Послушноста кон Бог носи благослови
Пророкот Мојсеј рекол дека, ако сме им послушни на Божјите заповеди, Бог ќе нѐ благослови (5. Мојсеева 10:13; 11:27). Ние не сме му послушни на Бог од страв дека тој ќе нѐ казни. Напротив, тоа што има убави особини нѐ поттикнува да му бидеме послушни од љубов и да не направиме нешто со кое би го разочарале. Во Божјата Реч пишува: „Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди“ (1. Јованово 5:3).
На кој начин тоа што сме му послушни на Бог ни носи благослови? Да разгледаме два начина.
1. ТОА ШТО СМЕ МУ ПОСЛУШНИ НА БОГ НИ ПОМАГА ДА БИДЕМЕ МУДРИ
„Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (ИСАИЈА 48:17).
Јехова Бог, нашиот Творец, добро нѐ познава и ни го дава потребното водство. Ако сакаме неговите учења да ни помогнат да носиме мудри одлуки, мора да дознаеме од Светото писмо што сака Бог да правиме и потоа да постапуваме во склад со тоа.
2. ТОА ШТО СМЕ МУ ПОСЛУШНИ НА БОГ НИ ПОМАГА ДА БИДЕМЕ СРЕЌНИ
„Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (ЛУКА 11:28).
Денес, милиони луѓе кои се послушни на она што го пишува во Божјата Реч навистина се среќни. Размисли за примерот на еден маж од Шпанија кој лесно избувнувал и постапувал грубо со другите, дури и со својата жена. Еден ден, во списите што ги напишал пророкот Мојсеј, овој човек прочитал колку бил кроток Јосиф, синот на Јаков. Јосиф бил продаден како роб и неправедно затворен. Но и покрај тоа, тој останал кроток, мирољубив и им простувал на другите (1. Мојсеева, поглавја 37-45). Овој човек од Шпанија признава: „Тоа што размислував за примерот на Јосиф ми помогна да станам кроток, љубезен и да покажувам самоконтрола. Како резултат на тоа, сега сум вистински среќен“.
Во Светото писмо има и други совети за тоа како треба да постапуваме со другите. Во следната статија ќе разгледаме некои од нив.