчиња не се единствените на кои им требаат пофалба и уверување. На сите ни требаат — исто колку што ни требаат совет и карање.

Како се чувствуваме кога ќе добиеме искрена пофалба? Зарем тоа не ни го грее срцето и зарем не ни го разубавува денот? Веројатно чувствуваме дека некој забележал, дека некој се грижи. Тоа нѐ уверува дека она што сме го направиле вредело за маката и нѐ мотивира пак да се напрегаме во иднина. Не е за изненадување што искрената пофалба честопати нѐ привлекува кон лицето кое одвојува време да каже нешто охрабрувачко (Пословици 15:23).

Исус Христос ја сфатил потребата да даде пофалба. Во споредбата со талантите, господарот (кој го претставува самиот Исус) срдечно ги пофалил и двајцата верни робови, велејќи им: „Арно сторено, добар и верен робу!“ Колку охрабрувачки! Иако со мошне различни способности и достигнувања, добиваат иста пофалба (Матеј 25:19—23).

Затоа, да се сетиме на мајката на тоа мало девојченце. Не треба да чекаме другите да почнат да леат солзи пред да ги пофалиме. Наместо тоа, можеме да се трудиме да бараме прилики за да дадеме пофалба. Навистина, имаме добра причина да даваме искрена пофалба во секоја прилика.