Зошто е толку тешко да се извиниш?
Зошто е толку тешко да се извиниш?
ВО ЈУЛИ 2000, државното законодавно тело на Калифорнија во Соединетите Држави донесе предлог-закон наменет да ги ослободи луѓето од одговорност ако му изјават сочувство на лицето кое било повредено во незгода во која и самите биле вклучени. Зошто тој закон? Било забележано дека кога некоја несреќа предизвикува повреда или штета, луѓето честопати се колебаат да се извинат од причина тоа на судот да не биде сфатено како признавање на вина. Од друга страна, пак, оние што сметаат дека заслужуваат извинување на лице место може да се налутат, и некоја мала незгода може да се претвори во голема расправија.
Се разбира, не е потребно да се извиниш за незгода за која ти не си крив. Можеби некогаш ќе има и прилики кога е мудро да внимаваш што кажуваш. Една стара поговорка вели: „Изобилство зборови не бидува без грев, а кој го воздржува својот јазик, разумен е“ (Пословици 10:19; 27:12). Сепак, можеш да бидеш љубезен и да помогнеш.
Меѓутоа, зарем не е вистина дека многу луѓе престанале да се извинуваат, дури и кога не станува збор за судска постапка? Дома сопругата може да кука:
„Маж ми никогаш не се извинува за ништо“. На работа, претпоставениот може да се жали: „Моите работници не ги признаваат своите грешки и речиси никогаш не велат дека им е жал“. На училиште, наставникот може да рече: „Децата не се научени да речат ‚се извинувам‘“.Една причина зошто некој се колеба да се извини може да биде од страв извинувањето да не му биде одбиено. Вознемирен од помислата дека ќе му ја треснат вратата пред носот, можеби нема да покаже како навистина се чувствува. Всушност, лицето што било повредено може потполно да го избегнува виновникот, правејќи го на тој начин помирувањето многу тешко.
Недостигот на грижа за чувствата на другите луѓе може да биде уште една причина зошто некои се колебаат да се извинат. Можеби размислуваат: „Извинувањето нема да ја отстрани големата глупост што ја направив“. Некои други, пак, се колебаат да кажат дека им е жал поради можните последици. Тие се прашуваат: „Ќе ме сметаат ли за одговорен и ќе побараат ли отштета?“ Меѓутоа, најголемата пречка за да се признае некоја грешка е гордоста. Лице што е премногу гордо да каже „Жал ми е“, во суштина може да заклучи: „Не сакам да си го изгубам угледот со тоа што ќе си ја признаам глупавата грешка. Тоа ќе ми го намали статусот“.
Која и да е причината, на мнозина им е тешко да ги изговорат зборовите на извинување. Но, дали навистина е потребно да се извинуваме? Кои се користите од извинувањето?
[Слика на страница 3]
„Децата не се научени да речат ‚се извинувам‘“
[Слика на страница 3]
„Моите работници не ги признаваат своите грешки“
[Слика на страница 3]
„Маж ми никогаш не се извинува“