СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Техниката на слетување на пчелата
ПЧЕЛИТЕ можат безбедно да слетаат под речиси секој агол. Како успеваат во тоа?
Размисли: За да може една пчела безбедно да слета, пред да ја допре површината, мора да ја намали брзината на слетување речиси до нула. Такво нешто би можела да направи ако процени две работи — со колкава брзина лета и колку е оддалечено местото на кое сака да слета — и потоа соодветно да ја намалува брзината. Меѓутоа, очите на повеќето инсекти се поставени преблиску едно до друго и не можат да го менуваат фокусот, па затоа не можат директно да одредат растојание.
За разлика од луѓето, кои имаат бинокуларен вид, пчелите гледаат многу поинаку. Се чини дека тие сфаќаат дека еден предмет изгледа сѐ поголем како што се приближуваат кон него. А колку поблизу доаѓаат до предметот толку побрзо тој им се зголемува. Експериментите спроведени при Австралискиот национален универзитет покажуваат дека пчелата ја намалува брзината на летање во склад со зголемувањето на предметот, со цел тоа зголемување да ѝ се одвива рамномерно. Така, до моментот кога пчелата стигнува до целта, брзината на летање ѝ е намалена речиси до нула, и таа може безбедно да слета.
Во едно научно списание пишува: „Оваа техника на слетување, која е едноставна и има широка примена... е идеална за имплементација во системите за навигација кај летачките роботи“ (Proceedings of the National Academy of Sciences).
Што мислиш? Дали пчелата и нејзината техника на слетување настанале по пат на еволуција или се дело на мудар Творец?