Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Како тулите што биле пронајдени во рушевините на древниот Вавилон и начинот на кој тие биле правени покажуваат дека Библијата е точна?

АРХЕОЛОЗИТЕ пронашле во древниот Вавилон огромен број печени тули кои се користеле при изградбата на градот. Според археологот Роберт Колдевеј, таквите тули се правеле во печки што се наоѓале „надвор од градот, каде што глината е добра и каде што има изобилство грмушки за палење оган“.

Древните записи откриваат дека вавилонските службеници ги користеле тие печки и за да прават ужасни работи. Пол-Ален Болиу, професор по асирологија при универзитетот во Торонто (Канада) вели: „Неколку вавилонски записи покажуваат дека царот наредил да бидат фрлени во печка и да бидат изгорени оние што не му се послушни или не ги почитуваат светите работи“. На пример, во еден запис од времето на цар Навуходоносор пишува: „Уништи ги, изгори ги, испечи ги... во печка... нека изгорат во огнен пламен и нека се крене голем облак од чад“.

Ова ги потсетува читателите на Библијата на настаните што се запишани во Даниел поглавје 3. Според тој историски извештај, цар Навуходоносор подигнал огромен златен кип во долината Дура која се наоѓала надвор од градот Вавилон. Кога тројцата млади Евреи — Седрах, Мисах и Авденаго — одбиле да се поклонат пред кипот, Навуходоносор се разгневил и наредил печката да биде загреана „седумпати посилно“ од вообичаеното, и тројцата Евреи да бидат фрлени во „вжарената печка со разгорен оган“. Но, еден моќен ангел ги спасил од сигурна смрт (Дан. 3:1-6, 19-28).

© The Trustees of the British Museum. Licensed under CC BY-NC-SA 4.0. Source

Една печена тула на која го пишува името Навуходоносор

Точноста на Библијата ја потврдуваат и самите тули што биле пронајдени во Вавилон. На многу од нив има фрази во кои се слави царот. Една од нив гласи: „Навуходоносор, царот на Вавилон... Палатата, домот што го изгради моето Величество... Моите потомци нека владеат во него засекогаш“. Овој текст е многу сличен со она што е запишано во Даниел 4:30 каде што Навуходоносор се фалел: „Не е ли ова Големиот Вавилон што го изградив јас со својата силна моќ за да биде царска престолнина и за слава на моето величество?“