Кој може да ја предвиди иднината?
Дали некогаш си размислувал за твојата иднина и за иднината на твоето семејство? Дали ќе имаш многу пари или ќе бидеш без скршен денар? Ќе бидеш ли опкружен со луѓе што те сакаат или ќе бидеш осамен? Ќе имаш ли долг живот? Луѓето отсекогаш сакале да ја дознаат својата иднина.
Денес експертите ги следат светските настани, и на темел на нив даваат претпоставки за тоа што ќе ни донесе иднината. Иако многу нивни претпоставки се исполниле, за многу работи не биле во право, а за некои работи, пак, исходот бил сосема спротивен. На пример, во 1912 год. Гуљелмо Маркони, кој направил безжичен телеграф, рекол: „Со доаѓањето на безжичната ера војните ќе станат минато“. Додека, пак, музичката продукциска куќа Decca Record Company во 1962 год. одбила да соработува со Битлси бидејќи сметала дека за кратко време бендовите кај кои доминира гитарата ќе излезат од мода.
Многумина одговорот на нивните прашања за иднината го бараат во натприродното. На пример, некои бараат совети од астролозите; во многу списанија и весници редовно излегуваат хороскопи. Други, пак, одат кај гатачи и видовити луѓе кои тврдат дека можат да ја „прочитаат“ иднината преку тарот карти, преку нумерологија или преку дланките на луѓето.
И во древното минато, со цел да ја дознаат иднината, некои барале помош од оракули — свештеници кои тврделе дека добиваат информации од богот кого го застапуваат. На пример, се вели дека царот на Лидија, Крез, му испратил скапоцени подароци на еден таков свештеник од Делфи, Грција, за да дознае каков ќе биде исходот ако тргне во борба против цар Кир од Персија. Свештеникот рекол дека Крез ќе уништи „едно големо царство“ ако тргне против Кир. Уверен дека ќе победи, цар Крез тргнал во напад. Но, царството што го уништил било токму неговото!
Предвидувањето што го добил од овој свештеник било безвредно; можело да се протолкува како вистинито без разлика кој ќе победел во војната. Цар Крез скапо платил затоа што поверувал во ова. Дали оние што сакаат да ја дознаат иднината преку методите на предвидување кои се популарни денес си поминуваат нешто подобро?