Лефевр д’Етапл — сакал обичниот народ да ја знае Божјата Реч
ЕДНО неделно утро во почетокот на 1520-тите години, жителите на Мо, мало гратче близу Париз, не можеле да си поверуваат на ушите. Додека седеле во црквата, го слушале читањето на евангелијата, но овојпат не на латински, туку на нивниот мајчин јазик — француски!
Заслугата за тоа била на библискиот преведувач Жак Лефевр д’Етапл (на латински Јакобус Фабер Стапуленсис). На еден свој пријател, тој подоцна му напишал: „Не можеш ни да си замислиш колку многу Бог им помага на обичните луѓе да ја разберат неговата Реч“.
Во тоа време, Католичката црква и теолозите во Париз биле против тоа да се користат Библии преведени на јазикот на обичниот народ. Тогаш, што го поттикнало Лефевр да ја преведе Библијата на француски? Како успеал да му помогне на обичниот народ да ја разбере Божјата Реч?
ВО ПОТРАГА ПО ТОЧНОТО ЗНАЧЕЊЕ НА СВЕТИТЕ СПИСИ
Пред да почне да ја преведува Библијата, Лефевр се посветил на тоа да го открие изворното значење на некои класични дела по филозофија и теологија. Тој забележал дека, низ вековите, во старите текстови навлегле многу грешки и погрешно преведени изрази. Во потрага по изворното значење на старите ракописи, тој почнал детално да го проучува преводот на Библијата што го користела Католичката црква, латинската Вулгата.
Неговото ревносно истражување на светите списи го довело до заклучок дека „само проучувањето на вистината за Бог води до... најголема среќа“. Затоа, Лефевр престанал да проучува филозофија и целосно се посветил на преведувањето на Библијата.
Во 1509 год., Лефевр објавил компаративна студија на пет латински верзии на Псалмите, * во која ги вклучил и своите корекции на Вулгатата. За разлика од теолозите во негово време, тој се трудел да дојде до вистинската смисла на библиските стихови. Неговиот начин на толкување на светите списи имал силно влијание и врз други библиски изучувачи и реформатори. (Види ја рамката „ Како Лефевр извршил влијание врз Мартин Лутер“.)
Како католик, Лефевр бил уверен дека до промени во Црквата може да дојде само ако обичниот народ биде исправно поучен за светите списи. Но, како можел обичниот народ да извлече корист од светите списи кога ги имало претежно на латински јазик?
ПРЕВОД ШТО СЕКОЈ ЌЕ МОЖЕЛ ДА ГО ИМА
Лефевр толку многу ја ценел Божјата Реч што одлучил да направи сѐ што може за да ја читаат што повеќе луѓе. За таа цел, во јуни 1523 год. тој го издал преводот на евангелијата на француски јазик во два тома во џебен формат. Овој мал формат чинел половина од цената на стандардното издание и затоа на посиромашните луѓе им било полесно да го купат.
Обичниот народ со радост го дочекал излегувањето на овој превод. И мажи и жени биле толку желни да ги читаат зборовите на Исус на својот јазик што првите 1.200 отпечатени примероци биле распродадени за само неколку месеци.
ХРАБРО НА СТРАНАТА НА БИБЛИЈАТА
Во воведот на евангелијата, Лефевр објаснил дека го направил овој превод на француски за „обичните членови“ на црквата „да бидат исто толку уверени во вистините од евангелијата како и оние што ги имаат на латински јазик“. Но, зошто Лефевр толку многу сакал да му помогне на обичниот народ да се врати на она што го учи Библијата?
Лефевр добро знаел дека човечките учења и филозофии извршиле лошо влијание врз Католичката црква (Марко 7:7; Колошаните 2:8). Тој бил убеден дека дошло време „низ целиот свет да биде проповедано само она што стои во евангелијата, за луѓето повеќе да не бидат заведувани од човечки учења“.
Исто така, Лефевр се трудел да ги побие погрешните тврдења на оние што не сакале Библијата да биде преведена на француски. Тој го разоткрил нивното лицемерство со прашањето: „Како ќе го учат [народот] да држи сѐ што заповедал Исус Христос ако се против тоа обичните луѓе да ги гледаат и да ги читаат Божјите Римјаните 10:14).
евангелија на својот мајчин јазик?“ (Не е за изненадување што теолозите од Парискиот универзитет, Сорбона, се обиделе да го замолчат Лефевр. Во август 1523 год., тие изнеле приговор против сите преводи и коментари на Библијата на француски јазик, и рекле дека се „штетни за Црквата“. Да не се вмешал францускиот крал Франсоа I, Лефевр ќе бил осуден како еретик.
НАМЕСТО ДА СЕ БРАНИ, ЈА ДОВРШИЛ РАБОТАТА
Лефевр не дозволил жестоките дебати во врска со неговите дела да му го одвлечат вниманието од преведувањето на Библијата. Во 1524 год., откако завршил со преведувањето на Грчките списи (познати како Нов Завет), го објавил француското издание на Псалмите за да можат верниците да се молат „со поголема оддаденост и подлабоки чувства“.
Теолозите од Сорбона веднаш почнале детално да го проверуваат овој превод на Лефевр. За кратко време, наредиле неговиот превод на Грчките списи да биде јавно запален, а за некои од неговите останати списи рекле дека „одат во прилог на ересот на Лутер“. Кога теолозите го повикале да изнесе докази за своите гледишта, Лефевр одлучил да не се брани, туку пребегал во Стразбур. Таму тајно продолжил да ја преведува Библијата. Иако некои сметаат дека со овој потег Лефевр не покажал доволно храброст, тој бил уверен дека тоа е најдобриот одговор за оние што немале никакво ценење за скапоцените „бисери“ на библиската вистина (Матеј 7:6).
Речиси една година откако Лефевр ја напуштил Франција, кралот Франсоа I го назначил за учител на својот четиригодишен син, Шарл. Така Лефевр имал доволно време да го доврши својот превод на Библијата. Во 1530 год., неговиот комплетен превод на Библијата бил отпечатен надвор од Франција, во Антверпен, со одобрение на кралот Карло V. *
НЕИСПОЛНЕТИ НАДЕЖИ
Целиот свој живот, Лефевр се надевал дека црквата ќе се откаже од човечките традиции и ќе му се врати на чистото учење од Светото писмо. Цврсто верувал дека „секој христијанин има право, или поточно, должност лично да ја чита Библијата и да учи од неа“. Тоа е причината зошто вложил толкав труд Библијата да им биде достапна на сите. Иако желбата на Лефевр за реформи во самата црква не се остварила, неговиот придонес за обичниот народ да ја запознае Божјата Реч е неоспорен.
^ пас. 8 Делото Fivefold Psalter содржи пет верзии на Псалмите во посебни колони и табела со титули што се користеле за Бог, која го содржела и тетраграмот — четирите хебрејски букви што го сочинуваат Божјето име.
^ пас. 21 Пет години подоцна, во 1535 год., францускиот преведувач Оливетан го објавил својот превод на Библијата направен на темел на изворните јазици. Додека ги преведувал Грчките списи, тој во голема мера се потпирал на преводот на Лефевр.