ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Толеранција
Прифаќањето, простувањето и толеранцијата придонесуваат за мирољубиви односи. Но, дали толеранцијата треба да има граници?
Што ќе ни помогне да станеме потолерантни?
КАКВА Е СОСТОЈБАТА ДЕНЕС:
Меѓу луѓето владее огромна нетрпеливост поради расните и етничките предрасуди, национализмот, племенските поделби и верскиот екстремизам.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во времето на Исус Христос исто така имало многу луѓе кои не биле толерантни. На пример, Евреите и Самарјаните се мразеле едни со други (Јован 4:9). Жените биле сметани за помалку вредни од мажите. Освен тоа, еврејските верски водачи го презирале обичниот народ (Јован 7:49). Но, Исус Христос имал многу поинаков став. Фарисеите за него рекле: „Овој прима грешници и јаде со нив“ (Лука 15:2). Исус бил љубезен, стрплив и толерантен затоа што дошол на Земјата за да им помогне на луѓето да се зближат со Бог, а не за да ги осуди. Главниот мотив за сѐ што правел била љубовта (Јован 3:17; 13:34).
Љубовта ни помага и нам да станеме потолерантни кон другите и да направиме место во нашето срце за сите, без оглед на нивните слабости и маани. Во Колошаните 3:13 пишува: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“.
„Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Петрово 4:8)
Зошто толеранцијата треба да има граници?
КАКВА Е СОСТОЈБАТА ДЕНЕС:
Во многу земји, властите се обидуваат да го одржат редот и мирот. Затоа поставуваат ограничувања во врска со однесувањето.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
„[Љубовта] не се однесува непристојно“ (1. Коринќаните 13:5). Иако Исус бил многу толерантен, не преминувал преку лошото однесување, лицемерството и злобата. Наместо тоа, тој храбро ги осудил овие лоши постапки и особини (Матеј 23:13). Исус рекол: „Оној што прави зло ја мрази светлината [на вистината]“ (Јован 3:20).
Апостол Павле напишал: „Мразете го злото, држете се за доброто“ (Римјаните 12:9). Тој живеел според овие зборови. На пример, кога некои еврејски христијани почнале да се двојат од христијаните кои не биле Евреи, Павле, кој самиот бил Евреин, цврсто, но љубезно им кажал дека тоа не е исправно (Галатите 2:11-14). Павле знаел дека Бог „не е пристрасен“ и дека не дозволува меѓу неговиот народ да има расни предрасуди (Дела 10:34).
Како христијани, Јеховините сведоци живеат според библиските мерила (Исаија 33:22). Затоа, не толерираат злоба во христијанското собрание кое треба да биде чисто и не дозволуваат во него да има луѓе кои ги прекршуваат Божјите мерила. Токму поради тоа, Сведоците го слушаат следниов библиски совет: „Отстранете го злобниот од својата средина!“ (1. Коринќаните 5:11-13).
„Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото!“ (Псалм 97:10)
Дали Бог засекогаш ќе го толерира злото?
ВО ШТО ВЕРУВААТ МНОГУМИНА:
Сѐ додека постои човекот, ќе постои и злото.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Пророкот Авакум во молитва го прашал Јехова Бог зошто го дозволува злото. Авакум рекол: „Зошто гледаш неволја? Зошто се пљачката и насилството пред мене, зошто настануваат препирки и зошто избиваат караници?“ (Авакум 1:3). Бог му ветил на својот вознемирен пророк дека злобните ќе поднесат сметка. Го уверил дека тоа сигурно „ќе се исполни“ и „нема да задоцни“ (Авакум 2:3).
Дотогаш, злобните имаат прилика да се сменат и да престанат да прават лошо. Во Езекиел 18:23 пишува: „‚Зарем мене ми е мило да умре злосторникот,‘ вели Севишниот Господар Јехова, ‚а не да се одврати од своите патишта и да остане жив?‘“ Оние што се трудат да го сменат својот начин на живот затоа што сакаат да му угодат на Јехова може да бидат уверени дека ги очекува светла иднина. Во Изреки 1:33 пишува: „Кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“.
„Уште малку, и злиот ќе го снема... Кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11)