Можеш ли да служиш на странски терен?
Можеш ли да служиш на странски терен?
„ОТСЕКОГАШ сонував да стапам во мисионерското дело. Како самец служев во Тексас (САД), каде што имаше голема потреба од проповедници. Откако се оженив, ми се придружи и сопругата. Кога ни се роди ќерката, си помислив: ‚Е, сега е готово‘. Но, Јехова предизвикува соништата да се остварат, особено ако тие се поврзани со неговата волја“ (Џеси, кој моментално служи во Еквадор заедно со сопругата и трите деца).
„Никогаш не можев ни да си замислам дека би можела да правам нешто вакво без обуката од мисионерската школа Гилеад. Се возбудив кога гледав како еден од моите библиски студенти држи говор или проповеда, и му благодарам на Јехова што ми ја даде оваа можност“ (Карен, самица која осум години пионерела во Јужна Америка).
„После 13 години полновремено проповедање во Соединетите Држави, мојата сопруга и јас сметавме дека ни е потребен некој нов предизвик. Посреќни сме од кога и да било порано; ова е навистина еден прекрасен начин на живот“ (Том, кој со својата сопруга Линда пионери во амазонскиот регион).
Овие изрази на ценење потекнуваат од луѓе чии околности не им дозволиле да добијат мисионерска обука во библиската школа Гилеад на Watchtower. Сепак, тие ги вкусиле радостите и предизвиците на службата во странство. Како дошло до тоа? Дали таа служба е за тебе?
Потребни се исправни мотиви
За да се успее на странски терен, потребно е повеќе отколку само авантуристички дух. Оние кои истрајале, го сториле тоа од исправни мотиви. Како апостол Павле, тие се сметале себеси за должници, не само на Бог туку и на луѓето (Римјаните 1:14, NW). Можеле да ја исполнат божествената заповед да проповедаат и со тоа што ќе учествувале во службата на своето домашно подрачје (Матеј 24:14). Но, тие се сметале должни и биле наведени да се напрегнат и да им помогнат на оние кои ретко добиваат прилика да ја чујат добрата вест.
Желбата да се работи на поплодно подрачје честопати е уште еден мотив — и тоа со право. Кој од нас, откако ќе види како некој друг рибар има поголем успех, нема да се премести поблиску до тоа подрачје на езерото? На сличен начин, охрабрувачките извештаи за извонредниот пораст во други земји мотивирале многумина да заминат онаму каде што има „голема количина риба“ (Лука 5:4—10).
Пресметај го трошокот
Многу земји не дозволуваат странски религиозни доброволци да добијат световна работа. Затоа, оние кои сакаат да служат во странска земја обично мора да бидат финансиски независни. Како да се задоволи овој економски предизвик? Извесен број лица ги продале или ги дале под кирија своите домови за да ги набават потребните средства. Други ги продале своите фирми. Некои штеделе за да ја постигнат целта. Трети служат во странска земја година или две, се враќаат во својата татковина за да работат и соберат пари, а потоа повторно се враќаат за да служат.
Одредена предност од живеењето во некоја земја во развој е тоа што трошокот за живеење обично е доста помал во однос на трошокот во некоја поразвиена земја. Тоа на некои им овозможило да имаат доволно за живот и со скромна пензија. Секако, трошоците во голема мера ќе зависат од животниот стандард што се избира. Дури и во земјите во развој можат да се најдат многу комотни сместувања, но по многу повисока цена.
Очигледно, трошоците мора да се пресметаат пред да се направи преселбата. Сепак, се работи за повеќе отколку само да се пресметаат економските трошоци. Можеби во тоа ќе можат да дадат увид коментарите на некои кои служеле во Јужна Америка.
Најголем предизвик
„Учењето шпански јазик за мене беше вистинска борба“, се сеќава Марку од Финска. „Сметав дека, бидејќи не го знам јазикот, ќе треба доста време додека да можам да служам како слуга помошник. Какво само изненадување беше кога бев замолен да водам студија на книга после само два месеца! Секако, имаше и многу непријатни моменти. Особено имав проблем со имињата. Еден ден, брат Санчо го нареков ‚брат Чанчо (свиња)‘, и никогаш нема да заборавам како сестра Саламеа ја нареков ‚Маласеа (злобна)‘. За среќа, браќата и сестрите беа многу стрпливи.“ На крај, Марку осум години служел во таа земја како покраински надгледник заедно со својата сопруга Селин.
Крис, сопругата на Џеси цитиран претходно, раскажува: „Се сеќавам на нашата прва посета на покраинскиот надгледник, откако бевме овде само три месеци. Можев да забележам дека братот користеше илустрации и кажуваше нешто убаво за да се обиде да ги допре нашите срца, но јас не можев да го разберам. Токму таму, во салата, почнав да плачам. Тоа не беше плачење во себе; јас липав. После состанокот, се обидов да му го објаснам на покраинскиот надгледник моето однесување. Тој беше многу љубезен и ми го рече она што и сите други ми го велеа: ‚Тен пациенција, ермана‘ (,Биди стрплива, сестро‘). После две или три години, повторно се сретнавме и разговаравме 45 минути, радувајќи се на фактот што можеме да комуницираме“.
„Учењето е неопходно“, забележува друг брат. „Колку повеќе напор вложуваме во изучувањето на јазикот, толку повеќе ги подобруваме нашите вештини на комуницирање.“
Сите се сложуваат дека таквите напори донесуваат многу користи. Кога некој настојува да научи нов јазик, тогаш се негуваат понизноста, стрпливоста и упорноста. Се отвора голема врата на прилики да им се проповеда добрата вест на другите. На пример, учењето шпански овозможува комуницирање на јазик кој го зборуваат повеќе од 400 милиони луѓе ширум светот. Многумина кои подоцна морале да се вратат во татковината, сѐ уште можеле да ја користат својата јазична вештина за да им
помогнат на луѓето чиј мајчин јазик е шпански.А што е со носталгијата?
„Кога првпат дојдовме во Еквадор, во 1989“, се сеќава Дебора, која со сопругот Гери служела во амазонскиот регион, „многу често ме фаќаше носталгија. Научив повеќе да се ослонувам на браќата и сестрите во собранието. Тие ми станаа како семејство.“
Карен, спомната во почетокот, забележува: „Се борев со носталгијата со тоа што секој ден одев во служба. На тој начин не мечтаев за дома. Исто така, имав на ум дека моите родители дома се горди на моето дело на странски терен. Мајка ми секогаш ме храбреше со зборовите: ‚Јехова може подобро да се грижи за тебе отколку јас!‘“
Макико од Јапонија комично додава: „Откако ќе поминам цел ден во службата на теренот, јас сум многу уморна. Па така, кога ќе си дојдам дома и почне да ме фаќа носталгија, обично заспивам. Така, чувството не трае многу долго“.
Што е со децата?
Кога се вклучени и деца, тогаш мора да се земат предвид нивните потреби како, на пример, образованието. Во тој поглед, некои се одлучиле за домашно школување, додека други ги запишале своите деца во локалните училишта.
Ал се преселил во Јужна Америка со својата сопруга, двете деца и со својата мајка. Тој вели: „Откривме дека тоа што ги запишавме децата на училиште им помогна многу брзо да го научат јазикот. Во рок од три месеци зборуваа многу течно“. Од друга страна, пак, двата сина на Мајк и Кери, тинејџери, учат преку една акредитирана дописна школа. Родителите забележуваат: „Увидовме дека таквото учење не би можеле да им го препуштиме само на децата. Моравме да земеме удел во курсот и да се осигураме дека тие се во тек со предвидениот наставен план“.
Дејвид и Џенет од Австралија ги изразуваат своите чувства во врска со своите синови. „Сакавме нашите синови од прва рака да видат како живеат другите. Лесно е да се претпостави дека начинот на живот на кој ние сме растеле е норма, но всушност ние сме малцинство. Исто така, видоа како теократските начела функционираат низ целиот свет, без разлика на земјата или културата.“
„Кога, во 1969, нашето семејство се пресели од Англија, имав само четири години“, се сеќава Кен. „Иако се разочарав што не живеевме во плитарена колиба со сламен покрив, како што си замислував, мислам дека го имав највозбудливото воспитување што може да го има еден млад човек. Секогаш ми беше жал што другите деца ја немаа истата прилика! Поради доброто друштво со мисионерите и специјалните пионери, со помошна пионерска служба почнав на 9 години.“ Сега Кен е патувачки надгледник.
„Сега Еквадор е наш вистински дом“, се сложува Габриела, ќерката на Џеси. „Многу сум среќна што моите родители донеле одлука да дојдеме овде.“
Од друга страна, пак, има и деца кои не можеле да се приспособат од различни причини, па затоа нивните семејства морале да се вратат во татковината. Затоа е препорачливо да се посети странската земја пред преселбата. На овој начин можат да
се донесат одлуки на темел на информации од прва рака.Благослови од селидбата
Навистина, селењето на странски терен вклучува многу предизвици и жртви. Дали тоа им се исплатело на оние кои се преселиле? Нека кажат самите.
Џеси: „За овие десет години, колку што сме во градот Амбато, видовме како бројот на собранијата порасна од 2 на 11. Имавме предност да помогнеме да се основаат пет од овие собранија, а работевме на изградбата на две Сали на Царството. Исто така, ја имавме радоста да им помагаме просечно на двајца библиски студенти годишно да се квалификуваат за крштавање. Само за едно ми беше жал — што не сме дошле тука пред десет години“.
Линда: „Ценењето што го имаат луѓето за добрата вест и за нашите напори ни е големо охрабрување. На пример, во едно гратче во џунглата, еден библиски студент по име Алфонсо сфати колку би било корисно да се одржуваат јавни предавања во неговото место. Тој штотуку се беше преселил во својата новоизградена дрвена куќа, една од само неколкуте во селото. Доаѓајќи до заклучок дека неговата куќа е единствената градба во градот која е достојна за Јехова, тој пак се врати во својата сламена колиба а куќата им ја даде на браќата за да ја користат како Сала на Царството“.
Џим: „Сега поминуваме десетпати повеќе време во службата разговарајќи со луѓето отколку кога бевме во Соединетите Држави. Освен тоа, овде темпото на живот е многу поопуштено. Без сомнение, има повеќе време за проучување и за служба на теренот“.
Сандра: „Глетката како библиската вистина може да ги промени луѓето на подобро ми донесува големо задоволство. Еднаш ја проучував Библијата со Амада, 69-годишна сопственичка на една мала колонијална продавница. Таа редовно додавала два дела вода на секои десет дела млеко. Ги мамела муштериите и со тоа што ова разводнето млеко им го продавала во количина помала од нормалната. Но, откако го проучи материјалот под поднасловот ‚Чесноста води до среќа‘ во поглавје 13 од книгата Спознание кое води до вечен живот, Амада престана со овие погрешни практики. Каква радост беше да се види нејзиното крштавање извесно време после тоа!“
Карен: „Никогаш не сум морала толку многу да се ослонувам на Јехова или да бидам толку користена од него како овде. Моето пријателство со Јехова стана подлабоко и поцврсто“.
Како е со тебе?
Низ годините, илјадници Сведоци се преселиле за да служат во странство. Некои остануваат година или две, други на неодредено време. Тие ги понесуваат со себе своето искуство, духовна зрелост и финансиски средства, со цел да ги унапредуваат интересите на Царството на странски терен. Можеле да служат на подрачја каде што локалните објавители на Царството не можеле да служат поради недостиг на световна работа. Многумина купиле возило со погон на четири тркала со цел да го обработуваат подрачјето кое инаку е непристапно. Други, пак, кои повеќе сакаат да живеат во град, станале стабилизирачки фактор во големите собранија каде што има малку старешини. Сепак, без исклучок, сите тврдат дека добиле повеќе во поглед на духовните благослови, отколку она што го дале.
Дали можеш да учествуваш во предноста да служиш на странски терен? Доколку околностите ти го дозволуваат тоа, зошто не ја испиташ можноста да се преселиш? Прв и неопходен чекор би било да пишеш до канцеларијата на подружницата на Заедницата во земјата каде што размислуваш да служиш. Конкретните информации што ќе ги добиеш ќе ти помогнат да одредиш какви се твоите шанси да успееш. Освен тоа, многу практични предлози можеш да најдеш во статијата „Излези од својата земја и од родот свој“ во изданието на Стражарска кула од 1 јануари 1989 година. Со правилно планирање и Јеховин благослов можеби и ти ќе можеш да ја доживееш радоста да служиш на странски терен.
[Слика на страница 24]
ТОМ И ЛИНДА НА ЕДНА ОДДАЛЕЧЕНА ПАТЕКА, СЕ УПАТУВААТ КОН ЕДНА ЗАЕДНИЦА СО ШВАР ИНДИЈАНЦИ
[Слика на страница 25]
МНОГУМИНА СЛУЖАТ ВО КИТО, ГЛАВНИОТ ГРАД НА ЕКВАДОР
[Слика на страница 25]
МАКИКО ПРОПОВЕДА НА АНДИТЕ
[Слика на страница 26]
СЕМЕЈСТВОТО ХИЛБИГ ВЕЌЕ ПЕТ ГОДИНИ СЛУЖИ ВО ЕКВАДОР