ЗА РОДИТЕЛИ
5. Комуникација
ШТО ЗНАЧИ ТОА
Вистинската комуникација меѓу родителите и децата вклучува слободна размена на мисли и чувства.
ЗОШТО Е ВАЖНО
Во комуникацијата меѓу родителите и децата може да се појават пречки, особено кога децата се во тинејџерски години. Можеби до неодамна, децата се чувствуваа блиски со тебе и ти кажуваа сѐ што се случува во нивниот живот. Но, сега повеќе не сакаат да зборуваат со тебе за своите мисли и чувства. Иако можеби не изгледа така, но токму во овој период, децата имаат огромна потреба да комуницираат со своите родители!
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Биди спремен да разговараш со детето во секое време. Тоа значи дека понекогаш ќе треба да разговараш со него дури и до доцна во ноќта.
„Можеби ќе си помислиш: ’Сега ти текна да зборуваме! Цел ден бевме заедно.‘ Ама како можеш да се жалиш кога твоето дете сака да ти се отвори? Зарем тоа не е желба на секој родител?“ (Лиса).
„Иако сакам да си легнувам порано, некои од најдобрите разговори што сум ги имал со моите деца, кои се на тинејџерска возраст, беа после полноќ“ (Херберт).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот (1. Коринќаните 10:24).
Не дозволувај ништо да ти го одвлекува вниманието. Еден татко вели: „Понекогаш се фаќам како размислувам за други работи додека моите деца ми зборуваат. Што е уште полошо, и тие го забележуваат тоа!“
Ако ова ти звучи познато, исклучи го телевизорот и другите електронски уреди. Сконцентрирај се на она што ти го кажува детето и сметај го тоа за важно колку и да ти изгледа безначајно.
„Децата треба да бидат уверени дека ни е важно како се чувствуваат. Ако не се уверени во тоа, ќе се затворат во себе или ќе се обратат за помош на друго место“ (Маранда).
„Немој да реагираш бурно дури и кога детето размислува на сосема погрешен начин“ (Ентони).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Внимавајте како слушате (Лука 8:18).
Користи разни прилики за разговор. Понекогаш на децата им е полесно да се отворат кога родителите разговараат со нив додека ги извршуваат секојдневните обврски отколку кога ќе седнат да разговараат лице во лице.
„Користам прилика да разговарам со детето додека се возиме во кола. Тоа што седиме еден покрај друг, а не еден спроти друг, ни помага да водиме добри разговори“ (Никол).
Заедничките оброци исто така се добра прилика за родителите да разговараат со децата.
„За време на вечерата, секој од нас раскажува која е најлошата и која е најдобрата работа што му се случила тој ден. Тоа нѐ обединува и ни помага да сфатиме дека не мора сами да се бориме со проблемите“ (Робин).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување (Јаков 1:19).