Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Една разумна жена ќе ја послуша својата совест

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Абортус

Абортус

Секоја година се абортираат околу 50 милиони бебиња, што е повеќе од бројот на жители на многу земји.

Право на избор или морална дилема?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ

 

Жените кои се решаваат на абортус го прават тоа од економски причини, поради проблеми со партнерот, затоа што не сакаат да бидат самохрани мајки или имаат желба за повисоко образование или кариера. Други велат дека овој чин е погрешен бидејќи со тоа жената би покажала непочитување кон својата улога како мајка.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Во Божји очи животот е свет — посебно животот на луѓето (1. Мојсеева 9:6; Псалм 36:9). Ова важи и за бебето кое расте во мајчината утроба, која Бог ја создал за да го заштити додека се оформува. Еден библиски писател рекол: „Ме засолнуваше во утробата на мајка ми... Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани — и деновите кога настануваа“ (Псалм 139:13, 16).

Освен тоа, како Бог гледа на животот на едно неродено дете дознаваме од законот што им го дал на Израелците и од нашата совест. Според овој закон, ако некој удрел бремена жена и детето во неа умрело, заслужувал смртна казна. Така, со својот живот плаќал за животот на детето (2. Мојсеева 21:22, 23). Се разбира, судиите требало да ги земат предвид мотивите и околностите (4. Мојсеева 35:22-24, 31).

Бог нѐ обдарил и со совест. Ако една жена ја слуша својата совест, ќе го почитува правото на живот на своето дете и ќе има внатрешен мир. * Но, ако не ја послуша, совеста може да ја пече, па дури и да ја осуди (Римјаните 2:14, 15). Всушност, истражувањата покажуваат дека жените кои направиле абортус се посклони кон анксиозност и депресија.

Што ако дошло до несакана бременост и си мислиш дека родителството е претешка одговорност за тебе? Бог дал охрабрувачко ветување за сите што верно се држат за неговите начела: „Со лојалниот постапуваш лојално, со непорочниот — непорочно“ (Псалм 18:25). Исто така, во Псалм 37:28 пишува: „Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални“.

„За тоа сведочи и нивната совест, па во своите мисли се обвинети или, пак, се оправдани“ (Римјаните 2:15)

Што ако си направила абортус?

ШТО ВЕЛАТ НЕКОИ

 

Рут, една самохрана мајка, вели: „Веќе имав три деца и немав сила за уште едно. Но, откако абортирав, имав чувство дека направив страшна грешка“. * Дали Рут направила грев што Бог не може да ѝ го прости?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

 

Исус Христос, кој совршено го одразувал Божјиот начин на размислување, рекол: „Не дојдов да ги повикам на покајание праведниците, туку грешниците“ (Лука 5:32). Кога искрено се каеме за грешките што сме ги направиле и го молиме Бог за прошка, тој е спремен да ни прости дури и тежок грев (Исаија 1:18). Во Псалм 51:17 читаме: „Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“.

Ако понизно го молиме, Бог ќе ни даде чиста совест и мир. Во Филипјаните 4:6, 7 пишува: „Со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“. * Кога почнала да ја проучува Библијата и од срце да му се моли на Бог, Рут нашла таков мир. Таа се уверила дека Бог вистински простува (Псалм 130:4).

Бог „не постапува со нас според нашите гревови и не ни го враќа она што го заслужуваме за нашите престапи“ (Псалм 103:10)

^ пас. 10 Можните здравствени ризици за мајката или детето не оправдуваат абортус. Мајката и таткото одлучуваат ако мора да се избере меѓу нејзиниот живот и животот на детето. Меѓутоа, во развиените земји многу ретко доаѓа до вакви ситуации.

^ пас. 15 Името е сменето.

^ пас. 18 Внатрешен мир може да ни даде и ветувањето за воскресение. Види ја статијата „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 април 2009, во која се зборува за тоа дали ќе воскреснат неродените бебиња.