ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА
Алхазен
ДАЛИ некогаш си слушнал за Абу Али ел Хасан ибн ел Хајтам? Во Европа и во Америка тој е познат како Алхазен, латинска форма на неговото арапско име, Ел Хасан. Најверојатно и ти имаш корист од неговиот труд. Тој е опишан како „еден од најважните и највлијателните личности во историјата на науката“.
Алхазен е роден околу 965 год. од н.е. во Басра, денешен Ирак. Меѓу другото, се интересирал за астрономија, хемија, математика, медицина, музика, оптика, физика и поезија. За кои работи му ја должиме нашата благодарност?
БРАНА НА РЕКАТА НИЛ
Долго време се раскажува една приказна за Алхазен. Таа е поврзана со неговата идеја за регулирање на нивото на водата во реката Нил, и тоа скоро 1.000 години пред таа идеја да се спроведе кај градот Асуан во 1902 год.
Според приказната, Алхазен изнел прилично амбициозен план за намалување на поплавите и сушите во Египет преку изградба на брана на Нил. Кога владетелот на Каиро, калифот Ел Хаким, слушнал за таа идеја, го повикал Алхазен во Египет за да ја изгради браната. Но, кога Алхазен видел колкава, всушност, е таа река, сфатил дека нема да може да го реализира проектот. Плашејќи се дека овој крајно непредвидлив владетел ќе го казни, Алхазен се преправал дека е луд сѐ до смртта на калифот околу 11 години подоцна, во 1021 год. Во тој период имал доволно слободно време да се посвети на некои други интереси бидејќи бил во домашен притвор поради неговата наводна психичка болест.
КНИГА ЗА ОПТИКАТА
Додека бил во притвор, Алхазен го напишал поголемиот дел од својата Книга за оптиката, која е во седум тома и се смета за „една од најзначајните книги во историјата на физиката“. Во неа тој зборувал за експериментите поврзани со својствата на светлината, вклучувајќи како таа се разложува на боите од спектарот, како се рефлектира од огледала и како се прекршува кога преминува
од една средина во друга. Тој го проучувал и видот, како и анатомијата и начинот на кој функционира окото.До 13 век, делото на Алхазен било преведено од арапски на латински, а неколку векови подоцна, европските изучувачи се осврнувале на него како на авторитет. Записите на Алхазен за својствата на леќите биле темел за изработувачите на оптички стакла кои, поставувајќи различни леќи една над друга, ги измислиле телескопот и микроскопот.
КАМЕРА ОБСКУРА
Алхазен направил нешто што се смета за првата камера обскура, односно „мрачна комора“, со што ги утврдил принципите на фотографијата. Таа се состоела од темна просторија во која влегувала светлина низ многу мал отвор, при што на внатрешниот ѕид на просторијата се проектирала превртена слика од она што е надвор.
Во 19 век, на „мрачната комора“ ѝ биле додадени фотографски плочи со цел да се направат трајни слики. Што произлегло од тоа? Фотоапарат! Сите денешни фотоапарати, па дури и самото око, функционираат на истиот принцип како камера обскура. *
НАУЧЕН ПРИСТАП
Едно извонредно обележје на делото на Алхазен е деталното и систематско истражување на природните појави. Неговиот пристап бил крајно невообичаен за времето во кое живеел. Тој бил еден од првите истражувачи кои ја испитувале точноста на разни теории преку експерименти, и не се плашел да ги доведе во прашање општо прифатените теории доколку не биле поткрепени со докази.
Еден од принципите на современата наука може да се преточи во зборовите: „Докажи го тоа што го веруваш!“ Некои сметаат дека Алхазен е „таткото на современиот научен пристап“. Мора да признаеме дека на Алхазен навистина му должиме многу.
^ пас. 13 Сличноста помеѓу камера обскура и окото не била добро позната во Европа и Америка сѐ до 17 век, кога била објаснета од страна на Јохан Кеплер.