Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Дали постои Бог? Зошто е важно да го дознаеме одговорот?

Дали постои Бог? Зошто е важно да го дознаеме одговорот?

Некои луѓе сметаат дека не е можно да се одговори на прашањето дали постои Бог, а други, пак, мислат дека одговорот воопшто не е важен. Ерве, кој пораснал во Франција, вели: „Иако не се изјаснувам како атеист или агностик, не сум побожен. Според мене, ќе успееш во животот ако го користиш разумот. За тоа не е потребно да веруваш во Бог“.

Некои можеби ќе се согласат со она што го вели Џон од САД: „Пораснав со родители кои не веруваа во Бог. Кога бев помлад, немав изграден став за тоа дали постои Бог. Сепак, понекогаш размислував на таа тема“.

А како е со тебе? Си се прашал ли некогаш дали постои Бог и дали човечкиот живот има некоја повозвишена цел? Можеби си наишол на некои факти кои тешко можат да се објаснат доколку не постои Творец. На пример, фактот дека животот не настанал од нежива материја или научните факти дека во природата постојат совршени услови кои овозможуваат да има живот на нашата планета. (Види ја рамката „ Испитај ги фактите“.)

Овие факти се многу важни. Тие се како патокази кои те водат кон богатство. Ако најдеш цврсти докази дека Бог постои и ако подобро го запознаеш, тоа многу ќе ти користи во животот. Да видиме како.

1. ВИСТИНСКА СМИСЛА ВО ЖИВОТОТ

Ако животот навистина има повозвишена цел, сигурно сакаме да дознаеме која е таа и како влијае врз нас. Ако Бог постои, а ние не сме свесни за тоа, тогаш живееме без да ја знаеме најважната вистина.

Библијата вели дека Бог е Извор на животот (Откровение 4:11). Како може ова да му даде смисла на нашиот живот? Да видиме што пишува во Библијата за тоа.

Луѓето се најуникатните суштества на Земјата. Според Библијата, Бог нѐ создал да бидеме слични на него, со способност да ги покажуваме особините што ги има тој (1. Мојсеева 1:27). Освен тоа, од Библијата дознаваме дека луѓето можат да бидат блиски со Бог (Јаков 2:23). Ништо не може да ни даде поголема смисла во животот од блискиот однос со нашиот Творец.

Оние што се блиски со Бог можат лично нему да му ги искажат своите чувства и мисли во молитва. Тој ветува дека ќе ги слушне и дека ќе им помогне (Псалм 91:15). Исто така, ако сме блиски со Бог, ќе можеме да дознаеме што мисли тој за одредени работи и ќе ги најдеме одговорите на најважните животни прашања.

Ако Бог постои, а ние не сме свесни за тоа, тогаш живееме без да ја знаеме најважната вистина

2. ВНАТРЕШЕН МИР

На некои луѓе им е тешко да веруваат дека постои Бог затоа што во светот има многу страдања. Тие сметаат дека, ако има семоќен Бог, тој не би дозволил да има страдања и зло.

Од Библијата дознаваме дека Бог никогаш немал намера луѓето да страдаат, ниту, пак, да умираат. Во почетокот, кога ги создал првите луѓе, на Земјата немало страдање (1. Мојсеева 2:7-9, 15-17). Дали можеме да веруваме дека навистина било така? Па, ако постои семоќен Творец и ако љубовта е неговата најистакната особина, тогаш тој сигурно сакал луѓето да живеат токму таков живот.

Но, зошто човештвото денес се наоѓа во толку тешка ситуација? Библијата објаснува дека Бог ги создал луѓето со слободна волја. Ние не сме роботи и не сме принудени да го слушаме Бог. Адам и Ева, првиот брачен пар од кој потекнуваат сите други луѓе, одлучиле да постапат според своите себични желби наместо да му бидат послушни на Бог (1. Мојсеева 3:1-6, 22-24). Бидејќи сме нивни потомци, ние ги чувствуваме болните последици од нивниот грев.

Многу нѐ теши сознанието дека страдањето не е дел од Божјата намера за човештвото. Сепак, никој од нас не сака да страда. Затоа ни е потребна надеж за иднината.

3. НАДЕЖ

Веднаш по побуната, Бог ветил дека, во времето што самиот го одредил, ќе ја исполни својата намера со Земјата. Бидејќи е семоќен, ништо не може да го спречи во тоа (Исаија 55:11). Наскоро, Бог ќе ги отстрани сите последици од побуната и ќе ја оствари својата првобитна намера со Земјата и човештвото.

Што може да значи ова за тебе? Да разгледаме само две од многуте ветувања за иднината што Бог ни ги дал во Библијата.

  • ЗЛОТО ЌЕ БИДЕ ОТСТРАНЕТО И ЌЕ ИМА МИР ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ. „Уште малку, и злиот ќе го снема. Ќе го побараш на местото негово, а него ќе го нема. А кротките ќе ја поседуваат земјата и ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).

  • НЕМА ДА ИМА БОЛЕСТИ И СМРТ. „Никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). ‚Севишниот Господар Јехова ќе ја уништи смртта засекогаш и ќе ги избрише солзите од секое лице‘ (Исаија 25:8).

Зошто можеме да имаме доверба дека ветувањата што Бог ни ги дал во Библијата ќе се исполнат? Затоа што многу пророштва што се запишани во неа веќе се исполниле до најситен детаљ. Сепак, надежта дека во иднина ќе нема страдања не нѐ ослободува од тешкотиите што ги имаме сега. Каква помош ни дава Бог денес?

4. ПОМОШ КОГА ИМАМЕ ПРОБЛЕМИ И КОГА ТРЕБА ДА ДОНЕСЕМЕ ОДЛУКИ

Бог ни дава совети и поуки за да ни помогне да се справиме со проблемите и да донесуваме мудри одлуки. Некои одлуки не се толку сериозни, но други може да влијаат врз целиот наш живот. Не постои човек кој би можел да ни даде толку мудри совети како нашиот Творец. Бог знае сѐ што се случило досега и сѐ што ќе се случи во иднина. Тој нѐ создал и знае што е најдобро за нас.

Преку својот свет дух, Бог ги водел писателите на Библијата да ги запишат неговите мисли. Во Божјата Реч пишува: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш“ (Исаија 48:17, 18).

Бог има неограничена моќ и сака да ја искористи за наше добро. Тој во Библијата е опишан како грижлив татко кој сака да ни помогне. Во неа стои: „Таткото, кој е на небото, ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Светиот дух од Бог ќе ни даде водство и ќе нѐ зајакне.

Како можеш да добиеш помош од Бог? Библијата вели: „Оној што му пристапува [на Бог] мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“ (Евреите 11:6). За да се увериш дека Бог постои, мора сам да ги испиташ доказите.

ЌЕ СЕ ПОТРУДИШ ЛИ ДА ЈА ДОЗНАЕШ ВИСТИНАТА ЗА БОГ?

Потребно е време за да ја дознаеш вистината за Бог, но ќе имаш голема корист ако го сториш тоа. Размисли за искуството на Суин Сиау, кој се родил во Кина, а сега живее во САД. Тој вели: „Иако верував во еволуција, ме интересираше Библијата. Затоа почнав да ја проучувам со Јеховините сведоци. Бидејќи последната година на факултет бев многу зафатен и немав време да ја проучувам Библијата, не бев толку среќен. Но, кога почнав редовно да проучувам, почувствував вистинска радост“.

Дали сакаш подобро да го запознаеш нашиот Творец, Јехова Бог? Зошто не одвоиш време да дознаеш нешто повеќе за него?