Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 18

Да се храбриме еден со друг на собраниските состаноци

Да се храбриме еден со друг на собраниските состаноци

Да размислуваме еден за друг и да се храбриме еден со друг (ЕВР. 10:24, 25)

ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Зошто коментираме на состаноците?

 ЗОШТО присуствуваме на собраниските состаноци? Пред сѐ, за да го славиме Јехова (Пс. 26:12; 111:1). Исто така, на состаноците присуствуваме за да се охрабриме еден со друг во овие тешки времиња (1. Сол. 5:11). Кога ќе ја кренеме нашата рака и ќе дадеме коментар, придонесуваме да се остварат овие две цели.

2. Какви можности за коментирање имаме на нашите состаноци?

2 Секоја седмица, имаме можност да коментираме на нашите состаноци. На пример, секој викенд можеме да учествуваме со нашите коментари во собраниското Проучување на Стражарска кула. А на состанокот Нашиот живот и служба, можеме да коментираме за време на точките Духовни бисери, Собраниско проучување на Библијата, како и на други точки во кои има учество на присутните.

3. Со кои предизвици можеби се соочуваме, и како може да ни помогне она што е запишано во Евреите 10:24, 25?

3 Сите ние сакаме да го славиме Јехова и да ги храбриме нашите браќа и сестри. Но кога станува збор за коментирањето, некои работи можат да ни бидат предизвик. Можеби ни е тешко да коментираме или можеби многу сакаме да коментираме, но не добиваме можност за тоа толку често колку што би сакале. Како можеме да се справиме со овие предизвици? Она што Павле им го напишал на Евреите може да ни помогне да го најдеме одговорот. Кога пишувал за тоа колку е важно да се состануваме, тој рекол дека треба да се концентрираме на тоа „да се храбриме еден со друг“. (Прочитај Евреите 10:24, 25.) Ќе ни биде полесно да кренеме рака за да коментираме ако имаме на ум дека можеме да ги охрабриме другите дури и ако нашата вера ја изразуваме со едноставни зборови. А ако не добиваме можност да коментираме толку често колку што би сакале, може да се радуваме што другите во собранието имаат можност да коментираат (1. Пет. 3:8).

4. Кои три работи ќе ги разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија прво ќе видиме како можеме да се храбриме еден со друг во мало собрание, каде што нема многу лица за да коментираат. Потоа ќе видиме како можеме да се храбриме еден со друг во големо собрание, каде што многумина креваат рака за да коментираат. На крајот ќе видиме што можеме да правиме за содржината на нашите коментари да биде вистинско охрабрување за другите.

ДА СЕ ХРАБРИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ ВО МАЛО СОБРАНИЕ

5. Како може да се храбриме еден со друг ако на состаноците има мал број присутни?

5 Во едно мало собрание или група, водителите се соочуваат со предизвик бидејќи нема многу објавители за да коментираат. Понекогаш, тие треба малку да почекаат за некој да крене рака. Поради тоа изгледа како состанокот да се развлекува — а тоа не е охрабрувачки. Што би можел да правиш ти? Биди спремен почесто да креваш рака. На тој начин, ќе ги поттикнеш и другите почесто да учествуваат.

6-7. Што може да направиме доколку имаме трема да коментираме?

6 Што ако те фаќа трема дури и од самата помисла да коментираш? Многумина се борат со слични чувства. Но, за да можеш повеќе да ги храбриш своите браќа и сестри, обиди се да најдеш начини за да ја намалиш тремата од коментирањето. Што би можело да направиш?

7 Можеби ќе ти биде од помош ако разгледаш некои од предлозите кои беа објавени во претходните броеви на Стражарска кула. b На пример, добро подготви се (Изр. 21:5). Колку подобро си запознаен со материјалот, толку полесно ќе ти биде да кренеш рака за да коментираш. Исто така, коментирај кратко (Изр. 15:23; 17:27). Веројатно ќе имаш помала трема доколку даваш кратки одговори. Ако дадеш краток коментар кој можеби се состои од една или две реченици, браќата и сестрите многу полесно ќе го разберат отколку ако дадеш долг коментар во кој се вклучени повеќе мисли. Со тоа што ќе дадеш краток коментар со свои зборови, ќе покажеш дека добро си се подготвил и дека добро си го сфатил материјалот.

8. Како гледа Јехова на трудот што го вложуваме за да коментираме?

8 Што ако си пробал некои од овие предлози, но сѐ уште чувствуваш трема и ти е тешко да коментираш повеќе од еднаш или двапати? Биди сигурен дека Јехова го цени тоа што искрено се трудиш да го правиш она што можеш (Лука 21:1-4). Јехова очекува да му го дадеме нашето најдобро, но тоа не значи дека тој бара од нас повеќе од она што можеме да го направиме (Фил. 4:5). Одреди што можеш да правиш, постави си цел да го направиш тоа и моли го Јехова да ти даде внатрешен мир. За почеток, една таква цел може да ти биде да дадеш еден краток коментар.

ДА СЕ ХРАБРИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ ВО ГОЛЕМО СОБРАНИЕ

9. Каков предизвик може да има во големо собрание?

9 Ако во твоето собрание има многу објавители, можеби се соочуваш со друг предизвик. Можеби толку многу браќа и сестри креваат рака за да коментираат што братот кој ја води точката честопати не забележува дека и ти креваш рака. На пример, Даниела отсекогаш многу сакала да дава коментари на состаноците. c За неа коментирањето е дел од нејзиното обожавање, начин на кој може да ги охрабри другите и можност уште повеќе да ја всади библиската вистина во своето срце. Но, кога се преселила во поголемо собрание, многу поретко добивала можност да коментира — понекогаш ниту еднаш во текот на целиот состанок. Таа вели: „Бев разочарана. Се чувствував како да ми е ускратено нешто многу скапоцено. Кога тоа се повторува повеќепати, почнуваш да се прашуваш: ’Дали водителот го прави тоа намерно?‘“

10. Како би можеле да ја зголемиме можноста да дадеме коментар?

10 Дали некогаш си имал слични чувства како Даниела? Ако да, можеби си бил на искушение да се откажеш и само да слушаш на состаноците. Но немој да престанеш да креваш рака за да коментираш. Што можеш да направиш? Можеби ќе ти помогне ако за секој состанок си подготвиш по неколку коментари. Ако водителот не те крене на почетокот од дискусијата, сѐ уште ќе имаш можност да коментираш во останатиот дел од состанокот. Кога се подготвуваш за проучувањето на Стражарска кула, размисли како секој пасус е поврзан со главната тема на статијата. Ако правиш така, веројатно ќе имаш за што да коментираш во текот на целата статија. Освен тоа, би можел да подготвиш коментари за оние пасуси во кои се зборува за подлабоки библиски вистини кои се потешки за објаснување (1. Кор. 2:10). Зошто? Бидејќи за тој дел можеби ќе има помалку лица кои ќе сакаат да коментираат. Но што ако, и покрај тоа што си ги применил овие предлози, гледаш дека неколку состаноци по ред сѐ уште не ти била дадена можност да коментираш? Би можел да зборуваш со водителот пред состанокот и да му кажеш на кое прашање би сакал да коментираш.

11. На што сме поттикнати според Филипјаните 2:4?

11 Прочитај Филипјаните 2:4. Под водство на светиот дух, апостол Павле ги поттикнал христијаните да се грижат за другите. Како можеме да го примениме овој совет во текот на состаноците? Така што ќе имаме на ум дека и другите, исто како нас, сакаат да учествуваат.

Исто како што им дозволуваш на другите да се вклучат во еден разговор, дозволи им на другите да коментираат на состаноците (види во пасус 12)

12. Кој е еден добар начин на кој можеме да ги храбриме другите на состаноците? (Види ја и сликата.)

12 Размисли за следниов пример. Ако разговараш со своите пријатели, дали ќе зборуваш толку многу што другите едвај ќе можат да дојдат до збор? Се разбира дека не! Сакаш и тие да учествуваат во разговорот. Слично на тоа, кога сме на состанок, сакаме да им оставиме простор на колку што е можно повеќе браќа и сестри да коментираат. Всушност, еден од најдобрите начини да ги охрабриме соверниците е така што ќе им дадеме можност да ја изразат својата вера (1. Кор. 10:24). Да разгледаме како може да го правиме тоа.

13. Како можеме да им овозможиме на повеќето од присутните да коментираат?

13 Како прво, треба да се трудиме нашите коментари да бидат кратки. Така ќе има доволно време за да коментираат повеќе лица. Старешините и другите искусни објавители можат да дадат пример во овој поглед. Дури и ако даваш краток коментар, немој да ги вклучиш сите мисли од пасусот. Ако со твојот коментар го опфатиш целиот пасус, другите ќе немаат што да кажат. На пример, во овој пасус се дадени два предлога — да коментираме кратко и да не ги опфатиме сите мисли од пасусот. Ако ти си првиот што дава коментар за овој пасус, коментирај само за една од овие две точки.

Зошто би можеле да одлучиме да не кренеме рака на некој состанок? (види во пасус 14) f

14. Што може да ни помогне да одлучиме колку често ќе креваме рака за да коментираме? (Види ја и сликата.)

14 Треба да бидеме обѕирни кога одлучуваме колку често ќе кренеме рака за да коментираме. Ако премногу често креваме рака, водителот можеби ќе се чувствува под притисок дека мора да нѐ крене повеќе пати, иако други сѐ уште немале можност да коментираат. Поради тоа, другите можат да се обесхрабрат и повеќе да не креваат рака (Проп. 3:7).

15. а) Како треба да реагираме ако не ни биде дадена можност да коментираме? б) Како можат водителите да покажат обѕир кон секого во собранието? (Види ја рамката „ Ако ти си водител“.)

15 Кога многу објавители креваат рака во текот на некој дел од состанокот со прашања и одговори, можеби нема да имаме прилика да коментираме толку често колку што би сакале. Понекогаш, водителот нема да може воопшто да не крене за да коментираме. Тоа може да нѐ разочара, но сепак треба да се трудиме да не се навредиме поради тоа (Проп. 7:9).

16. Како би можеле да ги охрабриме оние што коментираат?

16 Ако не можеш да коментираш толку често колку што би сакал, би можел внимателно да ги слушаш другите додека коментираат и по состанокот да ги пофалиш за нивниот коментар. Пофалбата што ќе им ја дадеш на твоите браќа и сестри може да ги охрабри исто толку колку што би ги охрабрил твојот коментар (Изр. 10:21). Уште еден начин како можеме да се храбриме еден со друг е така што ќе си даваме пофалби.

ДРУГИ НАЧИНИ ДА СЕ ХРАБРИМЕ ЕДЕН СО ДРУГ

17. а) Како родителите можат да им помогнат на своите деца да подготват соодветни коментари? б) Според видеоклипот, кои четири работи треба да ги направиме за да подготвиме коментар? (Види ја и фуснотата.)

17 На кој друг начин можеме да се храбриме на нашите состаноци? Ако си родител, помогни им на своите деца да подготват коментари кои се соодветни на нивната возраст (Мат. 21:16). Понекогаш, во материјалот што се разгледува се обработуваат посериозни теми, како на пример за проблеми во бракот или за моралната чистота. Но, веројатно ќе има еден до два пасуса на кои би можеле да коментираат и деца. Исто така, помогни им на своите деца да сфатат зошто нема да можат да коментираат секогаш кога ќе кренат рака. Ако им се објасни тоа, децата нема да бидат разочарани ако некој друг биде кренат наместо нив (1. Тим. 6:18). d

18. Како можеме да не привлекуваме премногу внимание на себеси кога коментираме? (Изреки 27:2).

18 Сите ние можеме да подготвиме охрабрувачки коментари кои ќе бидат за слава на Јехова и кои ќе ги зајакнат нашите браќа и сестри (Изр. 25:11). Иако понекогаш може кратко да кажеме некое лично искуство, сепак треба да избегнуваме премногу да зборуваме за себеси. (Прочитај Изреки 27:2; 2. Кор. 10:18.) Наместо тоа, треба да се трудиме главно да зборуваме за Јехова, за неговата Реч и за неговиот народ како целина (Отк. 4:11). Се разбира, ако во прашањето за некој пасус се бара да кажеме свое мислење, тогаш е соодветно да го направиме тоа. Еден пример за вакво прашање има во следниот пасус од оваа статија.

19. а) Кој ќе биде резултатот ако покажуваме обѕир кон сите во собранието? (Римјаните 1:11, 12). б) Што посебно ти се допаѓа во врска со коментирањето на состаноците?

19 Иако нема строги правила во врска со нашите коментари, секој од нас може да се труди да ги охрабри другите. Ова може да значи дека понекогаш ќе треба да коментираме малку почесто. Или може да значи дека ќе треба да бидеме задоволни со која и да било можност што ќе ни биде дадена да коментираме, и да се радуваме кога и другите имаат можност да коментираат. Ако пред сѐ мислиме на потребите на другите за време на собраниските состаноци, сите ќе уживаме и заемно ќе се охрабриме. (Прочитај Римјаните 1:11, 12.)

ПЕСНА 93 Благослови ги нашите состаноци!

a Кога коментираме на состаноците ние се храбриме еден со друг. Но, на некои им е тешко да коментираат. Други, пак, уживаат да коментираат, но би сакале почесто да имаат можност да го прават тоа. Без разлика каков е случајот со нас, како можеме да покажеме дека размислуваме еден за друг за сите да се чувствуваат охрабрено? И како можеме со нашите коментари да ги поттикнуваме браќата и сестрите кон љубов и кон добри дела? Во оваа статија ќе се зборува токму за тоа.

c Името е сменето.

d На jw.org, гледај го видеоклипот Биди пријател со Јехова — подготви коментар.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Во едно големо собрание, еден брат кој веќе коментирал им дава можност и на другите да учествуваат во состанокот.