УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | РЕВЕКА
Таа рекла „сакам“
РЕВЕКА гледала кон ридовите, додека сонцето сѐ повеќе ги издолжувало нивните сенки. Поминале неколку седмици откако тргнала на пат, и веќе се навикнала да седи високо на грбот на камилата, нишајќи се при секој нејзин чекор. Харан, местото каде што пораснала, веќе бил стотици километри далеку на североисток. Било прашање дали некогаш повторно ќе си го види семејството. А што ја чекало таму каде што одела? Низ главата сигурно ѝ минувале безброј прашања, особено сега, кога патот се ближел кон својот крај.
Караванот го поминал поголемиот дел од земјата Ханаан и сега минувал низ прилично нерамен предел, низ подрачјето на Негев (1. Мојсеева 24:62). Местото било пусто и непогодно за обработување, но изобилувало со богати пасишта на кои Ревека можела да види стада овци. Тој предел бил добро познат за постариот човек што го водел караванот. Уште малку ќе стигнеле кај неговиот господар и конечно ќе му ја кажел убавата вест дека Ревека ќе му станела жена на Исак. Во исто време, Ревека сигурно се прашувала каков ќе ѝ биде животот во таа земја. Како изгледал нејзиниот иден маж Исак? Тие воопшто се немале видено. Дали ќе му се допадне? Дали таа ќе го засака него?
Денес, во многу места договорените бракови се нешто чудно. Но, има и места каде што тоа е нормално. Сеедно како е во твоето место, сигурно ќе се согласиш дека Ревека била на пат кон непознатото. Сепак, таа била жена со голема храброст и вера. Истите особини треба да ги имаме и ние, особено кога доживуваме промени во животот. Но, освен вера, Ревека имала и други убави особини што ретко се среќаваат.
„И НА ТВОИТЕ КАМИЛИ ЌЕ ИМ ЦРПАМ ВОДА“
Големата промена во животот на Ревека започнала со една случка што за неа била секојдневие. Таа пораснала во или близу Харан, град во Месопотамија. Но, нејзините родители не биле како повеќето луѓе од тој град. Тие не го обожавале богот на месечината, Син. Нивни Бог бил Јехова (1. Мојсеева 24:50).
Ревека станала многу убава девојка. Сепак, изгледот не ја направил пасивна и ладна. Таа била темпераментна, но останала морално чиста. Нејзиното семејство имало слуги, што покажува дека било прилично имотно. Но, Ревека не била разгалена ниту третирана како принцеза, туку работела како и другите жени од тоа време. А работата дома не била лесна. На пример, секој ден требало да нацрпи вода и да ја донесе дома. На зајдисонце ќе ја ставела стомната на рамото и ќе тргнела кон бунарот (1. Мојсеева 24:11, 15, 16).
Една приквечерина, тукушто ја наполнила стомната кога до неа дошол еден постар човек и ѝ рекол: „Те молам, дај ми голтка вода од твојата стомна!“ Неговиот глас бил благ и љубезен. Освен тоа, било очигледно дека доаѓа оддалеку, а побарал само голтка вода! Ревека брзо ја спуштила стомната од рамото и му дала да се напие од свежата вода не само голтка туку колку што сакал. Тогаш ги забележала неговите десет камили што лежеле во близина, и видела дека поилото е празно. Човекот ја гледал со толку мили очи што посакала да направи уште нешто добро за него. Затоа му рекла: „И на твоите камили ќе им црпам вода додека да ги напојам“ (1. Мојсеева 24:17-19).
Ревека не рекла дека ќе им даде само малку вода на камилите, туку се понудила да црпи вода за нив сѐ додека не се напојат. Кога е многу жедна, * Но, Ревека не го знаела тоа однапред. Таа сакала да му помогне на овој непознат постар човек дури и ако тоа значело дека прилично ќе се намачи. Тој ја прифатил нејзината понуда. Неговиот поглед ја следел додека таа одново и одново одела до бунарот, полнејќи ја стомната и истурајќи ја водата во поилото (1. Мојсеева 24:20, 21).
една камила може да испие повеќе од 95 литри вода. Ако сите десет камили биле жедни, Ревека ја чекало многу работа! За среќа, изгледа дека камилите не биле толку жедни.Ревека е одличен пример за нас. Живееме во време кога владее себичност. Во Библијата е проречено дека луѓето денес ќе бидат „себељубиви“, односно незаинтересирани за другите (2. Тимотеј 3:1-5). За да се спротивставиме на ваквото раширено влијание, добро е одвреме-навреме да се сетиме на оваа млада жена од минатото и да си ја замислиме како безброј пати неуморно црпи вода од бунарот.
Ревека сигурно забележала дека човекот ја гледа. Но, во неговиот поглед немало ни трошка непристојност. Тој едноставно бил зачуден, исполнет со неверување и радост. Кога завршила со работата, ја наградил со скапоцен накит, како што и заслужила. Потоа, човекот ја прашал: „Те молам, кажи ми чија ќерка си? Има ли во домот на татко ти место за да преноќеваме?“ Кога му кажала од која фамилија е, не можел да си поверува на ушите! Веројатно и самата возбудена од она што ѝ се случувало, Ревека веднаш рекла: „Кај нас има и слама и доста храна за стоката, а и место за ноќевање“. Тоа не било баш скромна понуда ако се земе предвид дека човекот патувал со уште неколку луѓе. Ревека истрчала пред него за што побрзо да ѝ раскаже на мајка ѝ што се случило (1. Мојсеева 24:22-28, 32).
Јасно е дека Ревека била научена да биде гостопримлива. Тоа е уште една особина што се чини дека денес ја имаат сѐ помалку луѓе, и уште една убава причина да се угледаме на верата на оваа љубезна девојка. Ако имаме вера во Бог, нема да ни биде тешко да бидеме гостопримливи. Таа особина ја покажува и Јехова, кој е Матеј 5:44-46; 1. Петрово 4:9).
дарежлив кон сите. Како наш Бог и Татко, тој многу ќе се радува ако и ние го правиме истото. Нему му е многу мило кога даваме за другите, дури и за оние кои можеби никогаш нема да ни возвратат („ДОВЕДИ МУ ЖЕНА НА МОЈОТ СИН“
Но, кој бил постариот човек што седел крај бунарот? Тој му бил слуга на Авраам, братот на дедото на Ревека. Затоа, овој човек бил посебно добредојден кај Ветуил, таткото на Ревека. Името на слугата веројатно било Елиезер. * Домаќините му понудиле да јаде, но тој одбил затоа што најпрво сакал да каже како и зошто е дојден (1. Мојсеева 24:31-33). Можеме да си замислиме со каква возбуда зборувал, бидејќи само што видел силен доказ дека неговиот Бог, Јехова, го благословува и води. За што се работело?
Замисли си го Елиезер како почнува да раскажува, а татко ѝ на Ревека, Ветуил, како и нејзиниот брат, Лаван, слушаат без да трепнат. Елиезер им кажал колку многу Јехова го благословил неговиот господар, Авраам, во Ханаан и дека нему и на неговата жена, Сара, им се родил син по име Исак, кој требало да наследи сѐ. Потоа им кажал каква важна задача добил од својот господар — да најде жена за Исак од неговите роднини во Харан (1. Мојсеева 24:34-38).
Авраам побарал од Елиезер да се заколне дека нема да избере за Исак жена Ханаанка. Зошто? Затоа што Ханаанците ниту го обожавале Јехова Бог ниту, пак, имале некаква почит кон него. Авраам знаел дека Јехова одредил тој народ да биде уништен поради нивната злоба и расипаност. Затоа не сакал неговиот син, Исак, да има каква и да било врска со тој народ и со нивните неморални постапки. Освен тоа, знаел дека неговиот син требало да има многу важна улога во исполнувањето на Божјите ветувања (1. Мојсеева 15:16; 17:19; 24:2-4).
На крајот, дошло ред Елиезер да им раскаже на своите домаќини што се случило кај бунарот близу Харан. Кога стигнал таму, му се помолил на Јехова Бог да му помогне да избере жена за Исак. Овој верен слуга го замолил Бог девојката со која Исак ќе требало да се ожени да дојде на изворот. Освен тоа, го замолил кога од неа ќе побара да се напие вода, таа да му даде не само нему туку и на камилите (1. Мојсеева 24:12-14). Кој дошол кај бунарот и направил токму така? Ревека! Можеш да си замислиш како се чувствувала ако го слушнала она што Елиезер му го раскажал на нејзиното семејство!
Ветуил и Лаван не останале рамнодушни. Тие рекле: „Ова доаѓа од Јехова“. Како што било обичај, дале збор дека ќе ја дадат Ревека за Исак (1. Мојсеева 24:50-54). Дали тоа значело дека Ревека немала право на свое мислење?
Неколку седмици претходно, Елиезер го прашал Авраам токму околу тоа. Тој му рекол: „Што ако таа жена не појде со мене?“ Авраам му одговорил: „Тогаш ќе бидеш слободен од мојата заклетва“ (1. Мојсеева 24:39, 41). И семејството на Ревека го почитувало нејзиното мислење. Убеден дека успешно си ја завршил задачата, Елиезер не можел да дочека да се врати дома. Затоа, штом се разденило го прашал семејството дали може веднаш да тргне со Ревека на пат за Ханаан. Но, нејзините сакале таа да остане со нив барем уште десет дена. За да се реши работата, рекле: „Да ја викнеме девојката, па да чуеме од нејзина уста што ќе рече таа“ (1. Мојсеева 24:57).
Ревека стоела пред тежок избор. Што ќе направи? Дали ќе ги искористи чувствата на нејзиниот татко и брат за да се поштеди од неизвесноста што ја очекувала? Или ќе гледа на ситуацијата како на чест да биде дел од Божјата намера? Со својот одговор, Ревека јасно покажала што мисли за ненадејната, а веројатно и не толку лесна животна промена. Таа рекла: „Сакам“ (1. Мојсеева 24:58).
Каков спремен дух имала оваа млада девојка! Денеска, начинот на кој се склопува брак може многу да се разликува од времето на Ревека. Како и да е, можеме многу да научиме од нејзиниот пример. За неа било најважно што сака Јехова, а не што сака таа. Библијата дава многу убави совети што важат и за бракот денес, на пример во врска со тоа каков брачен другар да избереме или како да бидеме добри сопрузи и сопруги 2. Коринќаните 6:14, 15; Ефешаните 5:28-33). Како Ревека, и ние да бидеме решени да ги правиме работите онака како што сака Бог.
(„КОЈ Е ОНОЈ ЧОВЕК?“
Семејството на Ветуил ја благословило Ревека. Потоа таа, заедно со нејзината доилка, Девора, и со неколку слугинки, тргнала со Елиезер и со луѓето што го придружувале (1. Мојсеева 24:59-61; 35:8). Набрзо, Харан останал далеку зад нив. Патот бил прилично долг, околу 800 километри, и веројатно траел три седмици. Патувањето не било лесно за Ревека. Иако во нејзината средина многу се користеле камили, сигурно не била навикната толку долго да јава на нив. Од Библијата дознаваме дека нејзиното семејство имало овци, но никаде не е спомнато дека биле трговци кои имале каравани со камили (1. Мојсеева 29:10). Повеќето од оние што за првпат јавале на камила обично се жалат дека воопшто не им било удобно — дури и по само кратко време!
Како и да било, Ревека гледала напред, и несомнено го искористила долгиот пат за да дознае што повеќе за Исак и неговото семејство. Претстави си како покрај огнот навечер стариот Елиезер ѝ раскажува за ветувањето што Јехова му го дал на својот пријател Авраам. Бог рекол дека од семејната лоза на Авраам ќе потекнува оној преку кого ќе биде благословено целото човештво. Помисли како на Ревека ѝ затреперило срцето од страхопочит кога сфатила дека Божјето ветување требало да се исполни преку нејзиниот иден маж, Исак — што значело и преку неа! (1. Мојсеева 22:15-18).
Дошол и денот што го опишавме во почетокот на статијата. Додека караванот минувал низ подрачјето на Негев и сонцето полека се скривало зад ридовите, Ревека видела како еден човек оди низ полето. Изгледал многу замислено. Библијата кажува дека Ревека брзо слегла од камилата, можеби и не чекајќи животното најпрво да се спушти. Тогаш го прашала Елиезер: „Кој е оној човек што ни доаѓа во пресрет преку полето?“ Кога слушнала дека тоа бил Исак, си ја покрила главата со превезот (1. Мојсеева 24:62-65). Зошто? Со тоа покажала почит кон својот иден сопруг. Ваквата подложност за некои изгледа старомодна. Но, вистината е дека понизноста на Ревека е пример за сите нас денес — и за мажите и за жените. Колку повеќе ја покажуваме оваа особина толку подобро ќе биде за нас.
Исак, кој имал околу 40 години, сѐ уште тагувал по својата мајка, Сара, која починала околу три години претходно. Тоа ни покажува дека Исак бил добар и чувствителен човек. Каков благослов било за еден таков човек да добие толку вредна, гостопримлива и понизна жена! Што мислел Исак за Ревека? Библијата едноставно вели: „Исак ја засака“ (1. Мојсеева 24:67; 26:8).
Дури и денес, околу 39 векови подоцна, Ревека остава силен впечаток со својата прекрасна личност. Не можеме а да не се восхитуваме на тоа колку била храбра, вредна, гостопримлива и понизна. Сите ние — и постари и помлади, и мажи и жени, било да сме во брак или не — вреди да се угледаме на нејзината вера!
^ пас. 10 Веќе почнувало да се стемнува. Од библискиот извештај не се добива впечаток дека Ревека останала со часови кај бунарот. Никаде не е спомнато дека нејзините домашни веќе спиеле кога се вратила, ниту дека некој отишол да види зошто се задржала толку долго.
^ пас. 15 Името Елиезер не е спомнато во овој извештај, но голема е веројатноста дека станува збор за овој слуга. Во една прилика, Авраам кажал дека, ако остане без наследник, целиот свој имот ќе му го остави на Елиезер, што покажува дека тој му бил најстариот слуга во кого имал најголема доверба. Како таков човек е прикажан и слугата од овој извештај (1. Мојсеева 15:2; 24:2-4).