Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Римските аквадукти — градби за восхит

Римските аквадукти — градби за восхит

ОД СИТЕ неверојатни градби од антички времиња, римските аквадукти се едни од најзначајните. „Споредете ги овие важни градби што носат толку големи количини вода со пирамидите што немаат никаква практична намена или со бескорисните, иако славни, дела на Грците!“, напишал управителот Секст Јулиј Фронтиниј (35-о. 103 од н.е.), надлежен за водоснабдувањето на градот Рим. *

Зошто имало потреба од аквадукти?

Древните градови обично се граделе во близина на вода. Тоа било случај и со Рим. Отпрвин, реката Тибар и околните извори и бунари обезбедувале доволно вода. Но, од четвртиот век пр.н.е натаму, Рим нагло почнал да расте, со што растела и потребата од вода.

Бидејќи само малку куќи имале водовод, во Рим биле изградени стотици приватни и јавни бањи. Првата јавна бања во градот Рим била отворена во 19 год. пр.н.е., а вода добивала преку аквадуктот Аква Вирго. Овој аквадукт го изградил Марко Агрипа, близок пријател на цезарот Август. Тој вложил голем дел од своето огромно богатство за да се поправи и прошири системот за водоснабдување во Рим.

Со текот на времето, бањите станале места за дружење. Во поголемите имало дури и градини и библиотеки. Бидејќи водата што доаѓала од аквадуктот не можела да се сопре, таа истекувала од бањата преку одводни цевки постојано чистејќи ги од отпад, вклучувајќи ги и фекалиите од нужниците кои биле во склоп на бањата.

Изградба и одржување

На што помислуваш кога ќе чуеш „римски аквадукт“? На високи сводови кои се протегаат во недоглед? Всушност, сводовите сочинувале помалку од 20 отсто од аквадуктите, а поголемиот дел од нив се наоѓал под земја. Освен што тоа било поевтино, на тој начин аквадуктите биле заштитени од ерозија и при нивното поставување не морале да се прават големи измени во населбите и нивите. На пример,  аквадуктот Аква Марсија, завршен во 140 год. пр.н.е., бил долг околу 92 километри, од кои само десетина километри отпаѓале на сводови.

Пред да се гради аквадукт, се правела проценка на квалитетот на потенцијалниот извор на вода така што се проверувале чистотата и вкусот на водата и брзината со која тече. Исто така, се земала предвид физичката состојба на мештаните што ја пиеле. Кога ќе била дадена дозвола за изградба, геодетите одредувале каде точно и под кој наклон ќе бидат поставени цевките, како и нивната ширина и должина. Најчесто, работна сила биле робовите. За да се изгради аквадукт, биле потребни години, поради што биле прилично скапи проекти — особено ако се граделе и сводови.

Освен тоа, аквадуктите морале да се одржуваат и да се штитат. Во еден период, градот Рим за одржување на аквадуктите имал вработено околу 700 луѓе. При проектирањето се планирало и како ќе се одржуваат. На пример, до подземните делови на аквадуктите можело да се дојде преку отвори и шахти. Кога биле потребни поголеми поправки, водата од оштетениот дел можела привремено да се пренасочи.

Аквадуктите во градот Рим

Во почетокот на третиот век од н.е., градот Рим се снабдувал со вода главно преку 11 аквадукти. Првиот, Аква Апија, изграден во 312 год. пр.н.е. и долг само 16 километри, речиси целосно бил под земја. Друг аквадукт бил Аква Клавдија од кој и ден-денес се зачувани некои делови. Тој бил долг околу 69 километри, од кои околу 10 километри биле сводови, а некои од нив биле високи и по 27 метри!

Колку вода носеле аквадуктите до градот? Многу! На пример, преку аквадуктот Аква Марсија до Рим дневно доаѓале околу 190 милиони литри вода. Кога водата стигнувала до градските подрачја — носена главно под дејство на гравитацијата — се влевала во резервоари, а потоа во водоводна мрежа преку која водата се носела до други резервоари или до локациите каде што можела да се користи. Според некои проценки, системот за водоснабдување на Рим толку се проширил што дневно можел да испорачува преку 1.000 литри вода на жител.

Со ширењето на Римското Царство, „аквадуктите стигнале секаде каде што стигнал и Рим“, пишува во книгата Аквадуктите и водоснабдувањето во Рим (Roman Aqueducts & Water Supply). И ден-денес, во Мала Азија, во Северна Африка, во Франција и во Шпанија можеме да им се восхитуваме на овие чуда на инженерството.

^ пас. 2 Римјаните не се првите што граделе системи за снабдување со вода. Пред нив тоа го правеле и други древни народи, како Асирија, Египет, Индија и Персија.