ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ШТО СЕ КРИЕ ЗАД НАТПРИРОДНОТО?
Што ни открива Библијата за спиритизмот?
МНОГУ луѓе не веруваат во натприродни појави и спиритизам. Сметаат дека тоа се чисти измислици или плод на фантазијата на филмските сценаристи. Но, Библијата кажува нешто сосема друго. Таа отворено нѐ предупредува да немаме ништо со спиритизмот. На пример, во 5. Мојсеева 18:10-13 пишува: „Кај тебе нека не се најде... ни некој што гата, ни некој што се занимава со магија, ни некој што пророкува според предзнаци, ни маѓепсник, ни некој што фрла уроци, ни некој што повикува духови, ни некој што ја претскажува иднината, ни некој што ги прашува мртвите“. Зошто? Понатаму стои: „Секој што прави такво нешто му е одвратен на Јехова... Биди непорочен пред Јехова, својот Бог“.
Зошто Библијата толку остро ги осудува сите облици на спиритизам?
КОЈ СТОИ ЗАД СПИРИТИЗМОТ
Библијата ни кажува дека долго пред да ја создаде Земјата, Бог создал милиони духовни суштества, односно ангели (Јов 38:4, 7; Откровение 5:11). Секој од тие ангели имал слободна волја — способност да избира меѓу доброто и лошото. Некои ангели избрале да се побунат против Бог и го напуштиле своето место на небото за да прават проблеми на Земјата. Како резултат на тоа, Земјата се наполнила со насилство (1. Мојсеева 6:2-5, 11; Јуда 6).
Библијата вели дека тие злобни ангели имаат многу големо влијание, и успеале да заведат милиони луѓе (Откровение 12:9). Тие се свесни дека луѓето обично сакаат да знаат што ќе им донесе иднината и ја злоупотребуваат оваа природна човечка желба (1. Самоилова 28:5, 7; 1. Тимотеј 4:1).
Понекогаш изгледа дека натприродните сили им помагаат на луѓето (2. Коринќаните 11:14). Сепак, целта на злобните ангели е да ги заслепат луѓето за да не ја сфатат вистината за Бог (2. Коринќаните 4:4).
Значи, Библијата јасно кажува дека контактот со злите духовни сили не е нешто безопасно. Од таа причина, во врска со некои луѓе кои ја дознале вистината за овие сили и сакале да станат ученици на Исус, Библијата вели: „Мнозина од оние што се занимаваа со магија ги собраа своите книги и ги изгореа пред сите“, иако поради тоа претрпеле голема финансиска загуба (Дела 19:19).
Слично на тоа, и многумина денес решиле да расчистат со сѐ што е поврзано со спиритизам, вклучувајќи ја и забавата. На пример, кога Марија * имала 12 години, изгледало дека може да предвиди идни настани или опасности. Таа им гледала на школските другари на тарот карти, и бидејќи нејзините предвидувања се исполнувале, многу го засакала спиритизмот.
Марија мислела дека има дарба од Бог да им помага на луѓето. „Но, нешто ме мачеше“, вели таа. „Можев да им гледам на тарот карти на другите, но не можев да си ја предвидам мојата иднина. А толку сакав да знам што ќе ми се случи во животот.“
Збунета од многуте неодговорени прашања, Марија му се молела на Бог. Подоцна стапила во контакт со Јеховините сведоци и почнала да ја проучува Библијата со нив. Од Библијата Марија дознала дека нејзината способност да ја предвидува иднината не доаѓа од Бог. Исто така, дознала дека сите што сакаат да бидат пријатели со Бог мора да се ослободат од сѐ што е поврзано со спиритизам (1. Коринќаните 10:21). Што направила Марија? Таа ги фрлила сите спиритистички предмети и книги. Сега Марија ги споделува со другите луѓе библиските вистини што ги научила.
Кога Мајкл бил тинејџер, многу сакал да чита романи за ликови со натприродни способности. „Си замислував дека сум како суперхероите на моја возраст кои доживуваа авантури во измислени светови“, вели тој. Малку по малку, на Мајкл му станало најнормално да чита книги поврзани со магија и сатански ритуали. Тој вели: „Такви книги и филмови читав и гледав од чиста љубопитност“.
Но, додека ја проучувал Библијата, Мајкл сфатил колку е важно да внимава што чита. „На еден лист напишав кои од работите што ги имам се поврзани со спиритизам и ги фрлив сите до една“, вели тој. „Научив една важна лекција. Во Библијата, во 1. Коринќаните 10:31, пишува: ‚Правете сѐ за Божја слава‘. Затоа, кога сакам да читам некоја книга, се прашувам: ‚Дали содржи нешто што Бог го мрази?‘ Ако да, не ја читам таа книга бидејќи не му носи слава на Бог.“
Библијата соодветно е споредена со светилка. Таа е единствената книга која ни помага да го видиме спиритизмот во вистинско светло (Псалм 119:105). Освен тоа, Библијата ни открива дека наскоро ќе живееме во свет во кој нема да постојат злите духовни сили. Тоа во голема мера ќе влијае врз човештвото. Во Псалм 37:10, 11 пишува: „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“.
^ пас. 10 Имињата во оваа статија се сменети.