ЗА МЛАДИ
10. Биди достоен за доверба
ШТО ЗНАЧИ ТОА
Луѓето кои се достојни за доверба се држат за правилата, си ги исполнуваат ветувањата и секогаш ја кажуваат вистината. Тие ја стекнуваат довербата на своите родители, пријатели и работодавци.
ЗОШТО Е ВАЖНО
Најчесто, колку слобода ќе добиеш од родителите зависи од тоа колкава доверба стекнале тие во тебе низ годините.
„Најдобриот начин да ја стекнеш довербата на родителите е да покажеш дека си зрел и одговорен и тоа не само кога си со нив туку и кога си сам“ (Сараи).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Живејте примерно (1. Петрово 2:12).
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Без оглед на тоа дали сакаш другите да имаат поголема доверба во тебе или повторно да стекнат доверба, следниве чекори можат да ти помогнат во тоа.
Биди искрен. Лагите се најбрзиот начин за некој да ја изгуби довербата во тебе. И обратно, кога си отворен и искрен — особено кога не ги криеш своите грешки — можеш да ја стекнеш довербата на другите.
„Лесно е да бидеш искрен кога сѐ ти оди добро. Но, кога си искрен за работи кои те прикажуваат во лошо светло, тоа придонесува луѓето да имаат уште поголема доверба во тебе“ (Кејман).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Сакаме во сѐ да постапуваме чесно (Евреите 13:18).
Биди одговорен. Во една анкета спроведена во САД, 78 отсто од експертите за човечки ресурси кажале дека една од трите најважни работи кои се потребни за некој да се вработи е да биде одговорен. Тоа што сега ќе научиш да бидеш одговорен ќе ти користи како возрасен.
„Моите родители забележуваат кога сум одговорна и си ги извршувам обврските без да мораат постојано да ме потсетуваат. Колку поодговорна сум, толку повеќе имаат доверба во мене“ (Сара).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Уверен сум дека ќе го исполниш моето барање и дека ќе сториш повеќе од ова што те молам (Филимон 21).
Биди стрплив. За разлика од физичкиот раст кој другите можат веднаш да го забележат, честопати е потребно време за другите да видат дека некој созреал во емоционален и психички поглед.
„Не можеш преку ноќ да ја стекнеш довербата на твоите родители и на другите луѓе. Но, можеш да ја стекнеш со текот на времето доколку одново и одново покажуваш дека си одговорен“ (Брендон).
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: Бидете долготрпеливи (1. Солуњаните 5:14).