Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали Јаков станал предок на Месијата затоа што од Исав го купил правото на првородство?

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Во библиско време, дали некој морал да има право на првородство за да биде предок на Месијата?

Понекогаш објавувавме информации кои водеа до таков заклучок. Се чинеше дека тоа е во склад со она што го пишува во Евреите 12:16. Според тој стих, Исав не го ценел она што е свето и за едно јадење се одрекол од правата што ги имал како првороден. Поради тоа мислевме дека, кога го стекнал правото на првородство, Јаков добил можност да стане дел од семејната лоза која водела до Месијата (Мат. 1:2, 16; Лука 3:23, 34).

Но, откако повторно ги разгледавме библиските извештаи, дојдовме до заклучок дека не е потребно некој да биде првороден син за да биде предок на Месијата. Да разгледаме неколку докази.

Рувим бил првородениот син што Лија му го родила на Јаков (Израел). Подоцна, Јаков го добил Јосиф, првиот син што му го родила неговата сакана жена, Рахела. Кога Рувим направил грев, правото на првородство се префрлило врз Јосиф (1. Мој. 29:31-35; 30:22-25; 35:22-26; 49:22-26; 1. Лет. 5:1, 2). Сепак, ниту Рувим ниту Јосиф не биле предци на Месијата. Предок на Месијата станал Јуда, четвртиот син на Јаков кој му го родила Лија (1. Мој. 49:10).

Во Лука 3:32 се наведени пет мажи кои подоцна станале дел од семејната лоза на Месијата. Изгледа дека секој од нив бил првороден. На пример, на Вооз му се родил Овид, а на Овид му се родил Јесеј (Рут 4:17, 20-22; 1. Лет. 2:10-12).

Меѓутоа, Давид не бил првородениот син на Јесеј. Тој бил последниот од осумте синови. Сепак, Месијата дошол од семејната лоза на Давид (1. Сам. 16:10, 11; 17:12; Мат. 1:5, 6). Слично на тоа, следниот во лозата бил Соломон, иако не бил првороден син на Давид (2. Сам. 3:2-5).

Ова не значи дека првородството не било важно. Првородениот син имал посебни права и честопати ја преземал улогата на семеен поглавар. Исто така, тој добивал двоен дел од имотот (1. Мој. 43:33; 5. Мој. 21:17; Ис. Нав. 17:1).

Но, правото на првородство можело да биде префрлено на некој друг. Авраам го отфрлил Исмаел, и правото на првородство го префрлил на Исак (1. Мој. 21:14-21; 22:2). И, како што веќе спомнавме, правото на првородство било префрлено од Рувим на Јосиф.

А сега да се вратиме на Евреите 12:16, каде што пишува: „Да не стане некој блудник или човек кој не го цени она што е свето, како Исав, кој за едно јадење се одрече од правата што ги имаше како првороден“. Што сакал да каже апостол Павле со овие зборови?

Павле не зборувал за семејната лоза на Месијата. Тој претходно им го дал следниов поттик на христијаните: „Израмнете ги патеките по кои одат вашите нозе“. Тоа ќе им помогнело да не останат „без Божјата незаслужена доброта“, што би можело да се случи доколку направеле сексуален неморал (Евр. 12:12-16). Во тој случај, би биле како Исав. Тој не го ценел „она што е свето“, и дословно се препуштил на телесните желби.

Исав живеел во времето на патријарсите, и можеби понекогаш принесувал жртви за своето семејство (1. Мој. 8:20, 21; 12:7, 8; Јов 1:4, 5). Но, бидејќи му било поважно да си ги задоволи телесните желби, Исав се откажал од сите права што би ги имал како првороден само за една чинија леќа. Можеби сакал да го избегне страдањето што било проречено дека ќе го доживее потомството на Авраам (1. Мој. 15:13). Исто така, Исав покажал дека не ги цени духовните работи со тоа што се оженил за две жени кои не му служеле на Јехова. Тоа им нанело голема болка на неговите родители (1. Мој. 26:34, 35). Тој бил многу поинаков од Јаков, кој сторил сѐ што можел за да се ожени со жена која му служи на вистинскиот Бог! (1. Мој. 28:6, 7; 29:10-12, 18).

Според сето ова, што можеме да заклучиме во врска со семејната лоза која водела до Исус, Месијата? Понекогаш, дел од таа лоза биле првородените синови. Но, тоа не било случај секогаш. Евреите го знаеле ова и го прифатиле. Тоа се гледа од фактот дека верувале дека Христос требало да биде потомок на Давид, последниот син на Јесеј (Мат. 22:42).