ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СВЕТОТ ОДИ ВО ПРОПАСТ?
Дали светот навистина оди во пропаст?
УШТЕ на самиот почеток на 2017 год., научниците излегоа со една лоша вест. Во јануари, една група научници објавија дека светот е чекор поблизу до најголемата катастрофа во историјата на човештвото. За да покажат колку сме близу до крајот на светот, тие ја поместија стрелката на симболичниот часовник на судниот ден за 30 секунди нанапред. Сега овој часовник покажува само две и пол минути до полноќ, што е најблизу до глобална катастрофа во последните 60-ина години!
Во 2018 год. научниците планираат повторно да ја разгледаат состојбата за да утврдат колку сме близу до крајот на светот. Дали часовникот на судниот ден повторно ќе укаже на неизбежна катастрофа од невидени размери? Што мислиш ти? Дали светот навистина оди во пропаст? Не е лесно да се даде одговор на ова прашање. Дури и експертите имаат поделени мислења на ова поле. Некои воопшто не веруваат дека ќе дојде до катастрофа која ќе стави крај на сѐ.
Всушност, милиони луѓе имаат надеж за подобра иднина. Тие се уверени дека има докази кои покажуваат дека човештвото и нашата планета ќе постојат засекогаш и дека квалитетот на животот ќе се подобри. Можеме ли да им веруваме на тие докази? Дали светот може да се спаси?