Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Страдање

Страдање

Некои луѓе сметаат дека Бог е виновен за страдањата на луѓето или дека, во најмала рака, е рамнодушен на она што се случува. Но, дали и Библијата го кажува тоа? Одговорот можеби ќе те изненади.

Дали Бог е виновен за нашите страдања?

„Навистина, Бог не прави зло“ (Јов 34:12)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Некои велат дека сѐ што се случува е Божја волја. Затоа си мислат дека причината за нашите страдања е Бог. На пример, кога ќе се случи некоја природна катастрофа, тие мислат дека со тоа Бог ги казнува оние што направиле грев.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата јасно кажува дека Бог не е виновен за нашите страдања. На пример, во неа пишува дека, кога минуваме низ тешки моменти, би било погрешно да речеме: „Бог ме искушува“. Зошто? Затоа што „Бог не може да се искуша со зло, а и тој никого не искушува со зло“ (Јаков 1:13). Со други зборови, Бог никогаш не ги предизвикува нашите искушенија ниту, пак, страдањата што ги трпиме поради нив. Тоа би било злобно, а „Бог не прави зло“ (Јов 34:12).

Ако не е Бог, тогаш кој или што го предизвикува нашето страдање? За жал, честопати луѓето страдаат поради други несовршени луѓе (Проповедник 8:9). Освен тоа, некои несреќи се должат на ‚непредвидени настани‘, односно на тоа што сме се нашле на погрешно место во погрешно време (Проповедник 9:11). Библијата учи дека зад страдањето на луѓето стои „владетелот на овој свет“, Сатана Ѓаволот, бидејќи ‚целиот свет е под негова власт‘ (Јован 12:31; 1. Јованово 5:19). Значи, виновникот за страдањата на луѓето е Сатана, а не Бог.

Дали на Бог му е сеедно што страдаме?

„Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“ (Исаија 63:9)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Некои велат дека на Бог му е сеедно што страдаме. На пример, еден писател рекол дека Бог „очигледно нема ни милост ни жал кога страдаме“. Според него, ако Бог постои, тогаш сигурно ги гледа луѓето со „студена рамнодушност“.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата покажува дека Бог не само што не е безмилосен или рамнодушен туку е длабоко трогнат од нашите страдања и наскоро ќе им стави крај. Прочитај ги следниве три утешни вистини од Библијата.

Бог е свесен дека страдаме. Уште од самиот почеток на човечкото страдање, ниту една солза не останала незабележана од Јехова, * бидејќи „неговите очи набљудуваат“ сѐ (Псалм 11:4; 56:8). На пример, кога неговите слуги од минатото биле угнетувани, Бог рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ“. Но, дали само површно бил свесен за нивната мака? Не, затоа што додал: „Добро ги знам нивните болки“ (2. Мојсеева 3:7). За многу луѓе е утешна и самата мисла дека Бог знае низ што сѐ минуваме, дури и кога другите не се свесни за тоа или не можат потполно да нѐ разберат (Псалм 31:7; Изреки 14:10).

Бог сочувствува со нас кога страдаме. Јехова Бог не само што е свесен дека луѓето страдаат туку тоа и длабоко го погодува. На пример, Бог бил многу потресен кога неговите слуги во минатото доживувале разни неволји. „Во сите нивни неволји тој чувствуваше болка“, вели Библијата (Исаија 63:9). Иако Бог е далеку повозвишен од луѓето, тој сочувствува со оние што страдаат — како нивната болка да е во неговото срце! Навистина, „Јехова е полн со сочувство и милосрден“ (Јаков 5:11). Освен тоа, Јехова ни помага да го поднесеме страдањето (Филипјаните 4:12, 13).

Бог ќе им стави крај на сите страдања. Библијата покажува дека Бог ќе му стави крај на страдањето на секој човек. Преку своето небесно Царство, Јехова од корен ќе ја смени состојбата во која се наоѓаат луѓето. Во врска со тоа време, Библијата ветува: „[Бог] ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка. Сѐ што беше порано, помина“ (Откровение 21:4). А што е со оние кои умреле? Бог ќе ги воскресне овде, на Земјата, па тогаш и тие ќе можат да живеат без никакви страдања (Јован 5:28, 29). Дали некого ќе го измачуваат болни сеќавања на страдањата од минатото? Не, бидејќи Јехова ветува: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Исаија 65:17). *

^ пас. 13 Јехова е името на Бог, кое го дознаваме од Библијата.

^ пас. 15 За да дознаеш зошто Бог дозволил извесен период да има страдања и како ќе им стави крај, види ги поглавјата 8 и 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.