СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | МЛАДИ
Ако ти починал родител
ПРЕДИЗВИК
Дами имала шест години кога татко ѝ починал од мозочна аневризма. Кога Дерик имал девет години, татко му починал од една срцева болест. А кога Џени имала седум години, мајка ѝ починала по тешка едногодишна борба со рак на јајниците. *
Овие тројца млади прерано се соочиле со смртта на близок член на семејството. Дали нешто слично ти се случило и тебе? Ако да, оваа статија може да ти помогне полесно да се носиш со загубата. * Но, најпрво да видиме неколку факти во врска со тагувањето.
ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ
Секој различно ја изразува тагата. Начинот на кој ти ја изразуваш тагата може многу да се разликува од начинот на кој другите го прават тоа. „Тагата не се надминува според некоја утврдена шема или конкретни правила“, пишува во една книга за тинејџери (Helping Teens Cope With Death). Сепак, многу е важно да не ја потиснуваш тагата во себе. Зошто? Бидејќи...
Потиснувањето на тагата може да ти наштети. Џени, која ја спомнавме во почетокот, вели: „Мислев дека не смеам да покажам слабост поради сестра ми, која беше помала од мене, па затоа ги потиснував чувствата во себе. До ден-денес сум склона да ја кријам емоционалната болка што ја чувствувам, иако знам дека тоа не е здраво“.
И многу експерти го мислат истото. „Можеш да ги потиснуваш чувствата, но тоа нема да трае предолго“, пишува во една друга книга за тинејџери. „Кога најмалку очекуваш, тие ќе излезат на површина и ќе му наштетат на твоето емоционално или физичко здравје“ (The Grieving Teen). Освен тоа, многу млади кои ја потиснуваат тагата посегнуваат по алкохол или дрога за да ја ублажат болката.
Додека тагуваш, може да имаш измешани чувства. На пример, некои чувствуваат гнев кон оној што починал бидејќи ги „напуштил“. Други го обвинуваат Бог затоа што сметаат дека требало да ја спречи смртта на нивниот близок. Освен тоа, многумина чувствуваат вина поради нешто што му направиле или рекле на оној што починал бидејќи веќе не можат да му се извинат.
Јасно е дека тагувањето не е нешто едноставно. Како можеш да си ја олесниш болката и да продолжиш со животот?
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Зборувај со некого. Во еден таков тежок период, можеби најлесно ќе ти биде да се изолираш од сите. Но, ако ги споделиш своите чувства со некој член на семејството или со некој пријател, полесно ќе можеш да се носиш со чувствата и ќе спречиш тој немил настан да те сруши. (Библиско начело: Изреки 18:24.)
Води си дневник. Пишувај за твојот родител кој починал. На пример, кој ти е најубавиот спомен со него? Би можел да напишеш нешто за неговите убави особини. Кои од тие особини би сакал ти да ги покажуваш во животот?
Доколку си преплавен со негативни мисли — на пример не можеш да престанеш да мислиш на некој лош збор што си му го рекол на твојот родител пред да почине — напиши што чувствуваш и зошто. На пример: „Чувствувам вина бидејќи се скарав со татко ми дента пред да умре“.
Потоа, размисли дали е разумно да чувствуваш вина. „Не е во ред да се обвинуваш што не си знаел дека ќе немаш прилика да се извиниш“, стои во книгата The Grieving Teen. „Не е реално да очекуваш од себе дека никогаш нема да кажеш или направиш нешто за кое подоцна ќе треба да се извиниш.“ (Библиско начело: Јов 10:1.)
Грижи се за себе. Одмарај се доволно, вежбај редовно и храни се здраво. Ако немаш апетит, каснувај по нешто здраво во мали количини во текот на целиот ден — барем додека не ти се врати апетитот. Немој да ја лекуваш тагата со нездрава храна или алкохол, тоа само ќе ги влоши работите.
Моли му се на Бог. Библијата вели: „Фрли го [својот товар] на Јехова, и тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Целта на молитвата не е само да се ослободиш од негативните емоции. Молитвата е вистинска комуникација со Бог, кој „нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4).
Еден начин на кој Бог ги теши оние што тагуваат е преку неговата Реч, Библијата. Дали би сакал да дознаеш што вели таа за состојбата на мртвите и за тоа дали и кога ќе воскреснат? * (Библиско начело: Псалм 94:19.)
^ пас. 4 Нешто повеќе за она што го доживеале Дами, Дерик и Џени можеш да прочиташ во следната статија од ова списание.
^ пас. 5 Иако во оваа статија главно се зборува за смрт на родител, начелата изнесени во неа важат и за смрт на брат, сестра или пријател.
^ пас. 19 Види го 16. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1. Книгата може бесплатно да ја преземеш од www.isa4310.com/mk, под делот ИЗДАНИЈА.