Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Каква е иднината на религиите?

Каква е иднината на религиите?

Џафар, кој е роден во Турција, бил поучуван дека Бог е одмаздољубив. Ова го измачувало Џафар. Неговата жена, Хидије, уште на девет години имала сомнежи во врска со својата религија. Таа вели: „Бев поучувана да верувам во судбина. Бидејќи бев сираче, се прашував, ‚Со што го заслужив ова?‘ Честопати плачев по цели ноќи. Кога имав 15 години, во срцето се откажав од мојата религија“.

ДАЛИ си се разочарал од религиите? Ако да, не си единствениот. Во многу земји, сѐ повеќе расте бројот на луѓе кои се изјаснуваат како ‚нерелигиозни‘. Ова покажува дека иднината на религиите е неизвесна. Да разгледаме само некои од причините зошто религиите остануваат без верници.

Зошто многу луѓе ги напуштаат религиите?

Луѓето се разочарани од религијата од различни причини. Некои се разочарани поради тоа што религиите поттикнуваат или одобруваат насилство и терор. Други, пак, поради тоа што некои свештени лица се вмешани во секс-скандали, а трети се разочарани од причини што не се толку очигледни. Некои од нив се:

  • Материјалната благосостојба: Во една публикација за религиите и атеизмот пишува: „Колку повеќе има некој во материјален поглед толку помалку верува во Бог“ (Global Index of Religion and Atheism). Ова е интересен податок затоа што во многу земји економскиот статус на луѓето драстично се подобрил. Во некои земји, луѓето имаат „толку висок животен стандард што дури и најбогатиот цар од пред двесте години би им позавидел“, вели Џон Ни кој е професор по економија.

    ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Во Библијата е проречено дека во „последните денови“ љубовта кон парите и задоволствата ќе ја потисне љубовта кон Бог и кон ближниот (2. Тимотеј 3:1-5). Бидејќи бил свесен дека богатството може да му го расипе пријателството со Бог, еден библиски писател му го рекол следново на Јехова Бог: „Не давај ми... богатство“. Зошто имал ваква желба? Тој продолжил: „За да не се заситам па да се откажам од тебе“ (Изреки 30:8, 9).

  • Традициите и моралот: За многумина, особено за младите, религијата е нешто застарено од кое немаат никаква корист. Други, пак, ја изгубиле својата доверба во религијата. Тим Мегвајар, кој е претставник за односи со јавноста на едно здружение на атеисти и агностици во Шкотска, вели: „Ако размислиме за начинот на кој црквите се однесувале низ вековите, ќе заклучиме дека луѓето ги напуштаат затоа што повеќе не гледаат на нив како на морален авторитет“.

    ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Во врска со лажните учители, Исус Христос рекол: „По нивните плодови ќе ги препознаете... секое добро дрво дава добар плод, а секое гнило дрво дава безвреден плод“ (Матеј 7:15-18). Религиите даваат „безвреден плод“ со тоа што се мешаат во политика и одобруваат работи што му се одвратни на Бог, како што е хомосексуалноста (Јован 15:19; Римјаните 1:25-27). Тие ги поучуваат луѓето за човечки преданија и празни традиции наместо за скапоцените учења од Божјата Реч (Матеј 15:3, 9). На еден свој апостол, Исус му рекол: „Храни ги моите овчички!“ (Јован 21:17). Со тоа истакнал колку е важно луѓето да бидат поучени за Бог. Но, денес многу верски водачи не ги следат неговите зборови. Затоа, голем број луѓе се гладни во духовен поглед.

  • Религиите и парите: Според Центарот за истражување Пју, многумина сметаат дека религијата става преголем акцент на парите. Освен тоа, некои верски достоинственици живеат на висока нога. На пример, во еден град во Германија каде што многу верници едвај врзуваат крај со крај, бискупот беше обвинет дека живее во луксуз. Многу католици во тој град се гневни поради ваквиот начин на живот на нивниот бискуп. Во едно списание пишуваше дека во Нигерија, „каде што 100 милиони луѓе живеат со помалку од едно евро на ден, раскошниот начин на живот на некои пастори почна да им боде очи“ (GEO).

    ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Библискиот писател Павле рекол: „[Ние] не сме како мнозина кои тргуваат со Божјата реч“ (2. Коринќаните 2:17). Иако Павле бил на одговорна положба во христијанското собрание, тој честопати напорно работел за да не им биде товар на другите (Дела 20:34). Со ваквиот став покажал дека е послушен на следнава заповед од Исус: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Матеј 10:7, 8).

Во склад со овие зборови, Јеховините сведоци не им наплаќаат на луѓето за публикациите што им ги даваат ниту за тоа што ги поучуваат за Библијата. Сведоците не собираат десеток ниту ги принудуваат другите да даваат прилози на нивните состаноци. Секој сам може да приложи колку што сака, без да знаат другите (Матеј 6:2, 3).

Масовното напуштање на религиите е претскажано!

До неодамна беше незамисливо некој да рече дека вакво нешто ќе се случува со религиите. Сепак, Бог во својата Реч, Библијата, многу години однапред го прорекол токму тоа. На сликовит начин, Бог ги споредил сите религии што му се неверни со една блудница која е наречена „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:1, 5).

Ваквата споредба е соодветна бидејќи лажната религија тврди дека му е верна на Бог, а во исто време соработува со владетелите на овој свет за да стекне моќ и богатство. Во Откровение 18:9 пишува: „Царевите на земјата... блудствуваа со неа“. И зборот „Вавилон“ е соодветен затоа што многу лажни учења и обичаи на религиите, како што се бесмртноста на душата, тројството и окултизмот, влечат корени од древниот Вавилон, град кој бил легло на лажната религија и суеверието * (Исаија 47:1, 8-11).

Моќниот Вавилон бил освоен кога водите од реката Еуфрат што го заштитувале ‚пресушиле‘. Со тоа им бил отворен патот на Медијците и Персијците да го освојат градот (Еремија 50:1, 2, 38). Всушност, Вавилон бил освоен за само една ноќ (Даниел 5:7, 28, 30).

И Големиот Вавилон „седи на многу води“. Според Библијата овие води ги претставуваат мноштвата луѓе кои ја поддржуваат лажната религија (Откровение 17:1, 15). Библијата прорекла дека овие симболични води ќе пресушат — нешто што го навестува неизбежното и брзо уништување на денешниот Вавилон (Откровение 16:12; 18:8). Кој ќе ја уништи оваа блудница? Нејзините политички сојузници. Љубовта што денес ја имаат кон неа ќе се претвори во омраза. Тие ќе ја опљачкаат и ќе го растргнат нејзиното симболично тело (Откровение 17:16, 17). *

Пресушените води на Вавилон го претставуваат масовното напуштање на Големиот Вавилон денес

„Излезете од неа!“

Поради уништувањето кое му претстои на Големиот Вавилон, Бог со љубов нѐ поттикнува: „Излезете од неа, народе мој, за да не учествувате и вие во нејзините гревови и за да не ве снајдат нејзините неволји!“ (Откровение 18:4). Бог им ги упатува овие зборови на луѓето кои се вознемирени од погрешните учења на религиите и кои сакаат да му угодат, како што беше случај и со Џафар и Хидије кои ги спомнавме на почетокот.

Пред да ја проучува Библијата, Џафар мислел дека луѓето треба да му служат на Бог само од страв. Тој вели: „Многу ми олесни кога дознав дека Јехова е Бог на љубовта и дека сака да му служиме првенствено од љубов“ (1. Јованово 4:8; 5:3). Хидије почувствувала внатрешен мир кога дознала дека Бог не е виновен што останала сираче и дека тоа не било судбина. Таа била утешена од библиските стихови како што е Јаков 1:13, каде што пишува дека Бог не ги искушува луѓето со зло. Хидије и Џафар ја прифатиле вистината од Библијата и излегле од Големиот Вавилон (Јован 17:17).

Кога Големиот Вавилон ќе биде уништен, оние што го напуштиле за да му „оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина“ нема да претрпат никаква штета (Јован 4:23). Тие имаат надеж да го дочекаат времето кога Земјата ќе биде „полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).

Лажната религија и нејзините лоши плодови ќе бидат уништени. Тоа ни го ветува Бог, „кој не може да лаже“ (Тит 1:2). Од друга страна, вистинската религија ќе постои засекогаш!

^ пас. 16 Нешто повеќе за Големиот Вавилон и за тоа што вели Библијата за состојбата на мртвите, за природата на Бог и за окултизмот можеш да дознаеш од книгата Што навистина учи Библијата? Достапна е и на www.isa4310.com/mk.

^ пас. 18 Види ја статијата „Што вели Библијата — крајот на светот“ која излезе во овој број на Разбудете се!