Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Ал-Хваризми

Ал-Хваризми

КОГА ја мерат својата тежина или кога ја пресметуваат сумата на она што го пазарувале, многу луѓе ги користат индо-арапските броеви. Зошто се нарекуваат индо-арапски? Се чини дека основата на денешниот нумерички систем, кој ги содржи броевите од нула до девет, потекнува од Индија и дека, благодарение на средновековните изучувачи кои пишувале на арапски, успеала да стигне во западните земји. Најистакнат меѓу овие изучувачи е Мухамед ибн-Муса ал-Хваризми. Тој е роден околу 780 год. од н.е. веројатно на територијата на денешен Узбекистан и е наречен „големиот херој на арапската математика“. Зошто се здобил со вакво признание?

„ХЕРОЈ НА АРАПСКАТА МАТЕМАТИКА“

Во една своја книга, Ал-Хваризми пишувал за практичната употреба на децималите и на поедноставен начин објаснил една метода за решавање на одредени математички проблеми која станала доста раширена (The Book of Restoring and Balancing). Зборот al-jabr кој се појавува во арапскиот наслов на оваа книга, Kitab al-jabr wa’l-muqabala, е корен на зборот алгебра. Есан Масуд, кој пишува на научни теми, вели дека алгебрата се смета за „најважната гранка од математиката која некогаш била откриена и која го поддржува секој аспект на науката“. *

Еден автор на шега вели: „Многу генерации на средношколци сметаат дека [Ал-Хваризми] не морал да се мачи толку многу“. Како и да е, целта на Ал-Хваризми била да ги поедностави пресметките при тргувањето, при поделбата на наследството, при мерењето земјени површини итн.

Со векови подоцна, математичарите од западниот свет, меѓу кои биле Галилео и Фибоначи, многу го ценеле Ал-Хваризми поради тоа што детално објаснил како се користат равенките. Објаснувањата на Ал-Хваризми го отвориле патот за понатамошни истражувања на полето на алгебрата, аритметиката и тригонометријата. Со помош на тригонометријата, изучувачите од Блискиот Исток можеле да ги пресметаат аглите и страните на триаголниците и да вршат понатамошни истражувања во областа на астрономијата. *

Алгебрата е „најважната гранка од математиката која некогаш била откриена“

Оние што ги користеле сознанијата на Ал-Хваризми откриле нови начини како да се употребуваат децималите и како да се пресметува површина и волумен. Архитектите и градежниците од Блискиот Исток ги користеле овие напредни методи долго време пред нивните колеги од Западот, кои дознале за нив за време на крстоносните војни. Архитектите и градежниците од Западот, потпомогнати од образовани робови и имигранти кои биле муслимани, подоцна го примениле ова знаење во своите родни земји.

АРАПСКАТА МАТЕМАТИКА СЕ ШИРИ

Со текот на времето, книгите на Ал-Хваризми биле преведени на латински. Италијанскиот математичар Фибоначи (о. 1170-1250), кој уште бил познат и како Леонардо од Пиза, е заслужен за ширењето на индо-арапските броеви во западниот свет. Тој слушнал за арапските броеви за време на своите патувања во земјите околу Средоземното Море и потоа напишал книга за нив (Book of Calculation).

Биле потребни векови за објаснувањата на Ал-Хваризми да станат познати. Но, денес неговите методи и начини на пресметување наоѓаат голема примена во науката и технологијата, а особено во трговијата и индустријата.

^ пас. 5 Во современата алгебра непознатите броеви се претставени со букви, како што се x или y. Еден пример е равенката + 4 = 6. Ако од двете страни на равенката одземеме 4, ќе дознаеме дека x е еднакво на 2.

^ пас. 7 Грчките астрономи биле првите што ги пресметувале страните и аглите на триаголниците. Изучувачите кои биле муслимани ја користеле тригонометријата за да одредат во кој правец се наоѓа Мека. Муслиманите сакаат да се молат свртени со лицето кон Мека. Исто така, според нивната традиција, мртвите треба да се погребуваат со лицето свртено кон Мека и месарите треба да бидат свртени во правец на Мека кога ги колат животните за храна.