Дали астролозите и гатачите точно ја предвидуваат иднината?
АСТРОЛОГИЈА
Астрологијата е еден вид претскажување на иднината, и се темели на верувањето дека ѕвездите, Месечината и планетите имаат големо влијание врз луѓето. Астролозите тврдат дека местоположбата на овие небесни тела во моментот кога некој ќе се роди ги одредува неговиот карактер и иднина.
Иако влече корени уште од древниот Вавилон, астрологијата сѐ уште е многу популарна. Според едно истражување извршено во 2012 год. во САД, една третина од испитаниците сметале дека во астрологијата „има нешто научно“, а 10 отсто рекле дека „е наука“. Но, дали е така? Не. Еве зошто.
-
Планетите и ѕвездите немаат моќ да влијаат на луѓето на начин како што велат астролозите.
-
Честопати предвидувањата се толку општи што можат да се однесуваат на секого.
-
Денес астролошките пресметки се прават на темел на едно древно верување дека планетите се вртат околу Земјата. Но, всушност, планетите се вртат околу Сонцето.
-
За една иста личност различни астролози даваат различни предвидувања.
-
Астролозите ги групираат луѓето во 12 категории, или хороскопски знаци, во зависност од датумот на раѓање. Бидејќи наклонот на земјината оска низ вековите се менува, датумите поврзани со хороскопските знаци повеќе не се поклопуваат со периодот кога Сонцето минува низ соѕвездијата по кои се наречени.
Се вели дека хороскопските знаци откриваат некои карактерни црти за личноста. Но факт е дека луѓето кои се родени во ист ден немаат исти особини; нечиј датум на раѓање не открива ништо за тоа каква личност е. Астролозите го одредуваат карактерот и однесувањето на поединецот на темел на претпоставки, а не на темел на тоа каков е навистина. Зарем ова не е предрасуда?
ГАТАЊЕ
Уште од древни времиња, луѓето оделе кај гатачи. За да им ја откријат иднината, некои гатачи користеле внатрешни органи од животни и луѓе или барале знаци во тоа по кој редослед петелот ги колве зрната. Други гледале на кафе или на ливчиња од чај кои останувале на дното од чашата. Денес гатачите користат тарот карти, кристални топки, коцки и некои други работи за да ја „прочитаат“ иднината на некоја личност. Дали преку гатањето навистина може да се дознае иднината? Не. Да разгледаме некои работи во врска со тоа.
Размисли за доследноста на предвидувањата. Честопати, предвидувањата од различни методи на гатање за една иста работа не се совпаѓаат. Дури и кога гатачите користат ист метод, нивните предвидувања се разликуваат. На пример, ако некој им го постави истото прашање за својата иднина на двајца различни гатачи, а тие му дадат одговор на темел на истите карти, логично би било одговорите да бидат исти. Но, честопати не се.
Некои луѓе ги ставаат под знак прашалник методите и мотивите на гатачите. Критичарите велат дека картите и кристалните топки се само обични предмети. Гатачите доаѓаат до заклучоци не на темел на предметите што ги користат, туку на темел на реакцијата на поединецот. На пример, еден вешт гатач ќе почне да поставува општи прашања, а потоа внимателно ќе слуша што кажува поединецот и ќе гледа какви гестови и изрази на лицето прави за да открие нешто за него. Потоа, гатачот ќе си ја припише заслугата за работите што ги погодил, а кои, всушност, клиентот несвесно веќе му ги открил. Откако ја стекнале довербата на клиентите, некои гатачи успеале да извлечат огромни суми на пари од нив.
ШТО НИ ОТКРИВА БИБЛИЈАТА
Астрологијата и гатањето укажуваат на тоа дека нашата иднина е предодредена. Но дали навистина е така? Библијата ни кажува дека ние самите можеме да избереме во што ќе веруваме и што ќе правиме во животот, и дека нашите одлуки влијаат врз нашата иднина (Исус Навин 24:15).
Оние што сакаат да му угодат на Бог имаат силни причини да ги отфрлат астрологијата и гатањето бидејќи Бог ги осудува сите форми на претскажување на иднината. Во Библијата го пишува следново: „Кај тебе нека не се најде... ни некој што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите. Зашто, секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова“ * (5. Мојсеева 18:10-12).
^ Името на Бог, кој е „Севишен над целата земја“ (Псалм 83:18).