Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Марија го избира „добриот дел“

Марија го избира „добриот дел“

Тие ја извршувале Јеховината волја

Марија го избира „добриот дел“

ВО ВРЕМЕТО на Исус, Еврејките биле ограничени со рабинските традиции. Заради тоа не биле охрабрувани да го проучуваат Законот. Всушност, едно мислење во Мишната вели: „Доколку некој човек ѝ даде на својата ќерка знаење за Законот, тоа е исто како да ја поучил за похота“ (Сота 3:4).

Како последица на тоа, во првиот век многу жени во Јудеја не биле добро образовани. „Не постои доказ дека, пред Исус да започне со својата служба, на Еврејките воопшто им било дозволено да бидат ученици на некој голем учител, а уште помалку да патуваат со таков учител или, пак, да поучуваат некој друг освен децата“, забележува The Anchor Bible Dictionary. И понатаму омаловажувајќи ги жените, некои верски водачи поставиле дури и правило кое пропишувало дека еден маж не треба да зборува со жена во јавност!

Исус ги игнорирал таквите безбожни ставови. Тој поучувал и жени и мажи, а меѓу неговите следбеници можеле да се најдат и мажи и жени (Лука 8:1—3). Во една прилика, Исус бил поканет на гости кај Марта и Марија (Лука 10:38). Тие две жени му биле сестри на Лазар, и сите тројца биле ученици и добри пријатели на Исус (Јован 11:5). Ова семејство можеби било доста угледно, ако се земе предвид колку многу луѓе дошле да ги утешат Марта и Марија кога умрел Лазар. Во секој случај, она што се случило во нивниот дом кога Исус им дошол на гости е скапоцена поука не само за нив туку и за сите нас.

Поучена крај нозете на Исус

Без сомнение, Марта и Марија биле желни да му приредат на Исус раскошна гозба, а можеби тоа и им го дозволувала нивната материјална состојба. (Спореди Јован 12:1—3.) Меѓутоа, кога пристигнал нивниот гостин, Марија ‚седнала при нозете Исусови и го слушала словото Негово‘ (Лука 10:39). Никаква човечка традиција не го спречила Исус да поучи една искрена жена која била толку желна да учи! Можеме само да си ја замислиме Марија како седи пред Исус, ставајќи се во положба на ученик кој целосно внесен го слуша поучувањето од својот учител. (Спореди 5. Мојсеева 33:3; Дела 22:3.)

За разлика од Марија, Марта ‚се зафатила со многу работи‘. Подготвувајќи некаков комплициран оброк, таа била прилично зафатена со сѐ што било поврзано со тоа. Набрзо се вознемирила бидејќи целата работа ѝ била препуштена нејзе додека сестра ѝ си седела крај нозете на Исус! Затоа Марта го прекинала Исус додека ѝ зборувал на Марија, можеби неочекувано, велејќи: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи ѝ да ми помогне“ (Лука 10:40).

Барањето на Марта само по себе не било ништо лошо. На крајот на краиштата, подготвувањето оброк за група луѓе е напорна работа, и товарот не би требало да падне само на едно лице. Меѓутоа, во нејзината изјава Исус видел прилика да даде една скапоцена поука. „Марто, Марто“, рекол тој, „ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само [неколку работи, или само, NW] едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:41, 42).

Исус не рекол дека на Марта ѝ недостига интерес за духовните работи. Напротив, тој ја познавал како жена со длабока побожна оддаденост. a Несомнено, тоа пред сѐ ја поттикнало да го покани Исус дома. Меѓутоа, во својот благ укор, Исус истакнал дека Марта, со тоа што обрнала загрижено внимание на оброкот, пропуштила една ретка прилика да добие лична поука од Синот Божји.

Секако, културата од тоа време можеби го поддржувала гледиштето дека вредноста на жената најдобро се докажува со нејзината способност во домашните работи. Но, Исусовите зборови покажале дека жените, исто како мажите, можеле да седнат крај нозете на Синот Божји и да ги примат зборовите на животот! (Јован 4:7—15; Дела 5:14). Со оглед на ова, за Марта ќе било многу подобро да се погрижи само за неколку јадења — или дури само за едно — доколку тоа би ѝ дало прилика да седне крај нозете на Учителот и да учи од него. (Спореди Матеј 6:25.)

Поука за нас

Денес, меѓу оние кои се одѕиваат на Исусовата покана да ‚земат од водата на животот дарум‘ можат да се најдат и мажи и жени (Откровение 22:17). Поттикнати од љубов, некои — како и Марта — даваат сѐ од себе за да им служат на потребите на соверниците. Тие се луѓе кои практично размислуваат и брзо преземаат акција, а Јехова ветува дека ќе го награди нивниот труд на љубов (Евреите 6:10; 13:16). Други, пак, можеби повеќе личат на Марија. Тие се благородни и се лица кои се склони кон размислување. Нивната желност да медитираат за Божјата реч им помага да останат цврсто вкоренети во верата (Ефесјаните 3:17—19).

Обата вида луѓе задоволуваат една животоважна потреба во христијанското собрание. Меѓутоа, на крајот на краиштата, сите треба ‚да изберат добар дел‘ со тоа што првенствено ќе ставаат нагласок на духовните работи. Ако се погрижиме да ги ставиме поважните работи на прво место, тогаш ќе ја имаме Јеховината наклоност и благослов (Филипјаните 1:9—11NW).

[Фуснота]

a Дека Марта била духовна жена со голема вера се гледа од нејзиниот разговор со Исус после смртта на брат ѝ Лазар. Во таа прилика Марта покажала поголема желба да се сретне со својот Учител (Јован 11:19—29).