СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК
Научи да кажеш извини
ПРЕДИЗВИК
Ти и твојот сопружник имавте кавга. Можеби си велиш: ‚Нема потреба да се извинувам. Јас не ја започнав расправијата‘.
Иако се обидуваш да го тргнеш проблемот настрана, односите меѓу вас остануваат напнати. Размислуваш дали да се извиниш, но никако не можеш да се натераш да го изговориш тој едноставен збор: „Извини“.
ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА
Гордост. „Понекогаш ми е тешко да се извинам поради моето его“, вели еден сопруг по име Чарлс. * Ако си горд, ќе ти биде непријатно да признаеш дека и ти сносиш дел од вината.
Гледиште. Можеби сметаш дека треба да се извиниш само доколку ти си го предизвикал проблемот. Една сопруга по име Џил вели: „Кога знам дека само јас сум виновна, лесно ми е да кажам ‚извини‘. Ама многу ми е потешко да се извинам кога и двајцата сме кажале нешто со кое сме се повредиле. Зошто јас да се извинам кога и двајцата сме криви?“
Можеби ти е уште потешко да се извиниш кога знаеш дека твојот сопружник го предизвикал проблемот. Јосиф вели: „Доколку си уверен дека не си направил ништо погрешно, со тоа што нема да се извиниш, всушност, сакаш да покажеш дека не си виновен за проблемот што настанал“.
Воспитување. Можеби си пораснал во семејство во кое извинувањето не било нешто вообичаено. Затоа, можеби ти е тешко да си ги признаеш грешките. Бидејќи како дете не си стекнал навика да се извинуваш, тоа не го правиш ни како возрасен.
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Размислувај за твојот сопружник. Сети се како ти се чувствуваше кога некој друг ти се извини тебе. Зарем не сакаш и твојот сопружник да се чувствува така? Дури и ако си уверен дека не си направил ништо погрешно, би можел да се извиниш поради болката што ненамерно си му ја нанел на твојот сопружник. Така ќе можеш да му помогнеш да ги залечи своите рани. (Библиско начело: Лука 6:31.)
Размислувај за вашиот брак. Гледај на извинувањето како на победа за вашиот брак, а не како на личен пораз. Во Изреки 18:19 пишува дека оној што останува навреден е „потврд од утврден град“. Многу е тешко, па дури и невозможно, да се зачува мирот кога ниту еден од сопружниците не е спремен да попушти. Од друга страна, кога ќе се извиниш, не дозволуваш проблемот да го продлабочи јазот меѓу вас. Со тоа, го ставаш бракот пред себеси. (Библиско начело: Филипјаните 2:3.)
Извини се колку што е можно побрзо. Точно, можеби не ти е лесно да се извиниш ако не си само ти виновен за проблемот. Но, грешките на твојот сопружник не се изговор за ти да се однесуваш лошо. Затоа, не се двоуми да се извиниш и не мисли дека со текот на времето ќе заборавите на тоа што се случило. Ако ти се извиниш, ќе му биде полесно и на твојот сопружник да се извини. Колку почесто се извинуваш за своите грешки, толку полесно ќе ти биде да го правиш тоа. (Библиско начело: Матеј 5:25.)
Покажи дека навистина ти е жал. Ако бараш изговор за твоето однесување, ти, всушност, не се извинуваш. Освен тоа, воопшто не е извинување саркастично да речеш: ‚Жал ми е што ти си преосетлив‘. Преземи одговорност за своите постапки и покажи дека си свесен колку си го повредил својот сопружник, без оглед на тоа дали мислиш дека има право да биде лут или не.
Прифати ја реалноста. Помири се со фактот дека ќе правиш грешки. Секој жив човек греши. Дури и ако мислиш дека не си виновен за некој проблем, не заборавај дека секоја приказна има две страни. Во Библијата пишува: „Кој е прв во својата парница, праведен е, а потоа доаѓа неговиот ближен и со испитување ги побива неговите зборови“ (Изреки 18:17). Ќе ти биде полесно да се извиниш ако имаш реалистично гледиште за себе и за своите слабости и маани.
^ пас. 7 Некои имиња во оваа статија се сменети.