Како Гај им помагал на соверниците
ПРИ КРАЈОТ на првиот век, Гај и другите христијани се соочиле со еден предизвик. Некои поединци почнале да шират лажни учења и сакале да ги ослабнат собранијата и да предизвикаат поделби (1. Јов. 2:18, 19; 2. Јов. 7). Еден христијанин по име Диотреф зборувал злобно за апостол Јован и за други браќа, не сакал да им укажува гостопримство на христијаните што патувале и им вршел притисок на другите да постапуваат како него (3. Јов. 9, 10). Некаде во тој период, апостол Јован му напишал писмо на Гај. Ова писмо, кое било напишано околу 98 год. од н.е., станало дел од Христијанските грчки списи и е познато како „Трето Јованово“.
И покрај предизвиците на кои наишол, Гај продолжил верно да му служи на Јехова. Како покажал дека е верен? Зошто е добро и ние да го следиме примерот на Гај? Како може во тоа да ни помогне писмото што го напишал Јован?
ПИСМО ДО БЛИЗОК ПРИЈАТЕЛ
Писателот на Трето Јованово себеси се нарекува „старешината“, збор што на изворниот грчки јазик може да значи и „стариот човек“. Така Гај, кој учел за вистината од апостол Јован, можел лесно да сфати дека тоа писмо е од него. Во почетокот на писмото, Јован напишал: „До саканиот Гај, кого вистински го сакам“. Потоа му посакал на Гај неговото физичко здравје да биде добро како и неговото духовно здравје. Тоа навистина биле грижливи зборови (3. Јов. 1, 2, 4).
Гај можеби бил надгледник во собранието, иако тоа не е кажано во самото писмо. Јован го пофалил Гај за тоа што бил гостољубив кон многу браќа иако не ги познавал. Тој сметал дека тоа е доказ за верноста на Гај, бидејќи гостољубивоста отсекогаш била важна одлика на Божјите слуги (1. Мој. 18:1-8; 1. Тим. 3:2; 3. Јов. 5).
Тоа што Јован знаел дека Гај е гостољубив покажува дека во тоа време христијаните често патувале во местата каде што имало собранија и местото каде што се наоѓал апостол Јован, и очигледно му раскажувале за работите што ги доживувале. Можеби токму на овој начин Јован дознавал што се случувало во тие собранија.
Христијаните што патувале сигурно сакале да ноќеваат кај своите соверници. Гостилниците не биле на добар глас, не нуделе добра услуга и биле познати по неморал. Затоа, секогаш кога било можно,
патниците престојувале кај пријатели, а христијаните кај своите соверници.„ТРГНАА ПОРАДИ БОЖЈЕТО ИМЕ“
Јован го поттикнал Гај повторно да покаже гостољубивост кон христијаните што патувале, барајќи од него да ги испрати на пат „онака како што им прилега на Божји слуги“. Да ги испрати на пат вклучувало да им го даде тоа што ќе им било потребно за останатиот дел од нивното патување. Гај очигледно го направил тоа за гостите што ги имал претходно, бидејќи тие му кажале на Јован дека тој покажал голема љубов и вера (3. Јов. 3, 6).
Овие гости можеби биле мисионери, христијани испратени од Јован или, пак, патувачки надгледници. Како и да било, тие патувале поради добрата вест. Јован рекол: „Тргнаа поради Божјето име“ (3. Јов. 7). Бидејќи тие браќа биле дел од христијанското собрание, требало да бидат срдечно пречекани. Затоа Јован напишал: „Ние сме должни да ги примаме таквите гостољубиво, за да бидеме соработници во вистината“ (3. Јов. 8).
ПОМОШ ВО ТЕШКА СИТУАЦИЈА
Јован не му напишал писмо на Гај само за да му се заблагодари. Тој сакал и да му помогне во врска со еден посериозен проблем. Од некоја причина, Диотреф не сакал да им укажува гостопримство на христијаните што патувале. Тој дури се обидувал да ги спречи и другите од собранието да бидат гостопримливи (3. Јов. 9, 10).
Без сомнение, верните христијани не би го избрале Диотреф за свој домаќин дури и ако имале прилика за тоа. Тој сакал да биде прв во собранието, не примал ништо од апостол Јован со почит и зборувал злобно за него и за други христијани. Иако Диотреф не е наречен лажен учител, сепак се бунтувал против авторитетот на апостол Јован. Тоа што сакал да се истакнува и имал погрешни ставови ја ставало под знак прашалник неговата верност кон Бог. Примерот на Диотреф покажува дека амбициозните и горделиви поединци можат негативно да влијаат врз собранието и да предизвикаат поделби. Затоа, она што Јован му го кажал на Гај треба сите да го имаме на ум: „Не земај пример од она што е зло“ (3. Јов. 11).
ВАЖНА ПРИЧИНА ДА ПРАВИМЕ ДОБРО
За разлика од Диотреф, Димитрија бил христијанин кого Јован го спомнал како добар пример. Јован напишал: „За Димитрија сведочат сите... И ние сведочиме, а знаеш дека нашето сведоштво е вистинито“ (3. Јов. 12). На Димитрија можеби му требало помош од Гај. Во тој случај, Трето Јованово служело како препорака од страна на апостол Јован. Можеби токму Димитрија му го дал писмото на Гај. Бидејќи бил испратен лично од Јован, а можеби служел и како патувачки надгледник, Димитрија веројатно можел да го дообјасни она што стоело во писмото.
Зошто Јован го поттикнал Гај да покажува гостопримство кога тој веќе бил добар пример во овој поглед? Дали можеби сакал да го охрабри? Дали бил загрижен дека можеби Гај ќе престане да ја покажува оваа особина поради страв од Диотреф, кој се обидувал да ги исфрли гостољубивите христијани од собранието? Иако не ја знаеме точната причина, Јован го зајакнал Гај со зборовите: „Кој прави добро, потекнува од Бог“ (3. Јов. 11). Зарем тоа не е доволна причина секогаш да правиме добро?
Дали писмото на Јован го охрабрило Гај да продолжи да биде гостољубив? Самото тоа што Трето Јованово станало дел од Светото писмо со цел да нѐ поттикне да го правиме „она што е добро“ покажува дека Гај навистина бил охрабрен.
ПОУКИ ОД ТРЕТО ЈОВАНОВО
За верниот христијанин Гај не знаеме ништо повеќе. Сепак, и од она малку што е запишано во Библијата за него може многу да се научи.
Како прво, верните Божји слуги што биле спремни да патуваат поради добрата вест им помогнале на многумина подобро да го запознаат Бог. Се разбира, не може секој да патува на далечни места за да ја проповеда добрата вест. Сепак, исто како Гај, сите ние можеме да им пружиме помош и поддршка на оние што патуваат, како што се покраинскиот надгледник и неговата сопруга. Освен тоа, би можеле да им помогнеме и на браќата и сестрите кои се преселиле на место каде што има поголема потреба од објавители, сеедно дали во својата или, пак, во некоја друга земја. Многу е важно да се трудиме секогаш да бидеме гостољубиви (Рим. 12:13; 1. Тим. 5:9, 10).
Второ, не треба да се изненадиме ако се случи некој да почне да се бунтува против авторитетот на именуваните браќа. Тоа го доживеал Јован, а го доживеал и апостол Павле (2. Кор. 10:7-12; 12:11-13). Што да правиме ако такво нешто се случи во нашето собрание? Павле го советувал Тимотеј: „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите, оспособен да поучува, да се совладува кога трпи зло, со благост да ги поучува оние што се бунтовни“. Ако останеме смирени дури и кога сме испровоцирани, оние што почнале да критикуваат можеби постепено ќе почнат да го менуваат својот став. Тогаш Јехова може „да им даде да се покаат, па добро да ја запознаат вистината“ (2. Тим. 2:24, 25).
Трето, треба да ги цениме и пофалуваме христијаните кои верно му служат на Јехова додека се соочуваат со противење. Апостол Јован го охрабрил Гај и го уверил дека постапува исправно. Слично на тоа, и старешините денес треба да го следат примерот на Јован и да ги охрабруваат своите браќа и сестри за да не се уморат и да не папсаат (Иса. 40:31; 1. Сол. 5:11).
Со само 219 зборови во изворниот грчки текст, писмото од апостол Јован до Гај е најмалата книга во Библијата. Сепак, зборовите што ги содржи се од непроценлива вредност за нас денес.