Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Каде лежи твојата сигурност?

Каде лежи твојата сигурност?

Каде лежи твојата сигурност?

Во едно мало западноафриканско село, младиот Жошуа им мавта на семејството и на пријателите. a Потоа се упатува на долг пат кон големиот град во потрага по финансиска сигурност. Но, набрзо по пристигнувањето, неговата надеж се гаси кога увидува дека улиците на градот не се поплочени со злато.

ДОДЕКА се бори да се приспособи кон градскиот живот, Жошуа сосема се разочарува. Големиот град е далеку од она што си го замислувал тој. Цело време, длабоко во срцето на Жошуа гори копнеж да се врати кај семејството и кај пријателите во скромното село што го оставил зад себе. Но, се плаши од потсмевањето на некои селани. ‚Ќе ме нарекуваат губитник‘, се плаши тој, ‚бидејќи не сум се снашол во градот.‘

Уште потегобно за него било разочарувањето што можеби ќе го чувствуваат неговите родители. Тие сметаат на него за финансиска помош. Додека се обидува да излезе на крај со овој емоционален товар, Жошуа работи долги часови една ниска работа и заработува само делче од она за кое сонувал. Исцрпен е од прекумерна работа. А времето кое му преостанува за христијанските активности, кои тој многу високо ги цени, со секоја одмината седмица се намалува. Далеку од топлината на своето семејство и на старите пријатели, се чувствува тажно и осамено. Увидува дека градот не му ја дал сигурноста која толку многу ја посакувал.

Иако имињата и местата се разликуваат, тажната приказна на Жошуа се кажува и прераскажува. Не се работи за тоа дека желбата на Жошуа да се пресели била себична — тој само барал сигурност. Искрено мислел дека неговите шанси во градот се поголеми отколку во неговото мало село. Се разбира, понекогаш човек може да ја подобри својата материјална состојба, но тоа не значи вистинска сигурност. Дефинитивно не значело ни за Жошуа, а најверојатно нема да биде случај ни за повеќето други што го пробуваат истото. Ова нѐ наведува да се прашаме: ‚Што е сигурност?‘

Различни луѓе имаат различно гледиште за сигурноста. Еден речник вели дека сигурност е „слобода од опасност“ или „слобода од страв или од тегобна грижа“. Повеќето луѓе увидуваат дека денес не постои потполна „слобода од опасност“. Тие се задоволни сѐ додека се чувствуваат сигурни, и покрај заканувачките ситуации што можеби ги опкружуваат.

Како е со тебе? Каде бараш сигурност ти? Дали таа се наоѓа во градот, наместо во селото, како што мислел Жошуа? Или, пак, е во парите, без оглед на тоа каде или како можеш да дојдеш до нив? Дали можеби е во искачувањето на општествената скала? Сеедно каде, според твоето мислење, лежи сигурноста, колку ќе трае таа сигурност за тебе и за твоето семејство?

Да разгледаме три начини на кои многу поединци бараат сигурност — географската локација; парите; позицијата, односно статусот. Потоа ќе испитаме каде лежи вистинската, трајна сигурност.

[Фуснота]

a Името е сменето.