Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Над 40 години под комунистичка забрана

Над 40 години под комунистичка забрана

Над 40 години под комунистичка забрана

РАСКАЖАЛ МИХАИЛ ВАСИЉЕВИЧ САВИТСКИ

Стражарска кула од 1 април 1956 извести дека на 1, 7 и 8 април 1951 беше спроведена една „голема чистка“ на Јеховините сведоци. „Тоа се незаборавни датуми за Јеховините сведоци во Русија“, објасни Стражарска кула. „Тие три дена, сите Јеховини сведоци кои можеа да се најдат во западна Украина, Белорусија, Бесарабија, Молдавија, Летонија, Литванија и Естонија — повеќе од седум илјади мажи и жени . . . беа натоварени во запрежни коли, однесени до железничките станици и таму ставени во вагони за стока и испратени надалеку.“

НА 8 АПРИЛ 1951, мојата сопруга, мојот осуммесечен син, моите родители, помладиот брат и многу други Сведоци биле земени од своите домови во и околу Тернопољ (Украина). Откако биле натоварени во вагони за стока, патувале околу две седмици. Конечно, биле истоварени во сибирската тајга (субарктички шумски предел), западно од Бајкалското Езеро.

Зошто јас не бев вклучен во таа чистка? Пред да ви раскажам каде бев јас тоа време и што се случи со сите нас после тоа, дозволете ми да ви раскажам како станав Јеховин сведок.

Библиската вистина стигнува до нас

Во септември 1947, кога имав само 15 години, две млади жени Јеховини сведоци го посетија нашиот дом во малото село Славијатин, на околу 50 километри од Тернопољ. Додека мајка ми и јас седевме слушајќи ги овие млади жени — од кои едната се викаше Марија — знаев дека ова не е само некоја друга религија. Тие на еден јасен начин ни ја објаснија својата вера и одговорија на нашите библиски прашања.

Јас верував дека Библијата е Божја Реч, но бев разочаран од црквата. Дедо ми имаше обичај да каже: „Свештениците го плашат народот со говори за мачење во пеколен оган, но самите не се плашат од ништо. Само ги пљачкаат и мамат сиромашните“. Се сеќавам на насилничките постапки и подметнувањето пожар против полските жители од нашето село во почетокот на II светска војна. Беше шокантно тоа што овие напади ги организираше грчкиот католички свештеник. После тоа видов дузина заклани жртви, и бев желен да ги дознаам причините за таквата суровост.

Додека ја проучував Библијата со Сведоците, почнав да сфаќам. Ги научив основните библиски вистини, вклучувајќи го и фактот дека не постои огнен пекол и дека Сатана Ѓаволот ја користи лажната религија за да унапредува војна и крвопролевање. Периодично, застанував во текот на мојата лична студија и му упатував на Јехова благодарна молитва за она што го учев. Почнав да ги споделувам библиските вистини со мојот помлад брат Стак, и бев многу среќен кога тој ги прифати.

Го практикувам она што го учам

Ја увидов потребата од лични промени и веднаш прекинав со пушењето. Исто така, ја сфатив потребата за редовно состанување со другите заради организирано проучување на Библијата. За да го правам тоа, пешачев низ шумите околу 10 километри за да дојдам до некое тајно место каде што се одржуваа состаноците. Понекогаш, на состанокот можеа да стигнат само неколку жени, и иако сѐ уште не бев крстен, ме замолуваа јас да го водам.

Беше ризично да се поседува библиска литература, и да се биде фатен со неа можеше да има за последица затворска казна дури до 25 години. Сепак, јас сакав да имам сопствена библиотека. Еден наш сосед имал проучувано со Јеховините сведоци, но од страв престанал, и ја закопал својата литература во градината. Колку само му бев благодарен на Јехова кога човекот ги откопа сите свои книги и списанија и се сложи да ми ги даде! Ги скрив во улиштата на татко ми, каде што другите не претресуваа.

Во јули 1949 му го предадов својот живот на Јехова и се крстив како симбол на моето предание. Тоа беше најсреќниот ден во мојот живот. Сведокот кој го изврши тајното крштавање нагласи дека не е лесно да се биде вистински христијанин и дека пред нас лежат многу испити. Наскоро дознав колку се вистинити неговите зборови! Сепак, мојот живот како крстен Сведок почна радосно. Два месеца после моето крштавање, се оженив со Марија, една од оние кои мајка ми и мене нѐ запознаа со вистината.

Мојот прв испит дојде ненадејно

На 16 април 1950 се враќав дома од гратчето Пагитси, кога ненадејно пред мене излегоа војници и ја најдоа библиската литература што ја носев за нашата група за проучување. Ме уапсија. Во текот на првите неколку дена од притворот, бев тепан со стап и не ми беше дозволено ниту да јадам ниту да спијам. Исто така, ми беше заповедано стопати да клекнам до земја и да се исправам држејќи ги рацете над главата, но јас бев премногу исцрпен за да го довршам тоа. После тоа ме фрлија во еден ладен, влажен подрум каде останав 24 часа.

Целта на ова малтретирање беше да го намалат мојот отпор и полесно да извлечат информации. „Од каде ја набави литературата, и кому му ја носеше?“ — прашуваа тие. Не им открив ништо. Потоа, ми беше прочитан еден дел од законот според кој требаше да бидам суден. Според него ширењето и држењето антисоветска литература беше казниво со погубување или со казна затвор од 25 години.

„Која казна повеќе ја сакаш?“ — ме прашаа.

„Ниедна“, одговорив, „но, мојата доверба е во Јехова и со негова помош ќе прифатам сѐ што тој ќе дозволи.“

На мое изненадување, после седум дена ме пуштија. Тоа искуство ми помогна да ја сфатам вистинитоста на Јеховиното ветување: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам“ (Евреите 13:5).

До времето кога се вратив дома, бев многу болен, но татко ми ме одведе на лекар, и наскоро се опоравив. Иако татко ми не ги делеше религиозните уверувања на останатите од семејството, сепак тој нѐ поддржуваше во нашето обожавање.

Затвор и изгнанство

После неколку месеци бев регрутиран за служба во советската армија. Објаснив дека одбивам да служам поради приговор на совеста (Исаија 2:4). Сепак, во февруари 1951, ми беше изречена четиригодишна казна и бев испратен во затворот во Тернопољ. Подоцна ме преместија во еден затвор во Лавов, поголем град на оддалеченост од околу 120 километри. Додека бев во тој затвор, дознав дека многу Сведоци се депортирани во Сибир.

Летото 1951 една група бевме испратени на другата страна од Сибир, дури на Далечниот Исток. Патувавме еден месец — околу 11.000 километри — поминувајќи 11 временски зони! После две седмици поминати во воз, застанавме само еднаш, на едно место каде што ни беше дозволено да се искапеме. Беше тоа во една голема јавна бања во Новосибирск (Сибир).

Таму, среде едно големо мноштво затвореници, чув како еден човек гласно викна: „Кој тука е од семејството на Јонадав?“ Во тоа време терминот „Јонадав“ се користеше за да се идентификуваат оние кои имаат надеж за вечен живот на земјата (4. Царства 10:15—17; Псалм 36:11, 29). Неколку затвореници веднаш се идентификуваа како Сведоци. Со колкава само радост се поздравувавме еден со друг!

Духовна активност в затвор

Додека бевме во Новосибирск, се сложивме да имаме една лозинка со која можевме да се идентификуваме кога ќе стигнеме на нашата дестинација. Сите завршивме во истиот заробенички логор на Јапонското Море, недалеку од Владивосток. Таму организиравме редовни состаноци за проучување на Библијата. Тоа што бев со овие зрели, постари браќа кои беа осудени на долги затворски казни, навистина духовно ме зајакна. Тие се менуваа во водењето на нашите состаноци, користејќи библиски стихови и поврзани мисли на кои се сеќаваа од списанијата Стражарска кула.

Тие поставуваа прашања, а браќата даваа одговор. Многумина од нас сечевме парчиња хартија од празните вреќи за цемент и на нив правевме забелешки од коментарите. Ги чувавме забелешките и ги подврзувавме за да ги користиме како наша лична прирачна библиотека. После неколку месеци, оние кои имаа долги казни беа испратени во логори на далечниот север во Сибир. Тројца помлади браќа бевме префрлени во Нахотка, град во близината кој се наоѓа на помалку од 650 километри од Јапонија. Во тамошниот затвор поминав две години.

Понекогаш добивавме примерок од Стражарска кула. Тој со месеци ни служеше како духовна храна. Со текот на времето, примавме и писма. Првото што го добив од моето семејство (кое тогаш беше во изгнанство), ме расплака. Во него пишуваше дека, како што беше опишано во Стражарската кула цитирана во уводот, домовите на Сведоците биле нападнати и дека на семејствата им биле дадени само два часа за да заминат.

Повторно со моето семејство

Бев ослободен во декември 1952, откако одлежав две години од мојата четиригодишна казна. Му се придружив на моето семејство во малото село Гадалеј во близината на Тулун (Сибир), каде што беше депортирано. Секако, беше прекрасно да се биде повторно со нив — мојот син Иван имаше речиси три години, а ќерка ми Ана речиси две. Меѓутоа, мојата слобода беше релативна. Локалните власти ми го одзедоа пасошот и ме ставија под строг надзор. Не смеев да патувам подалеку од три километри од дома. Подоцна, ми беше дозволено да јавам на коњ до пазарот во Тулун. Користејќи претпазливост, таму запознав други Сведоци.

Дотогаш имавме две девојчиња, Ана и Надја, и две момчиња, Иван и Колаја. Во 1958 ни се роди уште еден син Волоѓа. Подоцна, во 1961, ни се роди уште една ќерка, Галија.

КГБ (поранешната Државна разузнавачка служба) честопати ме притвораше и ме сослушуваше. Целта им беше не само да ме натераат да откријам информации за собранието туку и да создадат сомневање дека јас соработувам со нив. Затоа, ќе ме однесеа во некој добар ресторан и ќе се обидуваа да ме сликаат насмеан и како добро се забавувам со нив. Но, јас го проникнав нивниот мотив, и намерно лицето секогаш го држев намуртено. Секогаш кога ќе ме притвореа, им кажував на браќата што точно се случило. На тој начин, тие никогаш не се посомневаа во мојата лојалност.

Контакт со логорите

Низ годините, стотици Сведоци беа ставени во заробенички логори. За време на тој период, одржувавме редовен контакт со нашите затворени браќа, снабдувајќи ги со литература. Како се правеше тоа? Кога браќата или сестрите беа ослободувани од некој логор, дознававме од нив како би можела да се внесе литература на таен начин и покрај строгите контроли. Околу десет години можевме да ги снабдуваме нашите браќа во овие логори со примероци од списанијата и книгите кои ги набавувавме преку Полска и други земји.

Многу наши христијански сестри поминуваа долги заморни часови, препишувајќи ја литературата со толку ситни букви што едно цело списание можеше да се собере во нешто толку мало како кибрит! Во 1991, кога повеќе не бевме под забрана и добивавме прекрасни четирибојни списанија, една наша сестра рече: „Сега ќе бидеме заборавени“. Таа не беше во право. Иако луѓето можеби ќе заборават, Јехова нема никогаш да го заборави делото на таквите лојални поединци! (Евреите 6:10).

Повторно селење и трагедии

При крајот на 1967 беше извршен претрес во куќата на брат ми во Иркутск. Беше најден филм и примероци од библиска литература. Тој беше осуден на тригодишна казна затвор. Меѓутоа, претресот во нашата куќа не откри ништо. Сепак, властите беа убедени дека и ние сме вмешани, па затоа моето семејство мораше да го напушти тоа подрачје. Се преселивме на околу 5.000 километри западно, во градот Невиномиск на Кавказ. Таму останавме зафатени со неформалното сведочење.

Во јуни 1969, на првиот ден од школскиот распуст, ни се случи трагедија. Додека се обидуваше да ја извади топката во близината на еден трансформатор што беше под висок напон, нашиот 12-годишен син Колаја доби тежок електричен шок. Над 70 проценти од телото му беше изгорено. Додека беше в болница, тој се сврте кон мене и ме праша: „Дали ќе можеме пак да одиме заедно на островот?“ (Зборуваше за еден остров кој уживавме да го посетуваме.) „Да, Колаја“, му реков, „пак ќе одиме на островот. Кога Исус Христос ќе те подигне во живот, сигурно ќе одиме на тој остров.“ Полусвесен, тој и понатаму пееше една од неговите омилени песни на Царството, онаа која сакаше да ја свири на својата труба во собранискиот оркестар. После три дена умре, уверен во надежта за воскресение.

Следната година, нашиот 20 годишен син Иван беше регрутиран за воена служба. Кога одби да служи, беше уапсен и помина в затвор три години. Во 1971, бев регрутиран и јас и повторно ми се закануваа со затвор ако не служам. Мојот случај се развлече со месеци. Во меѓувреме, сопругата се разболе од рак и ѝ беше потребно големо внимание. Од таа причина, мојот случај беше распуштен. Марија умре во 1972 година. Таа ми беше верна придружничка, лојална на Јехова сѐ до својата смрт.

Нашето семејство се шири во странство

Во 1973 се оженив со Нина. Татко ѝ ја истерал од дома во 1960, бидејќи станала Сведок. Таа беше ревен министер и беше меѓу оние сестри кои напорно работеле препишувајќи ги списанијата за оние кои беа во логорите. И моите деца ја засакаа.

Властите се вознемирија поради нашата активност во Невиномиск и вршеа на нас притисок да си заминеме. Затоа, во 1975, мојата сопруга, ќерките и јас се преселивме во јужниот кавкаски регион во Грузија. Во исто време, моите синови Иван и Волоѓа се преселија во Цамбул на јужната граница на Казахстан.

Активноста на Јеховините сведоци во Грузија беше на самиот почеток. Сведочевме неформално во и околу Гагра и Сухуми на брегот на Црното Море и, после една година, во една планинска река се крстија десет нови Сведоци. Наскоро, властите инсистираа да го напуштиме подрачјето, па се преселивме во источна Грузија. Таму ги засиливме нашите напори да пронајдеме луѓе слични на овци, и Јехова нѐ благослови.

Се состанувавме во мали групи. Проблем беше јазикот, бидејќи не знаевме грузиски, а некои Грузијци не зборуваа добро руски. Отпрвин, проучувавме само со Руси. Но, наскоро проповедањето и поучувањето на грузиски јазик напредуваше и сега во Грузија има илјадници објавители на Царството.

Во 1979, под притисок на КГБ, работодавецот ми рече дека повеќе не сум добредојден во неговата земја. Баш тогаш мојата ќерка Надја доживеа автомобилска несреќа во која загина заедно со нејзината ќеркичка. Една година пред тоа умре мајка ми во Невиномиск верна на Јехова, оставајќи ги татко ми и брат ми. Затоа, одлучивме да се вратиме таму.

Благослови за истрајноста

Во Невиномиск продолживме тајно да произведуваме библиска литература. Еднаш, во средината на 1980-тите кога бев повикан од властите, им кажав дека сонував како ги кријам нашите списанија. Тие се насмеаја. Кога си заминував, еден од нив ми рече: „Не треба веќе да сонуваш како ја криеш твојата литература“. Тој заклучи: „Наскоро литературата ќе биде изложена на твоите полици, и ќе одиш на состаноците рака под рака со својата сопруга и со Библијата в рака“.

Во 1989, се ожалостивме кога ќерка ми Ана умре од анеуризма во мозокот. Имаше само 38 години. Во август истата година, Сведоците во Невиномиск изнајмија воз и отпатуваа во Варшава (Полска) за да присуствуваат на еден меѓународен конгрес. Беа присутни 60.366 лица, вклучувајќи и илјадници од Советскиот Сојуз. Навистина мислевме дека сонуваме! После помалку од две години, на 27 март 1991, имав предност да бидам еден од петте долгогодишни собраниски старешини од Советскиот Сојуз кои го потпишаа историскиот документ во Москва, со кој беше дадено законско признание за религиозната организација Јеховини сведоци!

Се восхитувам што моите преживеани деца верно му служат на Јехова. И со нетрпение го чекам Божјиот нов свет кога ќе можам повторно да ги видам Ана, Надја и нејзината ќерка, како и Колаја. Кога тој ќе воскресне, ќе го одржам моето ветување и ќе го одведам на тој остров на кој толку многу уживавме заедно пред многу години.

Во меѓувреме, колкава само радост е да се види брзиот раст на библиската вистина во оваа огромна земја! Навистина сум среќен со мојата судба во животот, и му благодарам на Јехова што ми дозволи да станам негов Сведок. Уверен сум во вистинитоста на Псалм 33:8: „Вкусете и ќе видите, колку е благ Господ! Блажен е оној човек, кој на Него се надева!“

[Слика на страница 25]

Годината кога му се придружив на моето семејство во Тулун

[Слики на страница 26]

Горе: Татко ми и моите деца пред нашата куќа во Тулун (Сибир)

Горе десно: Ќерка ми Надја и нејзината ќеркичка кои загинаа во автомобилска несреќа

Десно: Семеен портрет од 1968