Привилегиран удел во повоената експанзија
Животна приказна
Привилегиран удел во повоената експанзија
РАСКАЖАЛ ФИЛИП С. ХОФМАН
Штотуку заврши Втората светска војна, во мај 1945. Тој декември, Натан Х. Нор, кој го надгледуваше светското проповедничко дело на Јеховините сведоци, со својот 25-годишен секретар, Милтон Г. Хеншел, ја посети Данска. За таа желно очекувана посета беше изнајмена една голема сала. За нас младите особено беше возбудлив говорот на брат Хеншел, зашто тој беше на наша возраст и ја беше избрал темата: „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост“ (Проповедник 12:1).
ЗА ВРЕМЕ на таа посета, дознавме дека во тек беа возбудливи работи за да се унапреди светското проповедничко дело и дека и ние можевме да бидеме вклучени во нив (Матеј 24:14). На пример, во Соединетите Држави беше отворена една нова школа за да обучува млади мажи и жени за мисионерското дело. Брат Нор нагласи дека ако бидеме поканети, ќе добиеме „билети само во еден правец“ и дека нема да знаеме каде ќе завршиме на крајот. И покрај тоа, некои од нас се пријавија.
Пред да ги опишам искуствата по Втората светска војна, дозволете ми да се вратам на моето раѓање во 1919. Има голем број настани пред и за време на војната што во голема мера влијаеа на мојот живот.
Библиска вистина од црна овца
Кога била бремена со мене — нејзиното прво дете — мајка ми се молела ако бидам машко да станам мисионер. Брат ѝ бил Библиски студент, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци, но во нејзиното
семејство бил сметан за црна овца. Нашиот дом беше близу до Копенхаген и кога Библиските студенти имаа годишни конгреси таму, мајка ми ќе го поканеше вујко Томас кој живееше доста далеку, да остане кај нас. До 1930 неговото зачудувачко библиско спознание и логично резонирање ја убедија мајка ми да стане Библиски студент.Мајка ми ја сакаше Библијата. Следејќи ја заповедта од Второзаконие 6:7, таа нѐ поучуваше мене и сестра ми ‚кога седеше дома во својата куќа и кога одеше патем; кога легнуваше и кога стануваше‘. Со текот на времето, почнав да учествувам во проповедањето од куќа до куќа. Сакав да дискутирам за теми за кои поучуваа црквите како што се бесмртна душа и пеколен оган. Можев делотворно да покажам од Библијата дека таквите учења се погрешни (Псалм 146:3, 4; Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4).
Нашето семејство станува обединето
По конгресот во Копенхаген во 1937, имаше потреба од привремена помош во складиштето за литература во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Данска. Штотуку ги бев завршил студиите на економскиот факултет и бев без обврски, па затоа се понудив да помагам во складиштето. Кога службата во складиштето беше завршена, бев замолен да помагам во канцеларијата на подружницата. Набрзо потоа, заминав од дома и се преселив во подружницата во Копенхаген, иако сѐ уште не бев крстен. Секојдневното дружење со зрели христијани ми помогна да напредувам духовно. Следната година, на 1 јануари 1938, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода.
Во септември 1939 почна Втората светска војна. Потоа, на 9 април 1940, германските трупи ја окупираа Данска. Бидејќи на Данците им беше дозволена значителна лична слобода, можевме да продолжиме со нашите проповеднички активности.
Тогаш се случи нешто прекрасно. Татко ми стана активен, лојален Сведок, надополнувајќи ја нашата семејна среќа. Затоа кога јас, заедно со уште четворица други Данци, бев поканет да присуствувам на осмиот клас на школата Гилеад, добив поддршка од целото семејство. Петмесечниот курс на школата, кој почна во септември 1946, беше одржан во прекрасниот студентски
дом надвор од Саут Ленсинг во државата Њујорк.Обуката во и по Гилеад
Гилеад ми отвори можност за прекрасни нови пријателства. Една вечер, додека се шетавме низ студентскиот дом со Харолд Кинг од Англија, зборувавме за тоа каде би можеле да бидеме испратени кога ќе заврши обуката. „Не верувам дека за последен пат ги видов белите гребени на Довер“, рече Харолд. Беше во право, но му требаа 17 години пред повторно да ги види тие гребени, а четири и пол од нив ги помина во самица во еден кинески затвор! a
По дипломирањето бев испратен во Тексас, САД, да служам како патувачки надгледник, посетувајќи ги собранијата на Јеховините сведоци за духовно да им помагам. Бев пречекан со раширени раце. За браќата во Тексас беше интересно да имаат меѓу себе еден млад Европеец кој штотуку ја завршил школата Гилеад. Но, само по седум месеци во Тексас, бев повикан во светското седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк. Таму брат Нор ми додели да вршам канцелариска работа, со упатства да го научам текот на работата во сите оддели. Потоа, кога се вратив во Данска, требаше да го применам она што го научив, грижејќи се сѐ да се врши на ист начин како во Бруклин. Замислата беше да се вршат операциите на ист начин во сите подружници во светот за да има поголема ефикасност. Подоцна, брат Нор ме премести во Германија.
Примена на упатствата во подружниците
Кога во јули 1949 пристигнав во Визбаден, Германија, многу германски градови сѐ уште беа во урнатини. Оние што го преземаа водството во проповедничкото дело беа мажи што биле прогонувани од времето кога Хитлер ја презел власта во 1933. Некои од нив биле во затвори и концентрациони логори од осум до десет години или повеќе! Јас работев со тие слуги на Јехова три и пол години. Нивниот неспоредлив пример ме потсетува на коментарот на германската историчарка Габриеле Јонан, која има напишано: „Без примерот на оваа непоколеблива група христијани под националсоцијалистичкото диктаторство, ќе треба — по Аушвиц и холокаустот — да се сомневаме дали е воопшто можно некој да ги исполни христијанските учења на Исус“.
Мојата работа во подружницата беше иста како и во Данска: да воведам нов, еднаков начин на водење на организациските работи. Штом браќата во Германија сфатија дека преиначувањата во никој случај не се критика на нивната работа — туку дека дојде време за поблиска соработка помеѓу различните подружници и главното седиште — беа одушевени и исполнети со прекрасен дух на соработка.
Во 1952 пристигна писмо од канцеларијата на брат Нор во кое ми беше дадено упатство да се преселам во подружницата во Берн, Швајцарија. Таму бев доделен да служам како надгледник на подружницата, почнувајќи од 1 јануари 1953.
Нова радост во Швајцарија
Кратко по пристигнувањето во Швајцарија, за време на еден конгрес, ја запознав
Естер и наскоро се свршивме. Во август 1954, брат Нор ми даде упатство да одам во Бруклин, каде што ми беше откриен видот на една нова, возбудлива работа. Бидејќи бројот и големината на канцелариите на подружницата ширум светот толку многу се зголемија, се воведуваше една нова подготовка. Светот беше поделен на зони, и во секоја од нив требаше да служи зонски надгледник. Јас бев доделен да служам во две од овие зони: Европа и Средоземноморското подрачје.Набрзо по мојата кратка посета на Бруклин, се вратив во Швајцарија и се подготвив за зонската служба. Естер и јас бевме венчани и таа ми се придружи во службата во канцеларијата на подружницата во Швајцарија. Моето прво патување ме одведе во мисионерските домови и канцеларии во Италија, Грција, Кипар, земјите на Блискиот Исток и долж брегот на Северна Африка, и во Шпанија и Португалија — 13 земји сѐ на сѐ. По еден краток престој назад во Берн, моето патување продолжи до сите други европски земји западно од Железната завеса. Во текот на првата година од нашиот брак бев отсутен од дома шест месеци, служејќи им на нашите христијански браќа.
Промена на околностите
Во 1957 Естер дозна дека е бремена, а бидејќи подружницата не е опремена за родители со деца, одлучивме да се преселиме во Данска каде што татко ми со задоволство нѐ прими да останеме со него. Додека јас помагав со работата во новоизградената канцеларија на подружницата, Естер се грижеше и за нашата ќерка, Ракел, и за татко ми. Јас служев како инструктор во Школата за служба на Царството за собраниски надгледници, а продолжив да служам и како зонски надгледник.
Зонската служба значеше подолги периоди на патување, што за жал доведе до тоа долго да бидам одвоен од нашата ќерка. Тоа си имаше свои последици. Еднаш, поминав извесно време во Париз каде што основавме една мала печатница. Естер и Ракел дојдоа со воз да ме посетат и пристигнаа на Гар ди Норд. Леопол Жонте од подружницата и јас отидовме да ги чекаме таму. Ракел стоеше на скалата на вагонот, погледна во Леопол, па во мене, па пак во Леопол и потоа го гушна него!
Друга драматична промена се случи кога, на 45-годишна возраст, ја напуштив полновремената служба за да најдам работа
со цел да го издржувам моето семејство. Со моето искуство како министер на Јеховините сведоци, можев да најдам работа како шеф за извоз. Откако за истата компанија работев околу девет години и откако Ракел го заврши училиштето, одлучивме да одговориме на охрабрувањето да се преселиме таму каде што имаше поголема потреба од проповедници на Царството.Испитувајќи ги можностите во Норвешка, се распрашав во една агенција во врска со изгледите за вработување. Одговорот не беше охрабрувачки. Имаше мала надеж за 55-годишен маж. Сепак, контактирав со канцеларијата на подружницата во Осло и потоа изнајмив куќа близу градот Дробак, со доверба дека ќе се појави прилика за вработување. Една таква прилика се појави, и следеше време на радосна служба за Царството во Норвешка.
Најубавите периоди беа кога повеќето од нашето собрание патуваа на север за да работат на недоделени подрачја. Изнајмувавме куќички во едно место за кампување и секој ден ги посетувавме распрснатите фарми по величествените планини. Беше вистинско задоволство да им се кажува на овие пријателски настроени луѓе за Божјето Царство. Беше оставено многу литература, но повторните посети мораа да чекаат до наредната година. Сепак, луѓето не нѐ заборавија! Естер и Ракел сѐ уште се сеќаваат на времето кога се вративме и нѐ прегрнуваа како одамна изгубени членови на семејството. По три години во Норвешка се вративме во Данска.
Радоста на семејниот живот
Ракел наскоро се сврши со Нилс Хојер, ревен полновремен министер. Откако се венчаа, Нилс и Ракел продолжија како пионери сѐ додека не дојдоа нивните деца. Нилс е добар сопруг и прекрасен татко, кој навистина се грижи за своето семејство. Рано едно утро го одвел синот со својот велосипед на плажата да го гледаат изгревот на сонцето. Еден сосед го прашал момчето што правеле таму. Тоа одговорило: „Се молевме на Јехова“.
Неколку години подоцна, Естер и јас бевме сведоци на крштавањето на нашите двајца постари внуци, Бенјамен и Надја. Меѓу набљудувачите беше Нилс, кој одеднаш се најде лице в лице со мене. Ме погледна и рече: „Вистинските мажи не плачат“. Сепак, следниот момент и двајцата плачевме прегрнати. Колкава радост е да се има зет со кого можеш и да се смееш и да плачеш!
И понатаму се приспособуваме на околностите
Друг благослов беше кога Естер и јас бевме повикани да се вратиме да служиме во канцеларијата на подружницата во Данска. Меѓутоа, дотогаш веќе беа во тек подготовките да се изгради поголем објект на подружницата во Холбек. Јас имав предност да учествувам во надгледувањето на изградбата, која во целост ја извршија неплатени доброволни работници. И покрај острата зима, до крајот на 1982, проектот беше во основа завршен и сите бевме одушевени да се преселиме во поголемите, подобрени објекти!
Наскоро бев ангажиран во канцелариска работа, што ми донесе големо задоволство, додека Естер работеше на телефонската централа. Меѓутоа, со текот на времето мораше да ѝ се направи операција за замена на колкот, а година и пол подоцна мораше да се подложи и на операција на жолчниот меур. И покрај љубезната грижа што ни беше покажана од персоналот на подружницата, одлучивме дека за сите ќе биде најдобро ако си заминеме. Се преселивме во собранието на кое припаѓаше нашата ќерка и нејзиното семејство.
Денес здравјето на Естер не е добро. Сепак, искрено можам да речам дека низ сите години заедничка служба, со толку многу промени на околностите, таа ми даде прекрасна поддршка и беше прекрасен партнер. И покрај нарушеното здравје, и двајцата сѐ уште имаме скромен удел во проповедничкото дело. Кога размислувам за мојот живот, со благодарност си спомнувам на зборовите на псалмистот: „Боже, Ти ми беше учител од мојата младост“ (Псалм 71:17).
[Фуснота]
a Види го англиското издание на Стражарска кула од 15 јули 1963, страници 437—442.
[Слика на страница 24]
Растовараме пратка на литература во германската подружница за време на изградбата во 1949
[Слика на страница 25]
Меѓу моите соработници спаѓаа и Сведоци како овие повратници од концентрациони логори
[Слики на страница 26]
Со Естер денес и на нашата венчавка во Бетелот во Берн, октомври 1955