Дали Бог те разбира?
ШТО НИ КАЖУВА НАЧИНОТ НА КОЈ СМЕ СОЗДАДЕНИ
Да размислиме за една од најблиските врски меѓу луѓето — врската меѓу идентичните близнаци. Тие се поврзани на посебен начин. Ненси Сегал, која е директор на Центарот за истражување на близнаци а и самата има близначка, вели дека некои близнаци дури „знаат како е да си кажат нешто и потполно да се разберат без да треба да се дообјаснуваат“. Една жена ја опишала врската меѓу неа и нејзината идентична близначка со следниве зборови: „Ние едноставно знаеме сѐ една за друга“.
На што се должи ваквата уникатна поврзаност? Истражувањата покажуваат дека, иако средината и воспитувањето имаат влијание, главна улога игра тоа што идентичните близнаци имаат многу слични гени.
РАЗМИСЛИ: Творецот на целиот овој неверојатен генетски материјал сигурно нѐ познава подобро од кој и да е друг. Псалмистот Давид напишал: „Ме засолнуваше во утробата на мајка ми. Моите коски не ти беа скриени додека бев создаван во тајност... Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“ (Псалм 139:13, 15, 16). Само Бог потполно ја познава и ја разбира нашата генетика. Освен тоа, тој знае што сме доживеале и како сето тоа влијаело врз нашата личност. Тоа што Бог толку добро нѐ познава нас и нашата генетика нѐ уверува дека тој потполно нѐ разбира.
ШТО НИ КАЖУВА БИБЛИЈАТА
Давид се молел: „Јехова, ти проникна во мојата внатрешност и ме познаваш. Ти знаеш кога седнувам и кога станувам, оддалеку ми ги распознаваш мислите. Зашто, уште не ми дошле зборовите на јазикот, а ти, Јехова, веќе сите ги знаеш“ (Псалм 139:1, 2, 4). Освен тоа, Јехова ги знае и нашите најдлабоки чувства, па дури и сите наши мисли и желби (1. Летописи 28:9; 1. Самоилова 16:6, 7). Што ни откриваат овие стихови за Бог?
Дури и кога не му ги изразуваме сите наши мисли и чувства во молитва на Бог, тој гледа што правиме, но и разбира зошто правиме нешто. Освен тоа, тој гледа кои добри работи би сакале да ги правиме, дури и кога нашите ограничувања не ни го дозволуваат тоа. Се разбира, бидејќи Бог нѐ создал со способност да чувствуваме љубов, тој сака да ги знае нашите мисли и нашите мотиви, и се радува кога тие се поттикнати од љубов (1. Јованово 4:7-10).
Бог забележува сѐ. Тој е свесен за нашите страдања дури и кога другите не ги забележуваат или не ги разбираат во потполност
Библијата нѐ уверува
-
„Очите на Јехова ги гледаат праведниците и ушите негови ги слушаат нивните сесрдни молитви“ (1. ПЕТРОВО 3:12).
-
Бог ветува: „Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш. Ќе те советувам, моето око ќе биде над тебе“ (ПСАЛМ 32:8).
БОГ Е МНОГУ СОЧУВСТВИТЕЛЕН
Дали тоа што знаеме дека Бог разбира во каква ситуација се наоѓаме и како се чувствуваме може да ни помогне полесно да се носиме со проблемите? Размисли за она што ѝ се случило на Ана од Нигерија. Таа вели: „Поради моите тешки околности, се прашував дали воопшто вреди да живеам. Бев вдовица и се грижев за мојата ќерка која беше во болница затоа што страдаше од хидроцефалус (вишок течности во мозокот). Во тој период, ми беше дијагностициран рак на дојка и требаше да одам на операција, хемотерапија и радиотерапија. Ми беше многу тешко што морав да бидам во болница во исто време кога беше и ќерка ми“.
Што ѝ помогнало на Ана да се носи со овој проблем? Таа вели: „Размислував за стихови како што е Филипјаните 4:6, 7, каде што пишува дека ’мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум‘. Секој пат кога овој стих ќе ми дојдеше на ум, се чувствував многу блиска со Јехова и знаев дека тој ме разбира подобро отколку што самата се разбирам. Многу ме охрабрија и моите сакани соверници од христијанското собрание.
Иако сѐ уште се борам со моето здравје, и јас и ќерка ми сега сме подобро. Бидејќи знаеме дека Јехова е на наша страна, научивме да не размислуваме негативно кога ќе се соочиме со проблеми. Јаков 5:11 нѐ уверува: ’Ги прогласуваме за среќни оние што истрајаа. Чувте за истрајноста на Јов и видовте до каков исход Јехова го доведе неговото искушение — видовте дека Јехова е полн со сочувство и милосрден‘“. Јехова во потполност разбирал во каква ситуација се наоѓал Јов, а можеме да бидеме уверени дека тој разбира и низ што сѐ минува секој од нас.