Што велат некои за молитвата
„Кога се молам имам чувство како Бог да е до мене, како да ме држи за рака и ме води во ситуации кога се чувствувам изгубено“ (МАРИЈА).
„Мојата сопруга почина откако 13 години се бореше со рак. Се сеќавам дека му се молев на Бог секој ден и чувствував дека ме слуша кога му ги кажувам моите маки. Тоа ми носеше голем мир“ (РАУЛ).
„Молитвата е прекрасен дар што Бог им го дал на луѓето“ (АРНЕ).
Марија, Раул, Арне и многу други на молитвата гледаат како на скапоцен дар. Тие сметаат дека молитвата им овозможува да зборуваат со Бог, да му ја покажат својата благодарност и да побараат помош од него. Тие искрено веруваат во она што Библијата го кажува во врска со молитвата: „А во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14).
Од друга страна, на многумина им е тешко да веруваат во она што го кажува Библијата за молитвата. Стив раскажува што мислел порано во врска со молитвата: „Кога имав 17 години, еден мој пријател го загуби животот во
сообраќајна несреќа, а две мои пријателки се удавија во морето“. Што направил Стив? „Го молев Бог да сфатам зошто се случи тоа, но не добив одговор. Затоа си реков: ’Зошто воопшто да се молам‘“. Многумина сметаат дека не добиле одговор на своите молитви и затоа се прашуваат дали воопшто вреди да се молат.Има и други причини зошто некои сметаат дека нема потреба да се молат. Некои велат дека, штом Бог знае сѐ, свесен е за нашите потреби и проблемите со кои се соочуваме. Затоа нема потреба да му кажуваме за тоа.
Други, пак, сметаат дека Бог не сака да ги чуе нивните молитви поради грешките што ги направиле во минатото. Џени вели: „Најголема пречка да се молам ми е тоа што се чувствувам безвредно. Имам направено работи за кои се каам. Затоа си велам себеси дека не заслужувам Бог да ги чуе моите молитви“.
Што мислиш ти за молитвата? Ако и тебе некогаш те мачеле слични мисли и сомнежи, можеби ќе ти биде полесно ако дознаеш што вели Библијата. Таа содржи точни и веродостојни информации во врска со молитвата, * и во неа можеш да ги најдеш одговорите на следниве прашања:
-
Дали Бог навистина ги слуша молитвите?
-
Зошто не одговара на некои молитви?
-
Како треба да се молиме за Бог да нѐ чуе?
-
Како молитвата ќе ти помогне?
^ пас. 9 Во Библијата се запишани молитвите на многу Божји слуги, меѓу кои и молитвите на Исус Христос. Во Хебрејските списи, познати како Стар завет, запишани се преку 150 молитви.